1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спор на самитот на ОБСЕ

2 декември 2010

На вториот и последен ден од самитот во Казахстан, претставниците на земјите-членки на Организацијата за безбесност и соработка во Европа, ОБСЕ, се` уште не можат да се усогласат околу завршната декларација.

Турскиот претседател Абдула Ѓул апелираше до учесниците да постигнат единство околу суштински и содржински документ. „Да покажеме решителност и да докажеме дека ОБСЕ е дораснат на своите задачи“, побара Ѓул.

Авторитарниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев исто така од претставниците на 56 земји на самитот во Астана побара да ги надминат постоечките разлики. Завршната дискусија се одвива без присуство на повеќе државници, како германската канцеларка Ангела Меркел, американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон и рускиот претседател Дмитри Медведев, кои отпатуваа уште по дебатата на првиот ден.

Фотографија: DW/M. Bushuev

Спорни точки во завршниот документ се наводите за споровите меѓу Грузија и Русија, отцепените грузиски региони Абхазија и Јужна Осетија, молдавскиот Придњестровје и ерменско-азербејџанскиот конфликт за Нагорно Карабах.

Шефовите на држави или влади и други високи претставници на 56 членки на ОБСЕ во изминатите два дена искажаа забелешки за досегашното функционирање на Организацијата и побараа нејзина „ревитализација“ односно поголема улога во превенцијата и решавањето на конфликти, борбата против тероризмот, организираниот и сајбер-криминалот, трговијата со луѓе и дрога, илегалната миграција и ширењето оружја за масовно уништување. Иако сите учесници на собирот во своите обраќања беа согласни дека е потребна реформа на ОБСЕ, различни се погледите во кој правец тие треба да се движат. САД, како што изјави државниот секретар Хилари Клинтон, сметаат дека е неопходен посоодветен одговор на ОБСЕ во кризни ситуации во земјите-членки, посочувајќи ги како пример Грузија и Киргистан, како и поголем ангажман во Авганистан. ОБСЕ мора да ги спречи конфликтите и затоа е потребно подобрување на нејзините капацитети, за што, според Клинтон, има согласност меѓу Вашингтон и Москва. Рускиот претседател Дмитри Медведев оцени дека ОБСЕ го губи потенцијалот и затоа му се потребни корекции.

Фотографија: DW/Esther Broders

Претседателот на ЕУ Херман Ван Ромпој, пак, побара да се подобри механизмот на одлучување, а ОБСЕ не треба да делува само превентивно, туку и да решава конфликти. Самитот во Астана е седми во 35-годишната историја на ОБСЕ. Претходниот се одржа во Истанбул, пред 11 години.

Автор: ЖА/ТТ/миа/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми