1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спиралата на инфлацијата продолжува да се врти

Бригите Шолтес
22 јануари 2022

Инфлацијата се задржува на високо ниво, како во еврозоната, така и во САД. Од другата страна на Атлантикот цените во декември пораснале за 7 %, најголем скок во последните 40 години. Колку е опасен овој раст на цените?

Symbolbild Konsum, Einkaufen, Löhne, Kaufkraft
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

Според мислењето на многу економисти, инфлацијата деновиве го достигна својот врв и отсега може да се очекува пад. Но, основната стапка на инфлацијата и натаму ќе остане на повисоко ниво од очекуваното. Американската централна банка (ФЕД) пред неколку дена најави зголемување на каматите и воведување построга монетарна политика, и тоа осетно побрзо отколку што тоа беше најавено на крајот на минатата година.

Европската централна банка (ЕЦБ) најави дека од март ќе ја укине пандемиската програма на купување државни обврзници. Но, ЕЦБ со тоа ќе продолжи преку друга програма и тоа во обем од 20 милијарди евра. Подигање на каматите засега не е планирано по истекувањето на програмата за купување обврзници.

Сепак не е во прашање само „привремен феномен“

Во меѓувреме во рамките на управата на ЕЦБсе разијдуваат мислењата во поглед на фактичката висина на инфлацијата. Тие постојано укажуваа на тоа дека актуелната инфлација е „привремен феномен“, предизвикан од вонредни настани, како истекување на мерките за укинување на данокот на дополнителна вредност во Германија на почетокот на 2021 година. А тука е и неконтролираниот раст на цените на енергенсите, кој доведе до инфлација во втората година од пандемијата на коронавирус. Претходната, 2020 година, цените паѓаа поради рецесијата. 

Пред неколку дена, членката на претседателството на ЕЦБ, Изабел Шнабел, укажа на ризикот од долготрајно структурно траење на инфлацијата, условен од цената на борбата против климатските промени и растот на цените на енергенсите. Истовремено, нејзиниот колега од раководството на ЕЦБ, Филип Лејн, смета дека потенцијалот на раст на цените на енергенсите оваа година е понизок отколку во претходната.

Сепак, три главни фактори кои ќе влијаат на структурната инфлација, остануваат: декарбонизацијата, деглобализацијата и демографијата. „Тие фактори и во иднина ќе ја туркаат инфлацијата нагоре“, смета Карстен Брзески од германската ИНГ банка. На растот на цените влијае првенствено префрлањето од старите енергенси, како јагленот, нафтата и гасот, на зелени – обновливи извори.

Голем раст кај цените на енергенситеФотографија: Rolf Poss/imago images

Многу фактори се во игра

Компаниите научија нешто од пандемиската криза и се обидуваат, колку што е можно, производството да го приближат до своите пазари, надевајќи се на тој начин да ги избегнат проблемите со синџирите на испорака. Цените во висина ги тера и сѐ поакутниот недостиг од работна сила, поврзан со стареење на населението. „Тој фактор долготрајно би можел да влијае на растот на цените“, смета Брзески. Тој укажува и на тоа дека инфлацијата во последните години беше прениска, што е последица на глобализацијата, поделбата на работата и дигитализацијата. Европската централна банка не ги вклучуваше тие влијанија врз пресметките.

Главниот економист на германската Комерцијална банка, Јерг Кремер, смета дека е добро што се отвори дебата за инфлацијата. Според негово мислење, ЕЦБ не е свесна за ризиците од натамоше раст на инфлацијата. Поради растот на цените, ќе пораснат и платите, а стопанството тој раст на цените на производството ќе мора повторно да го префрли врз крајните потрошувачи. „Излезот од период на опуштена монетарна политика и натаму ќе теќе макотрпен и спор“, смета економистот од Комерцијална банка. Сепак, ни Кремер, ниту Брзески не очекуваат зголемување на каматите во оваа, туку дури во почетокот на идната година.

Повисоки камати, според мислењето на Институтот за макроекономија и истражување на конјунктурата, би го успориле опоравувањето по корона-кризата. Негативните проследни појави затоа би биле поголеми од ефектот на ублажување на инфлацијата, заклучува Институтот за макроекономија и истражување на конјунктурата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми