1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПД сака „фер“ работен пазар

16 март 2010

Социјалдемократската партија во Германија е во криза, што покажува и рекордно нискиот резултат од 23 проценти на парламентарните избори минатата година. Новото раководство планира реформа на реформата од ерата Шредер.

Претседателот на СПД Зигмар Габриел е за промени во реформата од 2009 годинаФотографија: AP

Изминаа точно седум години откако Герхард Шредер го претстави пакетот реформи, таканаречената „Агендата 2010“. Со неа Германија требаше да се подготви за иднината. Со новите структури на работниот пазар и со социјалниот систем, владата очекуваше поголем економски пораст и стабилност. Шредер тогаш најави пораст: „Нашата ’Агенда 2010’ содржи далекусежни структурни реформи, кои до крајот на оваа деценија со просперитет и работа повторно ќе ја вратат Германија на врвот.“

СПД плати со губење на моќта

Канцеларот Герхард Шредер на првата регионална конференција на СПД во Бон, за „Агендата 2010“Фотографија: DPA

Примањата на невработените беа намалени, но требаше да се подобри нивното згрижување и посредување при барањето работа. Ова предизвика голема несигурност меѓу населението, а СПД плати со губење на моќта и се` помал број членови. Сега СПД внимателно почнува да се оградува од агендата. Шефот на партијата Зигмар Габриел истакнува: „Сметам дека и СПД има право да ги разграничи принципите кои биле соодветни пред седум години, а случувањата во изминатите седум години придонесоа за незавидна состојба на работниот пазар.“

Раководството на СПД реагира со низа предлози за суштинските проблематични прашања за раформите на работниот пазар, воведени од владата на Шредер. Под одредени услови, невработените повторно треба подолг период да добиваат парична помош од прв степен.

Поставување барања и помагање на невработените

Со новата политика Габриел сака да привлече нови приврзаници за СПДФотографија: AP

Габриел исто така сака да се укине проверувањето на имотот, пред невработените да добијат помош од државата: „Сметаме дека треба да се хонорира продуктивноста на луѓето кои работат. Секој може да одлучи дали во текот на својот работен живот ќе ги троши парите, или ќе ги штеди, на пример за пензија. Ако ја загубат работата, не можеме да ги казниме оние кои штеделе. Тука спаѓа и поседување недвижности, поради тоа што не ги трошеле парите, туку ги заштедиле.“

Зигмар Габриел и раководството на СПД ги даваат овие предлози за поединечни критични прашања за реформите на работниот пазар, но тие не се за целосно отстапување од програмата: „Сметам дека не мора да се промени ништо во суштината на тогашните реформи на работниот пазар, имено да се направат понуди со кои ќе се овозможи враќање кон нормални работни односи на работниот пазар, а од друга страна да се бара ваквите понуди да се прифаќаат.“

Поставувањето барања и помагањето и понатаму ќе биде девизата на политиката кон невработените, исто и кај СПД.

Автор: Хајнер Кизел/Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми