„Спасете го народот, а не банките и концерните!“
12 ноември 2011
Девет часот наутро. Поголемиот дел од вкупо 70-те шарени шатори во паркот среде франкфуртскиот банкарски кварт се се‘ уште затворени. Нивните жители, судејќи според се´, уште спијат. Но, пред големиот бел шатор, првите ранобудници веќе чекаат за кафе. Зад две споени кампинг-маси стои Лук, студент од Канада, со голем термос-чајник во раката.
„Патувам по Европа. Пред две недели бев во Берн и од таму со стопирање дојдов во Франкфурт. За движењето бев слушнал од порано и кога веќе не сум во Канада за таму да му се приклучам, си помислив дека можам овде да се вклучам.“
Оттогаш Лук од изутрина до навечер стои во кујната и за околу стотина истомисленици подготвува кафе и храна. „Леб има по цел ден, а топол оброк само доколку ние го подготвиме”, вели тој.
Поддршка од граѓаните
Шаторот-кујна стои веднаш покрај огромниот син симбол на Европската централна банка. Симболот е закитен со транспаренти, испишани со рака: „Револуција сега или никогаш” пишува со црвени букви на еден од транспарентите од хартија, што е по малку ошететен од дождот.
Движењето „Окупирајте го Франкфурт“ нема избрани гласноговорници, ниту пак платформа за комуникација на интернет. Со колегите од Њујорк, Мадрид или Лондон се договараат преку социјалната мрежа Фејсбук, при што всушност се координираат само термините за демонстрациите - се’ друго се организира на локално ниво.
Еден човек на средни години на младиот Канаѓанец му предава четири кеси полни со јаболка и пријателски порачува:
„Ги купив затоа што сакам да покажам солидарност со сите кои демонстрираат овде.”
Лук се заблагодарува и задоволно ги носи јаболката на местото каде што ја чуваат и останатата храна - брашното, колбасите за скара, џемот - сето тоа се доброволни прилози од граѓаните на Франкфурт.
Разбирање од банкарите
Околу пладне сите веќе се станати, редот за храна е долг. Ученичката Ана во подебел џемпер, со шал и волнени грејачи преку чизмите, работи во павилјонот за информирање. Таа веќе десетина минути дискутира со еден господин во црн костум, кој љубопитно ги разгледува плакатите. „Дали одлуките се критикуваат на собирите“ , прашува тој, а Ана со насмевка одговара: „Да, во принцип се´се доведува во прашање.” Тој зема еден од флаерите и полека се шета назад кон високата кула во заднината. Таму е седиштето на неговиот работодавач, Европската централна банка. Тоа што зданието на неговата фирма веќе со недели е под опсада на демонстрантите, не му пречи.
„Воопшто не сум лут, ги разбирам овие луѓе. Ситуацијата е тешка, тоа го гледаме и на примерот со Грција каде се воведуваат опсежни мерки на штедење. Можеби и тука ќе мора да се воведат такви мерки. И затоа е потполно разбирливо што протестираат.”
Ана нема конкретно решение за финансиската криза, но тоа никој не го ни очекува од неа. „Ние пред се´ сакаме да покажеме дека така понатаму не оди, ни помалку, ни повеќе од тоа...”
Плуралистичко движење
За попладнето е закажана прес-конференција, на која членовите на „Окупирајте го Франкфурт“ ќе се појават заедно со членови на „Атак“, движењето на критичарите на глобализацијата, кое постои повеќе години, како и со членови на Здружението на германските синдикати. Тука се и двајца претставници на шпанското движење „Индигнадос”, кое ги организира протестите во Мадрид. Приврзаниците на „Окупирајте го Волстрит“ не се плашат дека организациите како „Атак“ или синдикатите би можеле да го присвојат нивниот протест. „Ние сме браќа по дух“, вели претставникот на „Индигнадос“, кој инаку живее во Германија и не сака да го каже името.
„Секако дека не се фузиониравме со синдикалната организација, или со Атак. Сметаме дека сме делови на плуралистичко движење.“
Но, тој не открива дека движењето „Окупирајте го Волстрит“ е упатено на организациските способности на „Атак“ и на контактите со медиумите што ги имаат синдикатите. Тие пак, тоа го прават исто не сосема несебично, бидејќи и самите профитираат од ентузијазмот и полетот што го донесе движењето против моќта на банките. Нему токму, а не ним, му појде од рака да придвижи повеќе илјади луѓе да излезат на улица - прв пат од почетокот на банкарската криза.
„Активно, а не општество раководено од малцинство!"
Во непосредна близина на централата на Европската централна банка разговараат околу 30-тина припадници на движењето „Окупирајте го Франкфурт“ седнати на дрвени палети. Тема на средбата се последните подготвки за следните демонстрации и тие се обидуваат да договорат кој ќе биде задолжен за контакт со медиумите во таа прилика. Клаудија го става своето име на списокот што кружи и потоа продолжува да си ги грее прстите на филџанот кафе. Некакви долгорочни цели немаме, а не сакаме ни да имаме, вели оваа девојка со темна боја на косата и куса фризура:
„Не станува збор за тоа да понудиме некое јасно формулирано решение или пак да поднесеме предлог-закон. Мислам дека она што навистина ни‘ треба е информирање на луѓето за да излезат од нивните дневни соби и канцеларии, да се активираат и да добиеме повторно поактивно општество, а не такво кое го управува и раководи некакво малцинство!“
Автор: Фридерике Шулц / Светлана Брик
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска