1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПД и Шредер видени со очите на меѓународниот печат

10 февруари 2004

Состојбата во владеачката Социјалдемократска партија на Германија и позицијата на канцеларот Герхард Шредер денеска се во фокусот на вниманието на повеќе странски весници.

Руска "Независимаја газета" оценува:

"Повлекувањето на Герхард Шредер од водечката улога на СПД може да се спореди со експлозија на бомба. Од црниот петок целата земја е во раздвиженост и дискутира жестоко околу промената на партискиот врв, реформскиот курс на владата, околу Шредер лично, па дури и за предвремени избори. Во моментов само 24% од германците би гласале уа социјалдемократите. Но, предвремени избори нема да има. Црвено-зелената влада и канцеларот не се директно загрозени од промената на врвот во партијата. Но, предавањето на шефовската столица на Франц Минтеферинг претставува загуба на моќта за Шредер. Авторитетот на канцеларот во редовите на неговата партија е чувствително повреден" - смета Московска "Независимаја Газета".

Словенечко "Дело" во концентрацијата на Шредер на канцеларската функција гледа негова последна шанса, па вели:

"Оставката лесно се толкува како пораз. Но, во овој случај таа можеби претставува нов почеток. Бидејќи Шредер имаше среќа да има при рака некого како Франц Минтеферинг, кој ги има сите карактеристики на полнокрвен припадник на левицата: неуморен работен елан, длабока верност кон партијата и лична скромност. Но, и покрај сето тоа е нејасно дали оваа промена ќе биде доволна за партијата одеднаш да постигне успех со нејзината досегашна политика" - се прашува словенско "Дело".

Швајцарски "Базлер цајтунг" ја гледата вината за кризата кај канцеларот, па коментира:

"Тој пречесто ја менуваше стратегијата и ги протурка реформите во еден вид насилен чин, при што често недостасуваше неопходната грижливост. Дотолку поголем беше хаосот, на пример кај реформата на здравството. На бирачите им е доста од лавирањето на Шредер и тоа би можело да го чини скапо, па дури и да ја загуби власта."

И Белградска "Политика" се фокусира на Шредер, па оценува:

"Билансот на неговата досегашна работа е скромен и како шеф на партијата и како канцелар. Дури и оние политичари кои му се наклонети признаваат дека тој многу задоцни со Агендата 2.010. Дали канцеларот сега е во состојба на бирачите да им посредува нова и успешна визија за иднината ќе се види на 11. март, кога треба да ја поднесе владината изјава за натамошниот развој на Германија."

Чешка "Млада фронта днес" се осврнува последиците во партиските редови на следниот начин:

"Промената на партискиот врв требаше да ги замолчи бунтовниците во партијата. Три дена потоа хаосот е поголем отколку пред тоа. Сегља голем број критичари излегуваат со нивното мнение во јавноста. А списокот со нивни барања што треба да биде изменето, отстрането или вратено назад станува се' подолга и подолга" - констатира "Млада фронта днес".

Од гледна точка на Норвешки "Афтенпостен" владата на Шредер на крајот се наоѓала на исправниот пат во содржински смисол: "Со реформите што беа протуркани кусо пред Божиќ, беа преземени први внимателни реформски чекори за смекнување на крутата регулатива на пазарот на работна сила, за поттикнување а домашната потрошувачка и за намалување на експлозивно пораснатите социјални давачки. Доколку промената на челото на СПД доведе до откажување од реформскиот курс, тоа може да има тешки последици. Барањето за нови избори од страна на опозицијата при тоа не добра идеја, бидејќи на Христијанско демократската Унија и' недостасуваат уверливи алтернативи. А нова предизборна борба исто така уште повеќе би го загушила реформскиот процес, што ионака се случува преку другите бројни избори на повеќе нивоа во Германија годинава" - заклучува норвешки "Афтенпостен".

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми