1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дебатата за Спутник доаѓа во невреме

9 април 2021

Германските политичари сакаат да ја нарачаат руската вакцина самостојно, а притоа дозволата за Спутник V е сѐ уште далеку. Тоа е популизам, оценува Јенс Турау.

Sputnik V Impfstoff
Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Веднаш да кажеме: во актуелната речиси очајна состоја со коронавирусот во Германија, но и во многу други европски земји, добредојдена треба да е секаква помош, па и онаа од Русија. Тоа важи и за вакцините. Кога секојдневно умираат луѓе затоа што ЕУ нарачала премалку вакцини, или кога потфрла постојано поради својата бавна и компликувана бирократија, тогаш се бара флексибилност и потребно е импровизирање. Но, дали во таков случај треба веднаш да се потпреш на руската вакцина Спутник V, како што тоа сега го прави баварскиот премиер Маркус Зедер? Тој со преддоговор за својата покраина обезбедил околу 2,5 милиони дози, иако серумот сѐ уште нема добиено дозвола од Европската агенција за лекови (ЕМА).

Значителни сомнежи, не само дилеми

ЕМА, имено, има сомнежи во врска со тоа дали се сериозни информациите кои се познати досега и кои се ставени на располагање од страна на Русија во врска со вакцината и нејзината ефикасност. На желбата на ЕМА сама да собере информации во Русија, Москва реагира колебливо. А, во Словачка, 200.000 дози Спутник V предизвикаа сериозна владина криза. Прво владата, по многу бука, го нарача серумот, а сега националното регулаторно тело не дава дозвола за вакцината. Образложението би требало да го вклучи алармот кај Зедер и другите германски политичари кои кокетираат со руската вакцина: препаратот кој сега е на располагање, како што се вели, се разликува од оној на кој едно стручно списание во февруари му потврди ефикасност од над 90%.

Германската политика во паника

Нервозниот обид да се стигне до руската вакцина всушност само покажува колку е голема паниката која ја има зафатено германската политика. Бројот на заразени бележи огромен скок, а експертите не ги земаат сериозно актуелните бројки затоа што во текот на Велигден се пренесуваат и помалку податоци. Фијаско за веродостојноста на корона-политиката во сојузот и покраините. Експертите одамна го имаат завртено погледот кон креветите во одделенијата за интензивна нега кои се полнат забрзано, а од болниците доаѓаат гласни повици за помош.

Јенс ТурауФотографија: DW

Дебатата станува сѐ почудна

Германија води дебата за смислата на натамошни рестрикции и локдауни, која вистински не ја разбира речиси ниеден граѓанин. Откажана е конференцијата на канцеларката и покраинските премиери, која беше закажана за во понеделник. Матичните лекари во земјата почнаа да вакцинираат дури неделава, иако одамна имаат изразено подготвнеост за тоа. И, во ваква ситуација, некои политичари, како Зедер, не можат да одолеат на предизвикот да продуцираат наслови со повик за набавка на руската вакцина. И министерот за здравство Јенс Шпан сака да разговара со Русија за Спутник V,што и да значи тоа конкретно.

АсзтраЗенека требаше да е доволен пример

Примерот со британско-шведската вакцина АстраЗенека требаше да биде доволен. Вакцината се употребува наголемо во Европа, пред сѐ во Велика Британија. Се употребува и во Германија. ЕМА пред неколку дена уште еднаш соопшти дека нема ограничувања за вакцината, иако во ретки случаи кај вакцинираните доаѓа до мозочни тромбози. Во Германија серумот им се дава само на лица над 60-годишна возраст. Повторно причина за голема несигурност кај населението. И, во ваква една ситуација, германските политичари се залагаат за вакцина за која не може точно да се утврдат ниту сите податоци?

Не треба да чуди тоа дека Русијасака од нуждата на Европа да си создаде сопствена геополитичка предност. Спутник V се употребува наголемо во Унгарија. Јазот во ЕУ помеѓу Унгарија и Германија и Франција се продлабочува. Дури ни тоа не би требало да претставува пречка за во Европа да се употребуваат серуми од Русија. Но, да се заобиколи регулаторното тело на Европа, тоа е едноставно немарност и неодговорност.

Подобро да се вакцинираат брзо сите граѓани

Зошто не се размислува подалеку? Вирусот, велат многу експерти, нема да исчезне, можеби долги години ќе мораме да живееме со една, или можеби две вакцини годишно. Добар совет за ЕУ со нејзините 450 милиони жители би бил - употреба на сите вакцини коишто стојат на располагање. Кога податоците за вакцините се во ред и кога има дозвола за нив! И, со оглед на драматичната состојба, политичарите би требало можеби да размислат да го следат британскиот пример и што е можно побргу да ги вакцинираат сите граѓани со прва доза од вакцините кои стојат на располагање.

Тоа не нуди комплетна, но нуди добра заштита и, според мислењето на многу експерти, го намалува бројот на заразени, а пред сѐ го ублажува текот на болеста. Но, за такво нешто, се чини, во моментов нема доволно мнозинство. Можеби нема ни доволно сила за повлекување потег кој ќе го промени курсот на кампањата на вакцинирање. Наместо тоа, Германија води фантомска Спутник-дебата. Штета!

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми