Срамот не е замена за казна
18 јуни 2016Рајнхолд Ханинг учествувал во најголемото злосторство што некогаш произлегло од Германија. Тој знаел што се случува и бил соучесник. Бил дел од индустриското уништување на луѓе и е истовремено жив доказ за тоа дека во времето на националсоцијализмот не дејствувале машини, туку луѓе.
Кога Ханинг вели дека се срами, тоа е човечка реакција. Но, ова признание не може да му биде извинување. Тој сега правно ја сноси вината за убиството на над 170.000 луѓе.
Наредбите не се заштита од казна
Не ја сноси сам, но не може ниту да биде ослободен од неа. Со својата работа на надзорник во концентрационен логор, есесовецот Ханинг придонесол за тоа Аушвиц да стане место на ужас и страв. И тој е ко-виновник за убиството на 1,3 милиони луѓе, меѓу нив над еден милион Евреи.
Со казната за надзорникот Ханинг, како и во претходните случаи со пресудите за Гренинг и Демјањук, Германија дава до знаење дека никој не може да се крие зад политичари, партии или наредби. Холокаустот беше нечовечко заедничко дело на оние кои убиваа и оние кои дозволуваа тоа да се случува. Надзорникот Ханинг во текот на судскиот процес самиот рече: „До мене доаѓаше мирис на изгорено. Знаев дека се горат човечки тела.“
Есесовците долго се извлекуваа
Германците долго време не се занимаваа со обработка на националсоцијализмот. Не се занимаваа ниту правно. Кога пред 50 години хесенскиот обвинител Фриц Бауер сакаше преку опширни тужби да ја утврди ко-вината на оние кои знаеле што се случува во Аушвиц, беше побиен од страна на германските судови.
Есесовците, на кои не можеше да им се докаже извршување конкретно убиство, се извлекуваа со децении. И во случајот на Хенинг одбраната аргументираше на тој начин и бараше ослободување. Ваква пресуда би била погрешна и неподнослива за жртвите.
Зашто, едно е јасно: при пресудата за 94-годишникот веќе не станува збор за заштита на општеството од злосторник, туку се работи за признание на вина и за правда за жртвите. Процесот во Детмолд беше една од последните јавни можности тоа да се постигне. Но, дури и кога и последниот извршител веќе нема да биде меѓу живите - сеќавањето ќе остане како опомена за иднина.