1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Спасовски: Да бидеме одговорни кон здравјето на граѓаните

12 март 2020

Пред денешната лидерска средба на која ќе се разговара за мерки и предлози во однос на состојбата со коронавиурусот, премиерот Спасовски повика на единство и одговорност од сите партии

Mazedonien Regierungssitz in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ноќеска на полноќ заврши рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на дијаспората за гласање, а вечерва на полноќ истекува и рокот за поднесување кандидатски листи до Државната изборна комисија (ДИК) за парламентарите избори закажани на 12-ти април. Досега сите активности се одвиваат според роковникот на ДИК, но како понатаму ќе течат активностите, ќе зависи од евентуалната експанзија на коронавирусот, односно од одлуките на Владата, но и од она што денеска ќе биде договорено на лидерската средба што ја свика премиерот Оливер Спасовски.  Со оглед дека изборната кампања треба да започне за десетина дена, на 23-ти март, и да заврши на 10-ти април, се очекува обемот и форматот на кампањите да биде една од главните теми на денешната средба.

„На оваа лидерска средба треба да разговараме во однос на мерките, да слушнеме предлози, да бидеме единствени, да повикаме на одговорност и на партиите од власта, и од опозицијата, и најважно од се е денеска да изненадиме со нашата одговорност и со единство во однос на здравјето и животот на граѓаните, изјави премиерот Спасовски во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Тој повика сите да придонесат за полесно се надмине состојбата.

„Партиските цели, надмудрувања, политиканство кои се случуваат по многу прашања, да покажеме дека може да ги надминеме кога е прашање на животот на нашите деца. Сите да бидеме дел од приказната и сите заедно да допринесеме во оваа состојба", порача Спасовски.

Вирусот ќе ги диктира изборните активности

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера изрази увереност дека изборите нема да се одложат.

„Премиерот Спасовски не повикува лидерите на поголемите политички партии за да разговараме околу моделите на водење на кампањата, веројатно да ни укаже нас, на лидерите, а да пренесеме и на коалициските партнери каков вид на кампања е дозволива, што е препорачливо, и како да се придржуваме до сите препораки од страна на државните институции.

Јас лично не гледам на ниту еден начин, ниту било која причина за изборите да се одложуваат. Тоа е целта која сакаме да ја постигнеме и не е добро да се одложат изборите, тие треба да се одржат. Сите државни ресурси се подготвени, екипирани и парламентот е распуштен, веќе се е подготвено“, изјави Заев.

Коронавирусот ќе влијае и на начинот на водење изборна кампањаФотографија: DW/P. Stojanovski

Со оглед дека се забранети јавни собири со присуство над 1.000 лица, тој смета дека кампањите може да се спроведат и преку други комуникациски алетки.

„Сега можеби коронавирусот ќе не стави во позиција на некој поинаков вид на кампања. Секако, електронските медиуми се на располагање, интернет можностите се на располагање, видео стримови и така натаму. Верувам дека ќе допреме до граѓаните, важно е тие да знаат за што ќе гласаат, што ќе бираат. Важно е граѓаните да излезат. Не е исто дали успешноста на изборите ќе биде со 45% или со 75%. Така што веруваме дека максимално ќе ги мотивираме граѓаните да излезат на гласање“, изјави Заев.

Со истите дилеми се соочуваат и други земји кои се пред изборни процеси. Преседателот на Србија, Александар Вучиќ, запрашан дали епидемијата може да ги одложи тамошните избори закажани за 26 -ти април, не ја исклучи таа можност.

„Доколку имаме многу потешка ситуација, тогаш се знае какви се уставните овластувања. Доколку и дојде до поместување, тоа ќе биде две или три недели“, рече Вучиќ. 

Српски правни експерти укажуваат дека може да има одложување на изборите доколку се воведе вонредна состојба со одлука на парламентот, поради заразна болест што загрозува животи на граѓаните. Во таков случај суспензијата на избирачкото право би почнала од денот на воведување на вонредната состојба, а би се пролонгирала најмногу двапати по 90 денови.

Казни за лажни вести

Откако СЗО вчера прогласи пандемија на новиот коронавирус, соседно Косово воведе вонредни мерки, а македонското МВР од утрово во 7 часот го затвори за возила и патници граничниот премин „Пелинце“, а сите патници и возила се пренасочуваат кон граничниот премин Табановце – Прешево.

Повеќе:

Уште двајца заболени од коронавирус во Дебар

Лидерите на иста маса, кафеанските маси на „преглед“

Коронавирус: Висока цена поради лажните вести и неодговорноста

Трите најголеми опасности за изборите

Согласно со вчерашните одлуки на Владата, МВР е задолжено да презема и соодветни мерки за сите лица кои на социјалните медиуми ќе објавуваат дезинформации, односно невистини, како и за медиумите кои тие невистини ги пренесуваат. Од МВР апелираат до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјални податоци објавени од надлежните институции. Јавниот радиодифузен сервис и државната новинска агенција МИА се задолжени на дневна основа да ги објавуваат сите заклучоци, мерки и препораки усвоени од Владата за превенција од ширење на Ковид-19.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми