Србија во маѓепсан круг со косовскиот мит
11 декември 2011Животот во Србија премногу често изгледа како лошо повторување на бесконечноста и секогаш повторување на истите политички грешки, за што сведочи и најновата драма околу статусот на кандидат за ЕУ.
Митот за Косово и понатаму е очигледно многу жив, иако нема допир со реалноста, како и секој друг мит. И сега, наместо соочување со реалноста, Србија му се мурти на целиот свет, аболицирајќи се себе си од секаква вина.
Горан Јешиќ, функционер во Демократската партија, вели дека сега имаме ваква ситуација, поради тоа што Србија не сака да се соочи со фактите и со она што се случува.
„Не сакавме јасно да им кажеме на луѓето како стојат работите. За поделбата на Косово можевме да зборуваме во Рамбује, а не 12 години подоцна. Поради неискреноста кон граѓаните на Србија, денеска дојдовме во ситуација да имаме проблем, пред се' за развојот на Србија и воопшто за опстанокот на Србија во европското друштво на народи“, вели Јешиќ.
Новинарот Димитрије Боаров вели дека во односот кон Косово се гледа дека сфаќањето на политиката во Србија не се поместило премногу откако е соборен Милошевиќ од власт.
„Проблемот е во тоа што и власта по 2000 година не ја сочинуваа оние политички сили кои раскрстиле со онаа т.н. национална политика до 2000 година. Традиционалното сфаќање на државата и улогата на нацијата во државата и понатаму останува централна точка речиси во сите идеолошки програми во Србија“, смета Боаров.
Загледани во рејтинзите
Социологот Алексеј Кишјухас исто така се согласува дека низ денешната косовска политика на Србија јасно се гледа дека властите по Милошевиќ немаа сила да го пресечат „гордиевиот јазол“, кој во наследство им го остави тој режим. „Тој вид на дисконтинуитет не се случи и затоа не е невообичаено тоа што имаме исти приказни, исти теми, исти глупаци, иста естетика и се’ што оди заедно со тоа. Политичките елити немаат храброст да го направат тоа, загледани во рејтинзите и сличните работи, доживувајќи ја политиката како продажба на самите себе“, наведува Кишјухас.
Димитрије Боаров смета дека Србија можела по 2000-та година да води поинаква политика кон Косово. „Не се тргна благовремено во еден друг политички проект, кој би подразбирал на еден сериозен начин да се инситуционализира заштитата на Србите на Косово. А, тоа е можно само со некој вид на автономија: или персонална, или територијална, или и едната и другата“, оценува Боаров.
Автор: Динко Грухоњиќ / Александар Методијев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска