1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србите на Косово (не) живеат подобро

18 февруари 2010

Кога ќе се постави прашањето „Како денес живеат Србите на Косово?“, се добиваат целосно спротивставени одговори. Претставници на Србите од северот не се задоволни од ништо, додека оние на југот имаат поинакво мислење.

Србите се поделија во однос на нивната иднина на КосовоФотографија: AP

Претставникот на Србите од централно Косово, Рада Трајковиќ вели дека постои евидентна релаксација во слободата на движењето на Србите во земјата. Таа истакнува дека се’ уште нема целосна слобода за работа и право на имот, но додава дека со децентрализацијата се формирани нови српски општини. „Тоа ни дава за право да веруваме дека дел од одговорноста за опстанокот на Србите е префрлена и врз нивното раководство во Косово“.

Меѓутоа, Марко Јакшиќ, потпретседател на Собранието на српските заедници во Косово и Метохија вели дека денес положбата на Србите е двојно потешка отколку пред две години. „Положбата се гледа во чувството на бесперспективност, недостиг на слобода на движење и сето останато што го карактеризира животот на Србите, особено имајќи предвид дека независно Косово се роди на темелот на бомбардирањето на државата Србија“, вели Јакшиќ.

Од друга страна, Илир Деда, директор на Косовскиот институт за политички и развојни истражувања вели дека прогласувањето на косовската независност не довела до масовно иселување на Србите и дека слободата на движење и безбедноста се подобрени. Деда вели дека косовските власти и меѓународната заедница планираат стратегија за интеграција на северниот дел преку одржување локални избори и мерки за економски развој.

Поделбата не смее да биде опција

Фотографија: AP

„Морам да потсетам дека, иако постои уверување оти не постои соработка меѓу северните општини и Приштина, тоа не е вистина. Од косовскиот буџет се издвојуваат околу 7 милиони евра за северните општини и околу 500 членови на администрацијата во северните општини исто така се плаќаат од буџетот. Постои соработка меѓу бизнисмените и постојат контакти и на паралелните општини со Владата во Приштина кои не се јавни“, тврди Деда. Доколку не успее стратегијата за северот се наметнува опцијата за поделба на Косово, и тоа би била најлошата можна опција, предупредува Деда.

Рада Трајковиќ вели дека промената на границите повеќе не би смеела да биде тема на Балканот и дека сите треба да се свртат кон ЕУ. „Она што е најпотребно е нормализација на односите. Според историјата која ја учев, Балканот од секогаш бил мултиетнички и затоа не знам зошто се потребни овие приказни и новите аргументи кои ја исклучуваат интеграцијата на северот на Косово“.

Лидерот на Србите од северот, Јакшиќ, пак, вели дека српските институции на северот на Косово не се паралелни, па затоа и не можат да се укинуваат. Тој вели дека Србите никогаш нема да го признаат независно Косово. И Трајковиќ е убедена дека оваа генерација на Србите не може да ја прифати независноста на Косово, но вели дека тоа не значи оти не треба да се прифати и шансата за подобар живот и опстанок на Косово.


Автор: Зулфија Јакупи/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми