Спектакуларен грабеж во париски „Риц“
11 јануари 2018Петмина маскирани крадци вчера околу 18:30 часот ги искршиле витрините со накит од различни јувелири во хотелот „Риц“, соопшти полицијата, која во меѓувреме уапси тројца од нив. Двајца извршители се сѐ уште во бегство. „Слушнавме тресок и многу бучава на улицата. Не знаевме што се случува. Ни беше кажано дека се работи за вооружен грабеж“, изјави еден од вработените во хотелот. Друг вработен тврди дека видел како мотоцикл брзо се оддалечува од хотелот веднаш по грабежот.
Полицијата соопшти дека бил ограбен накит во вредност од „повеќе милиони евра“. Агенцијата АФП подоцна, повикувајќи се на информација од кругови на правосудството, јави дека станува збор за плен во вредност од над 4 милиони евра.
Хотелот „Риц“ е еден од најпознатите луксузни хотели во Париз. Тој се наоѓа на плоштадот Вандом, каде има и голем број луксузни јувелирници. Бутиците на плоштадот во текот на изминатите години беа постојано цел на напади. По серијата од пет напади за само седум месеци, кои беа особено брутални и ризични, во 2014 година беа зајакнати безбедносните мерки во квартот.