1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија - војна на нерви меѓу власта и опозицијата

Ивица Петровиќ
28 март 2019

Дилемата не е разрешена: Српската напредна партија реши „да најави најава“ на избори. Се размислува за два термини, во јуни годинава или напролет идната година. Од што зависи тоа?

Serbien Wahlen Aleksandar Vucic
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Јавноста во Србија уште не ја знае конкретната одлука. Дадено е ветување наскоро да се соопшти конечен став, се нагласува дека врвот на СНП е наклонет кон што поскор датум за избори.

Ставот е лесно разбирлив, зашто рејтингот на власта, и покрај повеќемесечните протести, е релативно висок. Изборите напролет 2020 година всушност би биле редовни, тие се малку веројатно решение. Ако власта сепак се реши на избори во јуни, тие мора да се распишат во април.

Нов ПР, стари закани

Седницата на Претседателството на СНП беше ПР-манифестација на владејачката партија и нејзиниот лидер Александар Вучиќ, кој зборувајќи за демонстрациите, изнесе бесмислено мали бројки на присутни. Но, и тие не се наведени случајно, тоа е во стилот: „големиот брат ве посматра“, дел од сега веќе стандардниот репертоар на превентивни закани  кон слободомислечките граѓани на Србија кои со месеци протестираат низ српските градови.

Повеќе:

Србија: Малку играње шах, малку привикување граѓанска војна

Србија: Што сака да постигне опозицијата со ултиматумот до Вучиќ?

Триаголник на одлуката

Колебањето на Александар Вучиќ во поглед на вонредни парламентарни избори за Невен Цветиќанин од Институтот за општествени науки е донекаде разбирливо. Цветиќанин за ДВ вели дека српската политичка динамика се одвива во триаголникот власт-опозиција-меѓународен фактор и од тоа зависи кога ќе бидат распишани избори.

„Можно е тие да бидат наесен, по завршувањето на европските избори и тамошниот нов распоред на силите. Тука е и ставот на опозицијата за евентуален бојкот, како и случувањата околу Косово, каде на страните во преговорите им треба легитимитет. Така, секој има свои дилеми“, истакнува Цветиќанин.

Двоумењето на Вучиќ е просто неговата калкулација што би добил со изборите, посебно ако нив опозицијата ги бојкотира, вели за ДВ Слободан Георгиев, новинар на БИРН.

„Можеме да дојдеме во ситуација тој изборите да ги распише на 12 април, што е занимливо поради најавениот митинг на опозицијата за 13 април во Белград, како и митинзите во Нови Сад на  12 април и Белград на 19 април. Одуката за изборите мислам ќе биде во сенка на потенцијалното продолжување на протестите на опозицијата и нејзините натамошни потези“, истакнува Георгиев.

Протестите продолжуваат?

Распишувањето на избори нема да ги прекине граѓанските протести и да ги тргне луѓето од улиците, уверен е Георгиев. „Некои работи се случија, нешто се бара, значи без промена на изборните услови и атмосферата луѓето нема да одат на избори. Вучиќ потсмешливо зборува за мал број демонстранти и низок рејтинг на Сојузот за Србија, но зошто тогаш толку се занимава со тоа наместо да работи поважни работи?“, потенцира Георгиев.

Невен Цветиќанин ситуацијата меѓу власта и опозицијата ја гледа како вид војна на нерви: „Факт е дека во таа смисла недостига базичен општествено-политички дијалог. Ако постојат барикади на сите страни, тоа тешко може да донесе институционална стабилност“.

Опозицијата најавува голем митинг на 13 април во БелградФотографија: Reuters/M. Djurica

Нема дијалог со фашисти и тајкуни

Во тој поглед работите не се помрднаа од мртва точка. На Александар Вучиќ ни на крај памет не му е дијалог со опозицијата, тој само додаде свежи навреди на сметка на опозициските лидери. Вучиќ нагласи дека „нема намера да разговара со фашистот Бошко Обрадовиќ, како и тајкуните Драган Ѓилас и Вук Јеремиќ“. Јеремиќ инаку преку ноќ доби нов „чин“ на тајкун во номенклатурата на Вучиќ.

„Линијата на комуникација одамна е прекината, карактерот на Вучиќ и неговата политичка визија се такви што тој не може да каже: ‘Еве, јас претерав'. Но и опозицијата испраќаше пораки дека со него нема никаков разговор. Така настана пат-позиција. Опозицијата ја нарекуваат фашистичка, а опозицијата се заканува со апсења и така поттикнува тензии, не гледам како некој тука прв ќе попушти“, вели Георгиев.

Нова глобална динамика

Аександар Вучиќ ги опиша протестите на опозицијата како насилни, а во најавите за можни блокади на институции и сообраќајници гледа „фашистички методи од Хитлерово доба“. Сега веќе пречестото етикетирање на политичките противници со термини од еден од најмрачните периоди на човечката историја, за Невен Цветиќанин, меѓу другото, е дел од еден поширок глобален феномен.

„Ако може да се оцени како олеснителна околност, такви пресметки и етикатирање на политичките противници имате во цела Европа, па и во Америка. Моментно, не само во Србија, се протестира и во Велика Британија, противниците на Брегзит се превезуваат со автобуси во Лондон на протести. Тоа е нова зовриена динамика во меѓународните односи која се рефлектира и на Балкан и на Србија“, наведува Цветиќанин.

Повеќе:

Кој сѐ во моментов протестира ширум Европа и зошто?

Слободан Георгиев напоменува дека е тоа начин на политичко дејствување на радикалите и дека тука ништо не се променило во изминатите 25 години од политичката активност на Александар Вучиќ.

„Така функционираат тие – удирај каде ќе стигнеш. Вучиќ во еден момент сфати дека би требало да соработува со уште некој кој не е Садам Хусеин. Пред да стане проевропеец, неговата единствена надворешно-политичка посета беше на Багдад, во времето на Садам Хусеин, заедно со Шешељ. Мислам дека тоа пред сѐ е упатено кон неговите бирачи, да им покаже каква закана им доаѓа од опозицијата“, оценува Георгиев.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми