1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Срам за Европа

Бернд Ригерт/превод: Ж.Ацеска21 септември 2016

Неспособна влада во Атина и безволни Европејци: изгорениот „хотспот“ на Лезбос покажува дека во урнатини не е само едно бегалско прифатилиште, туку целокупната бегалска политика на ЕУ, смета Бернд Ригерт.

Фотографија: Reuters/G. Moutafis

Намерното палење на бегалскиот логор Морија на Лезбос е за осуда, ако навистина било така. Евентуалните потпалувачи треба да бидат казнети. Но, грчките хуманитарни организации и здравствените власти одамна предупредуваа на фактот дека преполнетите „хотспот“-логори се всушност темпирани бомби. Беше само прашање на време кога тамошните несносливи услови ќе доведат до експлозија на насилство и хаос.

Рестриктивната бегалска политика на ЕУ води кон тоа луѓето да заглавуваат во логорите за регистрација на грчките острови. Мнозинството од тамошните мигранти треба да биде вратено во Турција. Луѓето во катастрофални услови чекаат на исходот на азилантската постапка, која спротивно на првичните планови, се одолговлекува со месеци. Грчката влада и ЕУ не се во состојба да организираат човечки достојна, брза и ефикасна постапка.

Бернд Ригерт

Изостанок на ветените решенија

Тоа е жив срам за екстремната левичарско-десничарска коалиција во Атина, но и срам за сите држави од ЕУ и нивните челници, кои во март, по својот дил со Турција, безрезервно ветуваа решение за бегалската криза. Во цела Грција се наоѓаат околу 60.000 мигранти. Европската комисија со лопати префрла пари во Грција, но грчките власти не се во состојба нив да ги користат и да организираат адекватно сместување и поефикасни азилантски постапки за бегалците.

Останатите членки на ЕУ ветија и испраќање персонал за поддршка, но само мал дел од ветените помагачи стигна во „хотспотовите“. Повеќекратно договорената распределба на барателите на азил од Грција и од Италија во другите држави од Унијата наидува консекветно на блокади и одбивање.

Преку летото ЕУ доследно го вртеше погледот од проблемот со бегалците и мигрантите. Притоа, не се преполнети само логорите во Грција, туку и Кале во Франција, оние на француско-италијанската и на италијанско-швајцарската граница, а долж Балканската рута се‘уште постојат диви логори на очајните мигранти. Во Грција и во Италија регуларните прифатилишта се преполни. Таму луѓето, меѓудругото и од географски причини, не можат да бидат толку едноставно држени на едно место како на грчките острови. Тие се упатуваат кон север во надеж на било каков начин да се пробијат до Германија или Велика Британија.

Без промени и во Италија

Во Италија, преку Либиската рута, и натаму стигнуваат исто толку бегалци, баратели на азил и мигранти како и минатата година. Секоја недела, илјадници од нив се спасени од Средоземното Море. Но, илјадници се удавија оваа година, повеќе од било кога. Еден на 89 мигранти се дави на својот пат кон Европа, лани бил еден на 276. Средоземното Море стана гробишта. И тоа е вистински срам за човековите вредности во ЕУ, но очигледно никој веќе не се возбудува поради тоа.

Над оваа човечка трагедија се рашири плашт на молкот. Само тогаш, кога ќе се случат екстремни инциденти, како сега во Мориа, со страшни слики на насилсство и пожар, се буди некаков интерес. Политичарите ги снема и се однесуваат како да ја имаат под контрола бегалската криза. Но, тоа не е така. Од познатото мото на Меркел „ќе успееме“, на европско рамниште нема ни трага.

Единственото што денес подобро функционира е заплашувањето на барателите на азил и затворањетео на границите. Постапката за самите бегалци и распределбата на луѓето во Европа се исто толку лошо организирани како и пред една година, кога германската канцеларка ја формулираше својата позната реченица. Таа сега жали за неа од повеќе причини. ЕУ не успеа пристојно да ја реши бегалската криза. Мориа е само тажен симбол на тој неуспех.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми