1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со ултразвук против ракот!

1 јуни 2010

Ултразвукот се‘ почесто се користи за третман на ракот на црниот дроб, дебелото црево и простатата. Со термички игли и машините ХИФУ кои ги има само во неколку центри во Европа, ултразвукот го „гори“ ракот.

Фотографија: DW

Испитувањето со ултразвук, по лабораториската анализа, стана втор метод за дијагностицирање. Новините кај ултразвукот не се само во новата генерација апарати кои се мобилни, мали и лесни како кутија цигари, туку и во доменот на нивната примена.

Ултразукот не се користи само за дијагностицирање -професор Дитер НирнбергФотографија: DW

„Може да се каже дека ултразвукот загуби од својата наивност. Ова значи дека ултразвукот не покажува само слики, туку сега со примена на игли и катетри, преку боцкање и мали резови на кожата, интервенираме во внатрешноста на телото. Со посебни игли и сонди може да се направи пункција, да се извлече течност, но и да се земе дел од сомнителното или болното ткиво“, истакнува доктор Дитер Нирнберг, претседател на Германското друштво за ултразвук и шеф на Клиниката за гастроентерологија од Неурупин.

Прецизни интервенции

Со термичка сонда водена со ултразвук се „гори“ тумор од 5 сантиметри - доктор Аксел ШтангФотографија: DW

Така, со примена на ваквите сонди, специјално опремени со термичка глава и со придружните контрастни средства, може да се уништат туморите. „Исто како сондите за дијагностицирање кои лекарот ги управува преку сликата на ултразукот, иглата се поставува во туморот, се навигира, и потоа врвот на оваа сонда се загрева. Сондата останува во туморот десетина минути. Целата постапка се одвива под локална наркоза и мала доза средства за смирување“, објаснува и доктор Аксел Штанг, од Клиниката за хематологија, онкологија и палиативна медицина од Хамбург.

Она што може да се оперира, треба да се оперира

Всушност, врвот на иглата преку електрода се загрева меѓу 60 и 100 степени и ги уништува клетките на туморот. На ваков начин можат да „изгорат“ тумори со големина од 5 до 6 сантиметри. Доктор Штанг објаснува и зошто овој метод главно се применува за пациенти со карцином на црниот дроб и метастази на дебелото црево.

ХИФУ-машината се’ уште ја нема во Германија - професор Клаус ШлотманФотографија: DW

„Затоа што дозволува целосна контрола на навигирањето на иглата и текот на постапката се контролира. На врвот на сондата која се загрева, се формираат меурчиња. Воздухот многу добро се препознава на ултразвук сликата. Со вбризгување на контрастно средство може да се види и дали туморот е целосно уништен. Ако има остатоци, тие се видливи и веднаш иглата се пренасочува и уште еднаш се делува со топлина“.

Ова не е експериментален, туку одобрен и докажан метод, чија процедура се дефинира во таканаречен тумор-борд, во кој се специјалисти од различни области и кои одлучуваат за постапката и терапијата на болниот. А правилата се јасни. Она што може да се оперира треба да се оперира. Но, има пациенти кои не може да се оперираат, зашто не е само техничко прашање дали еден тумор на црниот дроб може да се отстрани или не, туку во прашање е целокупниот статус на пациентот. За еден 85-годишник класичната операција со анестезија може да биде ризична. Со новиот метод пациентот без компликации по два-три дена може да замине дома. Штанг е јасен дека и кај термичките интервенции има ризици, а тие се во доменот на инфекциите, зашто уништеното ткиво е добра подлога за бактериите.

Предност на машината ХИФУ

Вака функционира ХИФУФотографија: DW

Најголема новина во светот е примената на ултразвукот без игли и сонди. Ова го овозможува машината ХИФУ за чија работа Клаус Шлотман, шеф на Клиниката за гастроентерологија од Улм појаснува дека станува збор за апарат кој работи по принципот на високо интензивно фокусиран ултразвук. Ова значи дека ултразвукот се фокусира преку едно конкавно огледало, во површина не поголема од 9 на 3 милиметри, со што се создава и екстремна топлина. Значи, идеја е во телото, каде е туморот, оваа топлина прецизно да се насочи. Температурата од 90 степени се развива само за една секунда и со неа се „бомбардираат“саканите точки, односно болните клетки.

Ваква машина со ултразвук се користи за уништување на ракот на простататаФотографија: DW

„Во Германија се’ уште нема вакви машини. Во Европа ги има во Оксфорд, во Барселона и во Пиза. Но, интересно е дека над 150 ХИФУ-машини има само во Кина, Хонг Конг, Јапонија, Кореја. Ова е пред се’ заради тоа што на Далечниот исток има многу пациенти со карциноми на црниот дроб и поедноставно е да се третираат со ХИФУ отколку да се оперираат“, истакнува докторот Шлотман.

Малата слична варијанта на ХИФУ за третирање само на карциномот на простата ја има во повеќе центри во Германија. Ваквата терапија има предност што по третманот пациентите не страдаат од импотенција или инконтиненц, што е речиси редовна последица на класичните операции.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми