1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со фудбал до помирување?

Дегар Акан5 септември 2008

Дали може пријателски фудбалски натпревар меѓу Турција и Ерменија да отвори нова ера во долгогодишните замрзнати односи меѓу двете земји? Не се очекува проблемите да бидат решени преку ноќ но можен е пресврт.

Жителите во Ереван се надеваат на добри вестиФотографија: AP

Турција беше меѓу првите земји коишто ја признаа независноста на Ерменија во 1991 година, но односите меѓу двете земји се замрзнати од 1993 година. Причина, конфликтот во Нагорно Карабах меѓу Ерменија и Азербејџан, земја блиска до Турција. Инаку тензиите меѓу двете земји датираат од 1915 година - од времето на масакрот врз Ерменците за време на Отоманското царство - и тие и понатаму се предмет на контроверза, со оглед на фактот што Анкара одбива да го окарактеризира ова масовно убиство како геноцид. Двете земји имаат проблем и околу признавањето на границите.

Посетата на Ѓул пресвртница

Каан Сојак копретседател на турско - ерменскиот бизнис развоен совет, веќе десет години работи на помирување меѓу Турците и Ерменците и се труди да се развијат економските врски меѓу двете земји. Сојак вели дека посетата на Ѓул е пресвртница.

„Очигледно проблемот меѓу Турција и Ерменија, вклучувајќи ги и историските недоразбирања, како и признавањето на границите мора да се реши што е можно поскоро. Но, за сето тоа да се оствари мора да се направи првиот чекор. Затоа верувам дека оваа посета, ќе биде многу важна и ќе биде клучен момент во прогресот меѓу Турција и Ерменија.“

Абдула ЃулФотографија: AP

Сегашната криза на Кавказот ја прави посетата на Ѓул уште поважна. Турција неодамна предложи креирање на Група за стабилизација и соработка на Кавказот со цел да се намалат тензиите во регионот. Идејата е на една маса да се соберат Русија, Грузија и соседните земји Турција, Ерменија и Азербејџан. Сојак верува дека нормализацијата на турско-ерменските односи е клучна за успехот на ваквата турска иницијатива за Кавказот.

„Турција во изминативе недели зборува за креирање на Пакт за Кавказот. Но, без добри турско-ерменски односи проектот нема да успее. А Турција како „голем брат“ во регионот мора да има исти и објективни односи со трите мали држави на Кавказот: Грузија, Азербејџан и Ерменија.

Националистите критикуваат

Повеќе од една декада турската граница со Ерменија е затворена, а голем дел од Ерменците ја обвинуваат Турција дека е виновна за влошувањето на економската ситуација во земјата. Можното затоплување на односите раѓа надеж за многу Ерменци.


Теван Погосјан е извршен директор на Меѓународниот центар за развој во Ереван. И за него поканата од ерменскиот претседател Сарксијан до турскиот колега е важен чекор напред кон помирување.

„Ерменија испраќа порака дека сме подготвени за нормализација на односите. Кога ќе се воспостават повторно и дипломатски односи веднаш ќе дојде до серија преговори со кои ќе се решат тешките проблеми коишто постојат во историјата. “

Но, посетата на турскиот претседател Абдула Ѓул на Ереван предизвика критики кај националистите во двете земји. Турските националисти го предупредија Ѓул дека тоа ќе биде „историска грешка“, додека ерменските најавија протести. Според експертот Погосјан и покрај ваквите ставови на хардлајнерите посетата треба да се оствари.

„Ако Ерменија и Турција ја возобноват соработката и ако започнат разговори тоа ќе предизвика многу позитивни реакции. Така сите видови националистички и радикални мислења се повеќе ќе бидат маргинализирани.“


Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми