1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

„Спејс Икс“ ја враќа вселенската трка

Роман Гончаренко
31 мај 2020

По девет години, Американците повторно самостојно испратија астронаути на Меѓународната вселенска станица. Тоа би можела да биде најава за крај на одличната соработка со Русија и враќање кон вселенската трка од минатото.

USA SpaceX Rakete mit zwei US-Astronauten von Cape Canaveral zur ISS gestartet
Фотографија: Getty Images/J. Raedler

„Three, two, one…“- по девет години, во саботата повторно се одбројуваше на англиски пред еден вселенски лет. Американските астронаути Роберт Бенкен и Даглас Харли во капсулата „Кру Драгон“ на ракетата „Фалкон 9“ полетаа од космодромот во Флорида кон Меѓународната вселенска станица (ИСС). „Историјата е испишана“, објави НАСА. Вечерва капсулата безбедно стигна до своето крајно одредиште.
Ова е првпат летот да го изведува приватна фирма- „Спејс Икс“ која ја финансира милијардерот Илон Маск. НАСА нема развиено сопствено летало уште од јули 2011 година. Но, освен „Спејс Икс“ и американскиот воздухопловен гигант Боинг планира летови без екипаж до крајот на годината, а со екипаж следната година.
Тоа е своевидно враќање на САД во елитниот клуб земји кои можат да префрлат луѓе во вселената- во тој клуб се само уште Русија и Кина.
За волја на вистината, Русија и САД последните години не беа ривали во вселенската трка, како што тоа беше случај за време на Студената војна. Двете земји, всушност, одлично соработуваа. Американските шатли летаа до руската вселенска станица Мир, а често екипажите беа мешани.
Во овој милениум Русите редовно изведуваа летови од космодромот Бајконур во Казахстан, заедно со американските астронаути. Едно време Русија имаше целосен монопол- откако Американците ги запреа програмите во 2003 поради експлозијата на шатлот Колумбија.
Но, тој монопол Русија не можеше да го користи онака како што се користат монополите во економијата, туку беше и „такси“ за Американците.
„Русија тоа не можеше да го одбие“, изјави за ДВ Игор Марињин од Руската академија за вселенски летови. Невозможно е, вели тој, да се одржува Меѓународната вселенска станица (ИСС) без Американците бидејќи „рускиот модул не е во состојба автономно да патува низ вселената“.
Во последните девет години имаше 40 успешни лансирања на рускиот Сојуз со американски астронаути во екипажот. Капсулата Сојуз може да носи тројца патници, а руската агенција Роскосмос наводно значително ги зголемила цените.
Според американски извори, порано патот до ИСС и назад чинеше 21 милион долари, а од неодамна Роскосмос бара 80 милиони. Засега е договорен само уште еден заеднички лет наесен кој ќе чини 90 милиони долари.

Двајцата астронаути од Спејс Икс по пристигнувањето на ИССФотографија: youtube/Nasa

Освојување на вселената

Напрегнатите односи меѓу Москва и Вашингтон, особено по анексијата на Крим во 2014, не влијаеа врз вселенската соработка. Само еднаш, пролетта 2014, Димитриј Рогозин- тогаш вицепремиер, а сега шеф на Роскосмос- се закани дека неговата земја нема повеќе да превезува американски астронаути до ИСС. Но, од таа закана немаше ништо.
Неодамна и рускиот претседател Владимир Путин во видео-разговор со екипажот на ИСС го фалеше „ефикасното партнерство“ на Русија и САД.
„Постои целосна координација со Американците“, вели и Марињин, но додава дека тоа важи само кога се во прашање патувања со екипаж и сервисирање на ИСС. Сосема е поинаку кога е во прашање испраќање сателити кои имаат комерцијален или воен карактер.
Со исклучок на летовите со екипаж, Русија беше и остана во далеку послаба позиција од САД, вели експертот за вселенски летови Андреј Јонин. Тоа, смета тој, особено ќе се види сега кога Американците повторно успеаја да испратат астронаути на ИСС.
„Така падна и последната завеса која го сокриваше недостатокот на мотивација и заостанатата технологија на Русија“, вели Јонин за ДВ. „Владата ќе сфати дека царот е гол“. Овој експерт се надева дека Москва ќе го искористи поводот за да го реформира Роскосмос и да биде посилен ривал во освојувањето на вселената.
Кога ќе се резимира, се чини дека соработката полека доаѓа кон крај. САД повторно сакаат на Месечината, како и Русија. Москва исто така планира сопствена вселенска станица која би ја заменила ИСС. Јонин вели дека може да се изгуби „непроценливо искуство од соработката“.
Доколку нациите поединечно ја освојуваат вселената, предупредува овој експерт, тоа ќе биде чекор назад и враќање кон вселенската трка од 60-те година. Овојпат поинтересна- бидејќи апетити имаат и Кинезите и Европејците.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми