1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПД бара патишта за забрана на деснорадикалната НПД

13 ноември 2006

Во прилог на ваквата намера се изјасни и вицеканцеларот Франц Минтеферинг

Франц Минтеферинг
Франц МинтеферингФотографија: AP

Фракцијата на социјалдемократите (СПД) во германскиот Бундестаг ја разгледува можноста за промена на законите, за да може со успех да биде направен нов обид за забрана на десноекстремистичката Национал-демократска партија на Германија – НПД. НПД е “одвратна и антидемократска партија”, вели Себастијан Едати од СПД, претседател на парламентарната Комисија за внатрешна политика за денешното издание на весникот “Пасауер ное пресе”. Тој потврди дека неговата фракција ја испитува можноста за поведување нова постапка за забрана.

Вицеканцеларот Франц Минтеферинг синоќа на телевизијата АРД се искажа во прилог на идејата за поведување постапка за забрана: “Прво треба да се подобри превентивната работа, ние како општество мора да се погрижиме за младите луѓе за да не трчаат по нацистите – а станува збор за нацисти, не за нео-нацисти. Но, ние мораме да ги искористиме и можностите за репресија. Ако НПД може да биде забранета, што ќе треба да се провери, тогаш недвосмислено сум за тоа” – рече Минтеферинг.

И претседателот на синдикатот на полицајците Конрад Фрајберг дава подршка на постапка за забрана: “Политички забрана во секој случај би била на место. НПД беше и останува партија која е во спротивност со уставот”, вели Фрајберг.

Сенаторот за внатрешни работи од Берлин Ерхард Кертинг (СПД) иницира повлекување на информантите на Службата за заштита на уставот од редовите на НПД, чие присуство таму беше причина за неуспехот на првиот обид за забрана во 2003-та година. Против поведување нова постапка за забрана се неговите колеги од Баварија, Баден Виртемберг, Рајнланд Пфалц и Саксонија Анхалт, како и партијата на Зелените и германските либерали.

Првиот сојузен партиски конгрес на НПД одржан на викендот во Берлин и’ даде нов поттик на дебатата за нов обид за забрана на таа партија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми