1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПД е ставена на клучна проба

Ралф Бозен
16 јануари 2018

Германската СПД се колеба да влезе повторно во владина коалиција со ЦДУ и ЦСУ. Погледот кон нејзината историја помага да се разбере ставот на партијата која преживеа прогон на нацистите, 2 светски војни и бројни екстреми

Deutschland SPD-Chef Martin Schulz in Dortmund
Фотографија: picture-alliance /dpa/M. Kusch

Средината на 19. век во Германија беше време на прелом и голема беда. Индустријализацијата и порастот на бројот на населението предизвикаа масовна сиромаштија. Протестот против социјалната неправда и јазот меѓу фабрикантите и работниците растеше.

Социјалистичката работничка партија на Германија, спаѓа во првите организации кои се ставија во заштита на обесправените. На властодршците таа им стана трн в око. Беа донесени закони со кои се спречуваа собирите и се отежнуваше активноста на партијата, но нејзината популарност растеше.

Во 1890. година Социјалистичката работничка партија на Германија се преименува во Социјалдемократска партија на Германија. По крајот на 1. Светска војна, таа доби шанса да учествува во креирањето на политиката. Во Вајмарската Република, првата парламентарна демократија во Германија, на владини функции беа избрани социјалдемократи. Во 1918. година беше воведено правото на жените да гласаат на избори, за што СПД се бореше цели 28 години.

Прогон од нацистите

Но, нестабилните политички односи и светската економска криза придонесоа за во 1933. година на власт да дојде Националсоцијалистичкатра работничка партија на Адолф Хитлер. Неброени социјалдемократи, борци за нивните идеали кои не избегаа во егзил, беа ликвидирани во концентрациони логори.

Ханс Којне од Институтот за истражување на демократијата во Универзитетот во Гетинген смета дека ова искуство има оставено печат врз сликата која СПД ја има за себе. Историската нарација на СПД е дека „во мрачните времиња на германската историја на диктатурата, таа беше демократска сила на отпорот.“

Во 1969. година СПД успеа да го земе кормилото на власта. Во коалиција со Слободната демократска партија на Германија, ФДП, СПД формираше влада на чело со канцеларот Вили Брант. Социјалдемократскиот канцелар беше креатор на политика на попуштање со државите од Варшавскиот пакт. Во историјата остана забележан и почитуван неговиот гест  на 7. декември 1970. година во Варшава - паѓањето на колена пред споменикот на Полјаците убиени во Втората светска војна од страна на нацистите.

Историски гест на Вили БрантФотографија: Imago/Sven Simon

Од Нобелова награда до оставка

„Историски гледано, политиката на Брант кон Источниот блок е најголемиот придонес на поствоената СПД“, оценува Томас Погунтке, директор на Институтот за истражување на партиите на Универзитетот во Диселдорф во разговор за Дојче веле. Таа резултираше со успех „да се залечат раните од војната и да се прифати реалноста - поделбата на Европа, загубата на германските источни области и поделбата на Германија.“

За својата источна политика, Брант доби Нобелова награда за мир. Но, неговата канцеларка кариера беше неочекувано окончана. Неговиот соработник Гинтер Гијом, беше разоткриен како шпион од Германската Демократска Република, по што Брант поднесе оставка. Негов наследник стана министерот за финансии Хелмут Шмит. Но, најжестоката проба на партијата допрва ѝ претстоеше.

Агенда 2010 донесе голема штета за СПДФотографија: picture-alliance/dpa

Агенда 2010 предизвика раскол во партијата

По ерата на Хелмут Кол од ЦДУ, во 1998. година канцеларксата функција ја презеде Герхард Шредер од СПД. Тој го воведе проектот Агенда 2010, концепт на реформи на социјалните системи и пазарот на труд во Германија, воведување сектор на ниски плати заради справување со невработеноста. Економските показатели се чини му даваат за право на Шредер, но традиционалистите во СПД и верните гласачи на партијата се почувствуваа оставени на цедило. Се зборуваше за распродажба на душата на партијата. Партиското лево крило се отцепи и се спои со наследниците на поранешната источногерманска државна партија.

Во подоцнежната голема коалиција под водство на Ангела Меркел, СПД мораше да прави натамошни отстапки. Но, и онаму каде успеваше да оствари програмски пробив, на крајот профитираше канцеларката. Дебакл на покраинските парламентарни избори, промени на раководните позиции и постојаните фракциски борби даваат привид дека СПД остана без ориентација. Од нејзините слабости профитираат други, како Левицата и десничарите од АфД.

Повеќе на темата: 

Германија: се распаѓа ли политичката левица

Шредер: Не ни треба циркус, туку голема коалиција

Падот на социјалдемократите: без план, без храброст и без компас

Конкуренција од лево и од десно

СПД недвојбено сега треба да се бори со поголем број конкуренти и до извесен степен е приклештена, вели политикологот Погунтке. „Кога постојат повеќе партии, тоа води неминовно кон тоа тие да бидат помали“. Освен тоа, во СПД уште не е конечно расчистено дали тежиштето треба да биде ставено повеќе на центарот или е потребно враќање кон левичарските вредности.

По последните парламентарни избори, СПД не сакаше да влегува во ново издание на големата коалиција. Сега пак раководството повторно зборува за таква можност. Дали може да остане верно на партиските идеали, за кои е водена толку долга и болна борба? За Погунтке од Универзитетот во Диселдорф ништо не е исклучено: „Сега партијата е растргната меѓу желбата да се консолидира во опозиција и принудата да учествува во голема коалиција.“ Нејасно е каков ќе биде ставот на базата. „Сето ова може да заврши со катастрофален пораз на партиското водство“, вели политикологот Погунтке.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми