Србија го менува тонот?
10 февруари 2007
Рикер по враќањето од Њујорк, каде што имаше средба со Ахтисари и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, рече дека се надева оти нема да има други одлагања на процесот на дефинирање на статусот на Косово. Вчера, заменикот на Ахтисари, Алберт Роан, во Приштина потврди дека разговорите меѓу Белград и Приштина во Виена се одложени за 21 февруари, а не како што претходно беше најавено на 13 февруари: “Наидовме на разбирање кај преговарачкиот тим на Косово што сакаме на Србите да им дадеме шанса да дојдат во Виена. Претседателот Тадиќ рече дека српската делегација ќе биде во Виена откако ќе се конституира српскиот парламент и откако ќе се определи новиот состав на делегацијата“, изјави Роан.
Дел од аналитичарите во Белград забележуваат дека по првото не на српската страна на планот на Ахтисари, сега можат да се слушнат поумерени тонови. Но, засега е тешко да се каже дали е тоа само работа на дипломатска куртоазија поради тоа што Ахтисари ја прифати молбата на Белград за одлагање на преговорите. Еден од советниците на српскиот претседател, Борис Тадиќ, Вук Јеремиќ, кој е во игра да биде министер за надворешни работи во идна коалициона влада што би ја предводела демократската партија, вчера изјави дека многу одредби од планот на Ахтисари, со минимални корекции, се сосема прифатливи и за српската страна. Претставниците на Белград минатата недела постојано изјавуваа дека Ахтисари во својот предлог не ставил ниту едно барање на српската страна и дека затоа неговиот предлог е во целост неприфатлив за Белград.
Хајнц Јирген Акст од Институтот за политички науки на универзитетот во Дузибург, кој е познавач на состојбите на Балканот, оценува дека за секоја српска влада ќе биде многу тешко да го прифати предлогот на Ахтисари. Акст во интервју за Дојче Веле изјави: “Мислам дека она што мора да се вкотви во Србија и во главите на луѓето е вистината дека Србија веќе сега нема никаква контрола врз Косово. Така ќе биде и во иднина. Мислам дека Србија има добар адут во раката кога се вели дека мора да се води грижа за тоа да се цени српското население на Косово. Но, Србија мора да признае дека Косово де факто веќе не е дел од државната територија што ја контролира таа. Кога тоа еднаш ќе биде јасно, може да се случи ситуација на добивка-добивка, кога ќе може да се каже де факто немаме никаква контрола врз Косово, но што може да биде наша предност? Тогаш ќе се увидат симболичката и реалната вредност на перспективата за привближување до ЕУ. “