1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спасен Договорот, спасена ли е препораката?

Катерина Блажевска6 ноември 2015

Партиската четворка постигна решение за сите заостанати обврски од Договорот од Пржино. По нивното правно формализирање, се очекува законите в понеделник да влезат во собраниска процедура

Се испразни Клубот на пратениците. Важната лидерска средба заврши со успех. Аналитичарите, експертите, политиколозите.., веројатно заспале пред да добијат информација за епилогот. Низ улиците на Скопје рано утрово владееше тишина. Единствената „врева“ ја предизвикуваа млади кои се враќаа од ноќните забави и чекорите на вработени кои заминуваа од ноќните смени.

„Се договориле?“ Зачудено прашува Марко, студент на Правниот факултет.

„Искрено, ништо не им верувам. На 2 јуни се договорија, на 15 јули се договорија, па ништо не спроведоа. Штом по трет пат се 'договориле', сега сум навистина сигурен дека ништо нема да биде од тоа“, вели со видлива доза на иронија.

М.В. фармацевт, (39) вели дека ги следи настаните поврзани со Договорот од Пржино, но има сомнеж дали тој ќе донесе резултати.

„Не сум убедена. Не поради точките од Договорот, туку поради однесувањето на политичарите. Пред странците глумат конструктивност, а надвор од средбите продолжуваат да се плукаат. Таквото однесување не ми дава надеж дека се смениле. За да се променат состојбите, прво политичарите мора да се променат“, уверена е таа. Не и‘ значи ништо кој ќе биде министер или премиер, ако се продолжи „по старо“.

Сите победници

Час претходно, околу еден по полноќ, во Клубот на пратениците „падна“ одлука: Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, ќе биде министер за внатрешни работи до изборите на 24 април, а неговата партиска колешка, потпретседателката Фросина Ременски е новата министерка за труд и социјална политика. Ова се кадровските решенија предложени од СДСМ и договорени во консултација со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, откако партиите претходно ги усогласиле ставовите за новиот Закон за Влада и за спроведување на другите заостанати обврски од Договорот од Пржино. Лидерот на СДСМ за заменик министер за финансии го предложил Кире Наумов, за земјоделство Љупчо Николовски, а за информатичко општество и адиминистрација - Александар Кирацовски.

Партиските челници изразија задоволство од постигнатиот договор, но секој со различни аргументи за очекувањата од него.

„Вечерва победи Македонија. Ова е нов почеток за Македонија и за сите нејзини граѓани... Овој договор е основна гаранција за имплементирање на она што се очекува од него. Секако, тој сам за себе, нема доволно зборови или членови од законите кои ќе бидат доволна гаранција. Тоа зависи од сите нас, партиципиенти на изборите и гаранти на нивната регуларност“, рече Заев.

Датумот за избори останува непроменет - 24 април, а премиерот треба да даде оставка не подоцна од 100 дена пред одржувањето на изборите. Потоа, Владата до изборите ќе остане во ист состав, но со нов премиер. На прашањето - што очекува ВМРО-ДПМНЕ од изборите на 24 април, Груевски најави убедлива победа.

„Очекуваме убедлива победа, во најлош случај како минатата година, а мислам дека и посилно од тоа. Она што е најважно, забетонирано е дека нема одложување на изборите, тоа што некој го посакуваше, и не може да избега од судот на народот и од одлуките на народот. Во оваа држава одлучува народот и никој друг. Граѓаните и овојпат ќе покажат пред целата европска и светска јавност дека не е можно со валкани игри да се дојде до власт. Тоа сакам да го види СДСМ. Да се покаже дека со интриги и валкани игри, наместо со труд и работа, не се доаѓа на власт“, рече премиерот.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека победи Македонија и дека е добро што се овозможува земјата преку избори да излезе од кризата и да им се врати на евроатлантските интеграции. Имер Алиу кој ја претставуваше ДПА во отсуство на лидерот Мендух Тачи, порано ја напушти средбата.

Договор пред објавувањето на Извештајот на ЕКФотографија: MIA

Законите да се усвојат пред Извештајот на ЕК

Постигнатиот договор денеска треба да биде правно формализиран, преточен во Закон за Влада, во кој точно ќе се дефинираат договорените надлежности на министрите и на замениците - министри. Таканарениот закон за заштита на приватноста (за забрана на објавување на „бомбите“) ќе стапи во сила, но ќе се применува по шест месеци, откако за него ќе се изјасни Венециската Комисија. За објавување на „бомбите“ медиумите ќе одговараат само ако материјалите се однесуваат на приватноста, но не и за информации од јавен интерес. Тој, како и законот за заштита на „свиркачите“, за измените на Изборниот законик и одлуката за формирање на парламентарна Анкетна комисија за прислушкуваните комуникации, ќе се најдат пред Собранието најверојатно во понеделник, откако денеска работните групи ќе ги конкретизираат содржинските и техничките детали.

Наша интенција е законите да бидат донесени, а министрите и замениците министри да бидат избрани пред објавувањето на Извештајот на Европската Комисија, изјави Заев и објасни дел од надлежностите на новите функционери.

„Министерот за внатрешни работи може да разрешува и распоредува одредени раководни лица. Нашата интенција не е да ги смениме сите раководители, секако таму има професионалци, но бараме шанса да ја извршиме обврската за раководење со МВР и со Министерството за труд. Ова го правиме да добиеме гаранција за граѓаните за слободно изразена волја на изборите на 24 април, што покрај власта, ќе го гарантира и опозицијата. Замениците министри имаат право на вето за сите финансиски, правни и човечки ресурси, кои се однесуваат на организација на изборите“, рече лидерот на СДСМ.

Во случај на различно толкување на прашања поврзани со изборите, надлежна за решавање ќе биде ДИК. Според договорот, министрите на опозицијата ќе можат да прават кадровски измени, но на секој нов назначен функционер од нивна страна, заменикот ќе биде од ВМРО ДПМНЕ.

Во транзицискиот период треба да следи демократизација на институциите, преку реформи, пред се, во правосудството и медиумите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми