1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kosovo-Serben wollen Russen werden

21 ноември 2011

Околу 21.000 косовски Срби поднеле барање за руско државјанство. Оваа бројка може да се зголеми. Развој кој предизвика вознемиреност во рускиот парламент.

Министерството за надворешни работи во Моксва потврди дека многумина Срби од Косово бараат руско државјанствоФотографија: RIA Novosti

Претседателот на одборот за надворешни работи на рускиот парламент Константин Косачов во својот блог од 18.11 оцени дека станува збор за „клучен настан во европската историја“. Министерството за надворешни работи во Москва потврди дека илјадници Срби од Косово поднеле барање за добивање руско државјанство. Образложението: тие стравуваат за својата безбедност. Барањата ќе бидат „грижливо проверени“ се вели во Москва.

Пратеникот на Думата Косачов, не очекува дека косовските Срби навистина ќе се отселат во Русија. За него ова е повеќе „политичка акција“, повик за помош на „очајни луѓе, кои се оставени на цедило од локалните власти, од Белград и од Брисел“. Косачов во оваа акција гледа потврда дека ставот на Русија по косовското прашање бил исправен. Москва жестоко ја критикуваше едногласно прогласената независност на српската покраина во 2008 година и до денес го нема признаено Косово.

Руската ДумаФотографија: AP

Надеж за руска заштита

Кампањата за руско државјанство на Косово ја организираа српските здруженија „Стара Србија“ и „Заклетва на Косово“. Според нивните податоци кај руските власти се поднесени околу 21.000 барања. Претседателот на здружението „Заклетва на Косово“ Рајко Ѓурѓевиќ за Дојче веле подвлекува дека во меѓувреме биле собрани натамошни 50.000 потписи.

На Косово живеат околу 80.000 Срби. Приштина и Белград во моментов преговараат за прашања од практична природа за српското малцинство. Србија не ја признава независноста на Косово, земјата меѓутоа се стреми кон пристап во ЕУ, оттука многу косовски Срби стравуваат дека Белград би можел да направи натамошни отстапки во однос на Приштина. „Затоа се обративме до Руската федерација, за да стекнеме двојно државјанство. На тој начин Србите би имале одредена заштита“, вели Ѓурѓевиќ.

Илјадници Срби на Косово бараат заштита од МоскваФотографија: picture-alliance/dpa

Мислењата по ова прашање меѓу Србите на Косово меѓутоа се поделени. Претседателот на Српскиот национален совет за централно Косово, Драган Велиќ вели дека акцијата е оправдана. „Ова е чекор за вниманието на меѓународната јавноста да се насочи кон сериозните проблеми на косовските Срби“, смета Велиќ. Ранѓел Нојковиќ од Српското движење за обнова напротив е уверен дека акцијата била „фарса“ и чиста медиумска кампања. Тој дури ја става под знак прашање вистинитоста на потписите.

Процесот на добивање државјанство во Русија е тежок

Во Русија, пред се’ комунистите и десните популисти побараа од владата, да даде зелено светло за српските барања за руско државјанство. „Србите се јазично, духовно и културно блиски до нас“, изјави водачот на комунистите Генадиј Зјуганов. Исто така и во владејачката партија Обединета Русија се слушаат слични ставови.

Странец да стане руски државјанин инаку воопшто не е лесно. Законот предвидува дека само оние лица кои најмалку пет години без прекин живееле во Русија смеат да поднесат барање за стекнување државјанство. Меѓутоа има и исклучоци, за поранешните советски граѓани. Така на пример веќе одредено време се издаваат руски пасоши на граѓаните на одметнантите грузиски провинции Абхазија и Јужна Осетија.

Отворените прашања остануваат

Експертот за Балкан на Руската академија на науките, Ана Филимонова смета дека е можно да биде донесено поволно решение за косовските Срби. „Лично сум за тоа. Ако сакаат да добијат руско државјанство, тогаш мора да се бараат начини да се реши ова прашање“, изјави Филимонова за Дојче веле. Таа меѓутоа пледира и да се реши с’ржта на проблемот и притоа да се почитуваат правата на Србите на Косово. Прашањето би морало да се реши на политичко ниво.

Лидија Графова, главен уредник на московското списание „Миграција во 21. век“ има поинакво мислење. Доделување државјанство на Србите од Косово е спротивно на руските закони. Ако пратеници се залагаат за тоа, тогаш тоа било „лицемерно“. Ваквите барања ништо повеќе од „медиумска кампања пред парламентарните избори во декември“, вели Графова.

Рускиот експерт за миграција Вјачеслав Поставнин укажува на еден друг аспект. „Очигледно се заборавило дека доделувањето на руско државјанство на лица кои живеат во странство е поврзано со одредени обврски за Русија“. Ако косовските Срби би станале руски државјани, Москва би морала да ги заштитува и евентуално да испрати сопствена војска на Балканот, вели Поставнин. Освен ова во даден случај би биле неопходни и финансиски средства, на пример за исплаќање пензии. Прашања кои во Москва оствораат натамошни дискусии.

Автор: Р. Гончаренко/ З.Јакупи/ А. Кан/ А. Трајковска

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми