1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПД, Зелените и Либералите на чекор до нова влада

БГ /АФП
15 октомври 2021

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц е се поблиску до целта да ја наследи Ангела Меркел како канцелар, откако неговите социјалдемократи, Зелените и Либералите постигнаа начелен договор.

Berlin | Pressekonferenz nach Sondierungsgesprächen
Лидерите на идната владејачка коалиција во Германија (од лево): Аналена Бербок (Зелени), Олаф Шолц (СПД) и Кристијан Линднер (ФДП). Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Трите партии разговараат уште од победата на Социјалдемократите (СПД) на парламентарните избори во Германија одржани на 26 септември. 

„Севкупно, чувствуваме дека е можен нов почеток со трите партии кои се тука“, рече Шолц.
„Се усогласивме на заеднички текст од подготвителните разговори“, рече тој, додавајќи дека „ова е многу добар резултат кој јасно покажува дека може да се формира влада која ќе биде насочена кон напредок“.

Ко-претседателката на Зелените Аналена Бербок рече дека првичниот договор е предвесник на „коалиција на прогрес“ која ќе ја искористи следната деценија како деценија на обнова. 

Партијата на Меркел оди во опозиција 

Постигнатиот договор значи дека партијата на досегашната канцеларка Ангела Меркел, ЦДУ ќе замине во опозиција откако го оствари најлошиот изборен резултат во својата историја. Конзервативците, кои на изборите ги предводеше Армин Лашет, планираат да одржат конгрес во декември на кој треба да се избере ново раководство. 

Шолц, кој беше вицеканцелар во владата на Меркел, е оптимист дека трипартитните преговори ќе донесат нова влада во земјата пред Божик. 

Коалицијата на СПД, Зелените и Либералите (ФДП)- позната и како „семафор“ според боите на трите партии- црвена, зелена и жолта- има голема поддршка и кај граѓаните. Според анкетите 62 проценти од испитаниците во Германија ја преферираат оваа коалиција. Рејтингот на Шолц е уште повисок и за него како „добар“ избор се изјасниле 75% од испитаниците. 

Трите партии досега се договориле да продолжат со политиката на фискална дисциплина „без нови долгови“ и да не се зголемуваат даноците.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми