Со фудбал до подобра интеграција
20 септември 2009
Очигледно, интеграцијата функционира на фудбалскиот терен, но кај навивачите и здруженијата не секогаш толку добро. Расизмот и нетолеранцијата кон странците се раширени меѓу навивачите. Германскиот фудбалски сојуз, токму затоа, пред три години именуваше посебен ополномоштеник за интеграција. Тоа е Ѓул Кескинлер. Во што се состои нејзината работа, интеграција преку фудбал?
Фудбалот има предност, зашто има меѓународни правила
Работата почнува веќе на мини-фудбалските игралишта.
На едно такво, во школскиот двор на католичкото училиште Хесхофштрасе, во келнската населба Фингст, децата играат фудбал на терен со димензија 13 на 20 метри. Игралиштето е оградено и прекриено со трева. Во моментот на него има шест играчи, момчиња со светла, со темна боја на косата и на кожата. По Светското фудбалско првенство во Германија, во 2006 година, Германскиот фудбалски сојуз спонзорираше неколку илјади вакви мини терени и тоа пред се‘ во деловите каде е висок процентот на мигранти, како во Фингс. Тука заедно играат девојчиња и момчиња од различно потекло. Тоа функционира, вели директорот на училиштето Манфред Бродесер:
„Кај фудбалот тоа не е никаков проблем. Овде играат деца од различна националност, а фудбалот ја има таа предност, што правилата во него се интернационални.“
Децата играат фудбал без судии и без какви било конфликти и повреди, вели Бродеср и додава - на младите им треба движење. За училиштето, кое се наоѓа во социјално проблематичен кварт, ова е чиста добивка.
„Без спорт и без фудбал овде би било значително потешко, како интеграцијата, така и учењето.“
Преголема задача
Мини-терените беа првите концепти на кои работеше ополномоштеникот за интеграција Ѓул Кескинлер, откако Тео Цванцигер, претседателот на Германскиот фудбалски сојуз и‘ ја додели доброволната работа и почесната функција. Таа за неа беше вистинско изненадување.
„Прво размислував, зашто Германскиот фудбалски сојуз е најголемата доброволна организација во светот, со 6,5 милиони членови, со 26 илјади спортски здруженија. Пред мене ја гледав оваа огромна планина и не знаев како да почнам, иако е ова доброволна работа. Тоа беше преголема задача за мене.“
Подолски, Клозе и Асамоа како примери
Кескинлер, која во Германија дошла од Истанбул на шест години и за која спортот бил од голема помош во вклопувањето во германското општество, брзо ја согледала моќта и можностите на ваква огромна организација. Фудбалот е спорт кој во цел свет предизвикува воодушевување:
„Во меѓувреме се‘ повеќе има и одушевени девојчиња, па и од конзервативни муслимански семејства."
А вредностите на фудбалот, значи заедничка борба за иста работа, треба да се пренесат врз интеграцијата, не само во фудбалот, туку и образованието, економијата и политиката. “
Важни примери и идоли, притоа, се мигрантите кои во Германија направиле кариера како фудбалери: Лукас Подолски на пример, Месут Езил или Фатмире Бајрамај, фудбалерка во националната репрезентација, која потекнува од Косово:
„Сите политичари говорници немаат ништо против тоа што ќе го каже Месут Елмиз: ова е наша земја и јас се одлучив за неа. Тоа го може само фудбалот.“
Ѓул Кескинлер е прв ополномоштеник на Германскиот фудбалски сојуз, таа има улога да трасира пат, да ги охрабрува мигрантите да не се ангажираат само во турските здруженија во Германија, туку да се осмелат на активност и за германските. А на Германците треба да им стане јасно дека и тие ќе бидат добитници ако Турците, Мароканците, или Албанците не се затвораат во свои кругови.
Ѓул Кескинлер работи 20 часа неделно како ополномоштеник за интеграција. Таа е присутна на сите натпревари на германската репрезентација. Пари за живот заработува на поинаков начин. Доброволната работа во интеграцијата и‘ причинува задоволство. Неодамна и‘ се јавил нејзиниот најстар чичко од Турција за да и‘ честита за титулата европски првенки на германските фудбалерки.
Автор: Андреа Лојг / Жана Ацеска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска