СПД има намера да го тужи германскиот претседател
22 јануари 2012Шефот на пратеничката група на СПД во покраинскиот парламент во Долна Саксонија Штефан Шосток, изјави дека Кристијан Вулф, актуелен Сојузен претседател и поранешен премиер на таа покраина, на парламентот во Долна Саксонија му дал погрешни информации околу финансирањето на една приватно организирана економска средба. Тужбата против Вулф би требало да биде поднесена уште во текот на претстојнава недела, изјави Шосток за весникот „Билд ам Зонтаг“.
Во позадината на случајот стојат информациите дека гостите на спорната лоби-манифестација „Дијалог север-југ“ добиле подарок книги за готвење, кои во тоа време покраинското министерство за земјоделство ги кофинансирало со 3411 евра. Според информации на „Хановершен алгемајне цајтунг“, тогашниот шеф на кабинет на Вулф, Лотар Хагебелиг, во 2010 година пред покраинскиот парламент изјавил дека за настанот не се потрошени пари од покраината.
Парламентот во Хановер е од страна на кабинетот на Вулф „намерно погрешно информиран“, изјави Шосток за „Билд ам Зонтаг“. СПД размислува и за тужба против актуелната покраинска влада во Долна Саксонија, поради тоа што во четвртокот (20.01) покраинскиот министер за финансии Хартмут Мелринг во парламентот негираше какво било финансиско учество на покраината во случајот.
Поради постојано новите обвинувања на сметка на Сојузниот претседател Кристијан Вулф, првпат мнозинството Германци се изјасни за повлекување на претседателот од функцијата. Во анкетата на Институтот за истражување на јавното мислење „Емнид“, 53 проценти од испитаниците се изјасниле за оставка на Вулф, поради тоа што тоа би било подобро за угледот на Германија. За останување на Вулф на функцијата се 37 проценти испитаници.
Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска /ртр/дпа/афп
Редактор: Александар Методијев