1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споредба на програмите: Што ветуваат партиите?

Оливер Залет
24 септември 2017

Кои се ставовите на најважните политички партии во Германија за бегалците, работата, даноците, безбедноста, образованието?

Symbolbild EU Wahl Wahlplakate
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бегалци и миграција

Ситуација како онаа во 2015. година веќе нема да се повтори, велат партиите од Унијата (Христијанско-демократската унија, ЦДУ и Христијанско-социјалната унија, ЦСУ) Заедничкиот став во изборната програма гласи: бројот на бегалци во Германија треба трајно да биде држан на ниско ниво, истовремено е потребно зголемување на враќањата на луѓето во земјите на потекло. За волја на вистината, уште се води дебата околу горна граница од 200.000 бегалци годишно, на барање на ЦСУ. Но, проценките за 2017. година и онака се под оваа граница.

Гледиштата на Социјалдемократската партија, СПД, во основа се слични како и кај партиите на Унијата: европските партнери би требало засилено да се ангажираат околу прифаќањето бегалци. Мигрантите на кои им е добиено барањето за азил, треба да бидат протерани, но во темелното право на азил не смее да се чепка. Според испитувањата на јавното мислење, меѓутоа, политиката кон бегалците е на дното на приоритети, а и политичките партии со темата се занимаваат само попатно. Единствено Алтернатива за Германија, АфД, ригорозната политика кон бегалците ја стави во фокусот на своето внимание и бара, на пример, воведување минимална квота за протерување мигранти, противејќи се на дополнителното доаѓање на членови на семејствата на бегалците кои се веќе во Германија. 

Бегалска навала, како таа во 2015. година, според ЦДУ/ЦСУ не треба да има Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert

Работа и социјални прашања

Во врска со темата труд и социјални прашања, партиите од Унијата укажуваат на веќе постигнатото - ниската стапка на невработеност и економскиот растеж. Главна цел на Унијата е поттикнување на бројот на работни места преку јакнење на стопанството. Бројот на вработени треба да остане висок, а да се намали бирократијата кај минималната плата. Социјалдемократите со оваа, за нив важна тема, настојуваат да привлечат гласачи, инсистирајќи на поголема социјална правда. Така, СПД бара укинување на ограничувањата кај вработувањата на одредено време ако за тоа не постојат оправдани причини, изедначување на сатницата за мажите и за жените. Слободните демократи, ФДП, ја бранат флексибилноста на пазарот на труд, во што се вбројуваат и работните договори на одредено време и позајмувањето на работници преку фирми-посреднички. Левицата се залага за зголемување на минималната сатнина на 12 евра.

Партиите од Унијата не предвидуваат никакви реформи во врска со пензијата, а план им е задржување на трите пензиски столба ( од државниот пензиски фонд, од пензиските фондови на претпријатијата и приватни вложувања во пензиски фонд). За СПД пензијата е важна тема во изборната програма. Старосната граница за одење во пензија не би требало да се зголемува, а висината на придонесите за пензиско осигурување би требало да остане стабилна.

Колку да се одделува за одбрана? Фотографија: Reuters/I. Kalnins

Внатрешна безбедност и одбрана

Сличности во изборните програми на Унијата и на СПД постојат и кај безбедносните прашања, и едните и другите бараат вработување на 15.000 нови полицајци и проширување на видео-надзорот на јавни места. Разлики постојат кај зголемувањето на буџетот за одбрана: Унијата би сакала поголеми издвојувања за Бундесверот и придржување кон договорот на ниво на НАТО за издвојувања два проценти од БДП за одбрана . СПД не е подготвен да поддржи вакво зголемување на буџетот за војската. Левицата пак предлага значително намалување на трошоците за одбрана.

Даноци

Сите партии ветуваат пониски даноци. Разликит постојат во обемот и во врска со тоа кој би требало да биде растоварен. Унијата бара највисоката даночна стапка да изнесува 42 проценти, а таа би се однесувала на приходи повисоки од 60.000 евра годишно за едно лице. Со тоа би требало да бидат растоварени оние со просечни плати. Во оданочувањето на најголемите заработувачи, Унијата не би менувала ништо, исто како и кај данокот на наследство. СПД планира највисока даночна стапка од 45 проценти, но само за самци со приходи повисоки од 76.200 евра годишно. За најголемо снижување на данокот се залага ФДП, и тоа за сите нивоа на приходи, барајќи и укинување на солидарниот данок за источниот дел од Германија и тоа почнувајќи веќе од 2019. година.

Како се станува пратеник во Бундестагот?

01:55

This browser does not support the video element.

Екологија

Зелените ја сметаат заштитата на животната средина и климата за централна точка на својата изборна програма. Германија, според нивните замисли, до 2030. година би требало комплетно да го напушти користењето на термоелектрани. Од истата година би требало да биде можно регистрирање само на автомобили кои не испуштаат штетни гасови. Унијата пак ги потенцира своите успеси на полето на екологијата и заштитата на климата, предвидувајќи остварување на веќе договорените цели. Притоа, заштитата на животната средина би требало да биде во корелација со стопанството. Унијата отфрлува „директивни државни интервенции“. Во врска со напуштањето на користењето јаглен за производство на електрична енергија, во програмата на Унијата неодредено се вели: тоа мора да се случи паралелно со новиот структурен развој. Како и Унијата, и СПД ги поддржува париските цели за заштита на климата. Двете партии се залагаат за натамошно зголемено користење на обновливи извори на енергија, како и на електромобилноста.

Образованието во центарот на изборната програма првенствено на ФДПФотографија: picture-alliance/dpa/A. Burgi

Образование

Образованието е во средишттео првенствено во изборната програма на ФДП. Издвојувањата за образование би требало да бидат зголемени до таков степен, што Германија би ја одвеле меѓу водечките земји во рамките на ОЕЦД. И СПД сака реформирање на образованието во Германија, како и зголемени инвестиции за таква намена. Образованието треба да биде бесплатно, од детска градинка, па до првиот студиски степен. Во врска со образовната политика, Унијата се залага првенствено за воведување мерки за надокнадување на недостигот на стручна работна сила. Младите луѓе би требало да добијат можности за дополнително образование, ако е тоа потребно, а на стручњаците од странство би требало да им биде олеснето доселувањето, доколку можат да докажат дека имаат работно место во Германија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми