1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со учење и спорт староста станува релативна категорија

11 октомври 2011

Германското општество се менува, тоа е се’постаро, поразновидно и помало. Работниот век ќе биде продолжен, што подразбира учење во старост и одржување чекор со трендовите на новото време.

Plakat Bildung in der 2.Lebenshälfte und Erfarung bei BASF
Фотографија: Silvera Padori-Klenke

Луѓето од третото доба, кои многумина ги сметаат за старо железо, според експертите, и во иднина ќе бидат потребни, особено ако се има предвид демографската катастрофа која и‘ се приближува на Германија и доколку се фатат во костец со новините. А, го можат ли тоа? Способни ли се да учат кога се на чекор до пензија?

„Старите луѓе можат прекрасно да учат, некогаш дури подобро и од младите, но во просек побавно. Но, учењето е можно, исто како и кај младите“, вели за Дојче Веле, професор Михаел Фалкенштајн од Институтот за истражување на работата „Лајбниц“, на Техничкиот универзитет од Дортмунд.

Учењето е навика!

„Во Германија има универзитети каде има студии за сениори. Станува збор за програми за постарите луѓе, на 60 и 70 годишна возраст, кои можат да студираат. Во производните погони е поинаку. Рака на срце и таму постојано се учи многу ново, главно од страна на раководниот кадар. Но, проблем се постарите работници, недоволно квалификуваните. Кај нив маката е што цел живот практично никогаш сериозно не учеле и не сакаат да учат ново ниту во погоните. Практично тие треба да научат како да учат“, подвлекува професор Фалкенштајн.

Значи проблемот не се годините, ниту староста, туку навиката. Оние што никогаш не учеле, овој дефицит го влечат целиот живот. Ваквите луѓе едноставно имаат страв од учење и за нив е потребна поддршка. Ова е познато во многу претпријатија од индустријата, каде дообразованието и учењето стануваат дел работната култура, особено во големите, каде бројот на вработените од генерацијата 40 плус е во пораст. Позитивно искуство со создавање Центри за учење во рамките на фабриките има хемискиот концерн БАСФ каде има над 100.000 вработени ширум светот.

Учењето е навика, секој може да учи, смета проф. Михаел ФалкенштајнФотографија: Silvera Padori-Klenke

„Инсистирањето на т.н. доживотно учење за нас, како претпријатие, е од стратешко значење. Кај нас учењето се организира така што тоа треба да биде лесно, атрактивно и достапно за секого“, подвлекува Јохан Штаинке, одговорен за кадровските прашања во БАСФ, каде е осознаен ризикот што го носи демографијата, особено тука, каде секој трет работник припаѓа на генерацијата 40 плус. Поради потребата од следење на технолошките трендови и дообразувањето на сите генерации без исклучок, фирмата формираше Центри за учење, односно доквалификување. Лоцирани во кругот на фабриките, со атрактивниот простор и специјализирани тимови, на генерациите 50 плус им е овозможено да учат според индивидуалните интереси и најпогодните методи. Нема поделби и семинари исклучиво за возрасните, туку учењето е во мешовити генерациски групи. Фирмата смета дека само така ќе може едни од други да профитираат и младите и старите кои чекаат пензија. Но, дали е навистина така?

„Ова е можно, меѓутоа само под услов кај младите да постои свест дека старите знаат многу повеќе, или многу подобро од нив. Ова не функционира кога има конкуренција. На пример, во фабричките хали кога младите се прашуваат што бараат старците тука?! Значи вакви тимови функционираат само доколку има за тоа атмосфера“, го кажува своето искуство професор Михаел Фалкенштајн, според кого демографијата наметнува учење во текот на целиот живот, без исклучок на возраста. Ако ваквиот став се прифати како филозофија на живеењето, според Фалкенштајн, тогаш е јасно дека и со 60 години ќе може да се научи она што се бара и што е неопходно. Значи натамошното дообразование во фабричките погони се подразбира. И важно е што повеќе нема да се важи принципот кој сака ќе учи, туку секој ќе мора. Единствено кај генерацијата 50 и 60 плус е што за учење на овие лица им е потребна тишина и индивидуален распоред на времето во совладувањето на новата материја.

Нема програми за „освежување“ на знаењата

Учењето во втората половина од животот им треба и на оние, претежно жени, кои десетици години биле посветени на семејството. Станува збор за лица кои пред семејната фаза биле одлично квалификувани. Поради паузата, сега имаат проблем да најдат приклучок во професионалните текови, зашто нивното знаење не е во тек со новините кои секојдневно ги носат науката и работниот процес. Компримирани и иновативни наставни програми, кои би биле освежување на сознанијата и можност за ново вработување на луѓето со диплома - нема, вели Ута Гале-Хан, раководител на проектот што се одвива во Мајнц и се занимава со перспективите на оние што сакаат да се вратат на работа.

„Наша желба би била универзитетите и високи школи да се подотворат и да можат да понудат компримирани „ап-дејт“ програми за природните науки. Не може никој со 45 години да си дозволи повторни студии. Можеме да си претпоставиме една комбинирана програма меѓу универзитетите и претпријатијата, и тоа така што претпријатијата би посочиле каков кадар им треба и соодветните лица за одреден период би отишле на универзитет на дообразба и актуелизирање на знаењата“, коментира Ута Гале-Хан.

Универзитетите не нудат програми за актуелизирање на знаењето на кадрите кои поради семејството не работеле - Ута Гале-Хан координатор на еден проект од МајнцФотографија: Silvera Padori-Klenke

Универзитетите главно се држат до своите програми, во кои, рака на срце, имаат и понуди за сениорите. Официјалната статистика вели дека од 1997 година до лани, половина од 40.000 регистрирани слушатели-гости во универзитетските сали биле лица од генерацијата 60 плус. Интерес имало за наставата по филозофија, историја, класични јазици, природни науки, економијата. Единствениот универзитет исклучиво за генерацијата 60 плус е основан во 2006 година, во Бад Маинберг, каде покрај општите студии, има специјализација и за „Сениор консултант“, со која многумина пензионери стануваат експерти и повторно се вклучуваат во работниот процес како советници, главно во браншата во која цел живот работеле.

Спорт и учење за здрав ум!

Дека ангажманот, физичкиот и менталниот, и во третото доба подмладува, докажуваат и научните истражувања. Според нив, нервните клетки во мозокот задолжени за меморирање и учење се создаваат и кај старите.

„Човек може да учи и во втората половина од животот. Оваа способност за учење може да се подобри доколку се практикува активен спорт: џогинг, пливање , возење велосипед и паралелно со тоа се учи странски јазик, се негуваат социјалните контакти, се оди во кино, тетар, се гледа телевизија. Значи, секоја форма на духовна стимулација е важна. Ако ова е придружено со здрава исхрана, постигнат е максимумот што човек за себе лично може да го направи“, коментира и др. Александар Гарте од Универзитетот во Дрезден. Или како што дополнува Сузане Грос-фон Рајхенбах од „Пауер-М“ од Минхен - може да се учи на секоја возраст:

„Потребна е само смелост и желба да се осознаат и постигнат професионалните цели. Потоа, речиси се‘ е можно!“.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми