1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се прочистува спорната листа за помилувања

ДТЗ
20 декември 2021

На списокот се наоѓаат 48 лица за целосен или делумен прекин на затворската казна. Министерството за правда најави „проветрување“ на списокот кој ќе биде испратен до претседателот.

Nord-Mazedonien Gefängnis Idrizovo in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Новогодишната листа за помилувања која треба да ја потпише претседателот Стево Пендаровски уште не испратена до претседателскиот кабинет. По острите реакции во јавноста, откако протече листата со „спорни“ предлози, министерот за правда Бојан Маричиќ најавува дека ќе се погрижат ниту едно спорно име да не се најде на списоците. 

Станува збор за список на кој се наоѓаат 48 лица, за кои затворските управи предложиле делумно или целосно помилување за издржување на казните.  Алсат – М објави дека меѓу предлозите се и имињата на бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на четиригодишниот Алмир во Куманово. 

Реакции за предлозите 

Агум Нухиу, заменик-министерот за правда со објава на Фејсбук се огради од списокот со помилувања на осуденици потпишан од министерот Бојан Маричиќ, а кој треба да биде испратен кај претседателот Стево Пендаровски.

„За предлозите за помилување на некои затвореници, како заменик министер за правда не се согласив и секако институционално реагирав! Предлозите до Управата на затворите за помилување на одредени затвореници кои со своите криминализирани дела вознемируваа граѓани и ги уриваа темелите на државата, никогаш нема да ја добијат мојата поддршка и не треба да имаат поддршка ниту од Министерството за правда. Никогаш нема да молчиме за каузата на правдата!“, напиша заменик-министерот. 

Списокот ќе се прочистува 

Списокот кој го доставуваат затворите треба да помине низ неколку филтри пред да биде потпишан од претседателот Стево Пендаровски. „Министерот за правда не дава никакви помилувања. Ова се специфични помилувања по повод Нова година и листите за делумно скратување на казната ја прават директорите на затворот и се проследува на разгледување. Мислам дека дел од спорните имиња нема ни да се најдат на листите“, вели министерот за правда, Бојан Маричиќ. 

Ќе се погрижиме да не се најде ниедно спорно име на списоците, вели Бојан МаричиќФотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

Предлог листата поминува конкретни низ четири филтри.  

„Оваа постапка не е јавна и не се објавува во јавност. Неблагодарно е да се објавуваат имиња во рана фаза затоа што станува збор за луѓе што се осудени и имаат свои надежи. Ние ќе се погрижиме да не се најде ниедно спорно име на списоците“, вели Маричиќ. 

Комисијата за помилување како краен филтер 

Листите за помилувања коишто ги потпишува претседателот, беа мета на критики и во минатото, особено за време на мандатот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Во согласност со Законот за помилување, постапката за евентуално помилување на осудени лица од страна на претседателот започнува со поднесување молба за помилување до судот којшто ја донел првостепената судска одлука. Молбата заедно со потребната документација, судот ја доставува до Министерството за правда, кое што ја препраќа до претседателот. 

Комисијата за помилување на претседателот на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување. Комисијата, со мнозинство гласови од присутните членови, утврдува мислење односно предлог којшто го доставува до претседателот, кој носи конечна одлука. 

Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот/министерката за правда, претседателот на Република Северна Македонија донесува конечна одлука. Одлуките на претседателот се јавни и се објавуваат во „Службен весник“.  

Претседател на Комисијата за помилување е Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а членови на Комисијата се: државниот правобранител Фехми Стафа, јавниот обвинител Љубомир Јовески, адвокатот Љубомир Михајловски, правникот Темелко Ристевски, Ерол Рушид, Зора Митиќ, пензиониранот судија Божин Аврамовски, Сафет Алиу, поранешен судија во Врховен суд, новинарот Томислав Кежаровски и 
Билјана Петковска, извршна директорка на Македонскиот институт за медиуми.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми