Спор за грмушка ќе предизвикаше војна меѓу Либан и Израел
4 август 2010Во инцидентот кој повторно ги зголеми тензиите на Блискиот исток, животите ги загубија двајца либански војници и еден новинар, како и еден израелски војник. Денеска (04.08.2010) двете страни си ја префрлаат одговорноста и се обвинуваат меѓусебно за нарушување на граничната линија.
„Сметаме дека ова е уште едно нарушување на резолуцијата од 2006-та, и ја сметаме либанската влада за одговорна за случувањата“, изјави Енди Давид од израелското министерство за надворешни работи.
„Израелската армија навлезе во либанска територија, што предизвика либанската армија да одговори на ваквото насилство“, одговори либанскиот државен министер, Мишел Фарун.
Ова е прв поголем судир меѓу двете страни по израелската инвазија во 2006 година, која претежно беше насочена кон борците на Хезболах.
Потврда од ОН
Претставници на мировната мисија на ОН, кои ја обезбедуваат границата, денеска потврдија дека до инцидентот дошло кога неколкумина израелски војници се обиделе да исечат неколку дрвја и грмушки во пограничниот појас. Дрвјата биле на израелска територија.
Утрово, израелски војници, но овојпат придружувани од оклопни транспортери и тенкови, ги исекоа дрвјата.
Советот за безбедност на ОН ги повика двете страни на воздржаност. Членовите на Советот се длабоко загрижени за случувањата и ги повика двете страни да не дозволуваат во иднина такви инциденти. Со сличен став излегоа и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, ЕУ и американскиот Стејт Департмент.
Израелската влада денеска на итна седница треба да одлучи за следните чекори, а либанскиот премиер Саад Харири ја осуди, како што рече, „израелската агресија“.
Автор: БГ/дпа/афп/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска