СПД го лансираше изборниот манифест
5 јули 2005Документот од 41 страна што се нарекува „изборен манифест„ во основа содржи зголемен данок за лица кои остваруваат најголеми приходи, подобрени услови за семејствата и воведување минималец. Конечниот збор за партиската изборна програма го имаат делегатите на Конгресот свикан за 31 август.
По шестчасовните разговори во партиското раководство, претседателот Франц Минтеферинг манифестираше задоволство од постигнатото:
„Сакаме да чекориме по солиден социјалдемократски пат, чија содржина се просперитет и стопански раст, а кој исто така се грижи за тоа благосостојбата што на тој начин ќе биде постигната да им биде од полза на сите, а пред се‘ да се грижи за тоа да има доволно работни места.„
Изборниот манифест на социјалдемократите е еден вид исполирана социјалдемократска програма, со неколку нови акценти и помали корекции на курсот на канцеларот Герхард Шредер. Така Агендата 2010 останува и понатаму темелна ориентација на нивната политика, но сега со заложба за изедначување на неславната помош за невработени во старите и новите покраини. Тоа треба не само да ги одоброволи бирачите во источните германски покраини, туку и да ги смири критичарите во партиските редови.
СПД во изборната програма се дефинира како партија на социјална првада и тоа го оправдува и со заложбата за зголемување на даночната стапка за оние кои најмногу заработуваат од сегашните 42 на 45%. Од друга страна, СПД сака да им го олесни даночниот товар на претпријатијата и да воведе минималци во браншите каде нема важечки тарифни договори со синдикатите. Програмата се изјаснува решително против зголемување на данокот на додадена вредност, за што размислуваат опозиционите христијанско демократи:
„Тоа би било погрешен знак за домашната побарувачка„ – појасни шефот на партијата, Франц Минтеферинг.
Натамошна точка од изборната програма на СПД е семејната политика, при што владеачката партија се залага за воведување накнада за родителот што останува дома со новореденото дете и тоа до една година по раѓањето. За тоа како треба да се финансира ваквата новина, Минтеферинг рече само:
„Ќе мора да дојде до натамошно разградување на субвенциите.„
Претседателот на Социјалдемократите Франц Минтеферинг и канцеларот Герхард Шредер денеска во Берлин ќе и‘ ја претстават на јавноста подетално изобрната програма, со цел по бројните кавги од изминатите месеци да ги обединат партиските редови за изборната кампања.