Србија бара поддршка од Македонија
24 јули 2007Србија бара поддршка од Македонија за зачувување на територијалниот интегритет,со оваа порака денеска во Скопје дојде Божидар Ѓелиќ,потпретседател на српската влада,задолжен за евроинтеграции.На македонскиот премиер му ги пренесе очекувањата на Белград во врска со улогата на Македонија во решавањето на косовското прашање:
„Во прашањето околу Косово и Метохија српската влада бара поддршка од Република Македонија за зачувување на територијалниот интегритет.Народното собрание ќе усвои резолуција која во согласност со Резолуцијата на ОН го гарантира територијалниот интегритет на Република Србија“,изјави Ѓелиќ додавајќи:
„Свесни сме за вкупните околности во кои се наоѓа Република Македонија,но бараме поддршка од традиционалниот пријател.“
Груевски вети конструктивна улога
Неговиот домаќи,премиерот Никола Груевски вети конструктивна улога на Македонија во напорите за стабилност и просперитет на регионот:
„Тоа е прилично сложено прашање,ги знаете позициите на Македонија,таа не е држава која ќе одлучи по ова прашање,ние се обидуваме да имаме добри релации со Србија,се обидуваме да имаме добри релации и со привремената влада на Косово.Во исчекување сме на она што треба да се случи во ОН и најдобро би било доколку на некој начин овие две страни најдат заеднички јазик,што е исклучително тешко,меѓутоа внимателно ја следиме состојбата и секако дека ќе реагираме онака како што е најдобро за интересите на Македонија,и секако имајќи ги во предвид регионалните интереси,сите околности и сите работи кои се важни за нашата држава и за овој регион.“
Во план повеќе економски проекти
Груевски и Ѓелиќ разговарале за економските односи меѓу Македонија и Србија,договорени се приоритетите,изградба на далновод за пренос на електрична енергија и автопатот Ниш- Скопје,проекти на кои ќе се работи наредните години.
Џелиќ најави влез на Српска банка во Македонија,како поддршка на инвестициите од неговата земја.Македонија и Србија се големи трговски партнери со годишна размена од околу половина милијарда долари и дефицит на македонска страна.Србија досега во Македонија инвестирала скромни 40 милиони долари,но Ѓелиќ најави засилен интерес на српските компании за македонскиот пазар.