1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Тешко читлива декларација за неутралност

Ивица Петровиќ
27 ноември 2019

По аферата со Крушик и со рускиот шпион, српските власти најавуваат носење декларација за „политичка независност и воена неутралност“. Која е целта на една ваква декларација?

Militärparade in Belgrad 16.10.2014
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

Релативно скромната шпионска афера по сѐ изгледа ќе остави длабоки политички последици во Србија. Или можеби уште поисправно: ќе биде искористена за цела низа тешко читливи политички потези. Веќе и самиот начин на кој аферата беше пласирана, отвори цела редица прашања. Најнапред, брзината со која српските власти ја потврдија автентичноста на снимката, па дури и го соопштија идентитетот на рускиот разузнувач, на прв поглед може да се толкува како шлаканица за Русија и порака до Западот дека Србија нема проблем да се дистанцира од својот руски сојузник.

Но, потоа, следуваше обраќање на претседателот Александар Вучиќ, кој шпионската афера ја искористи да најави уште посилна борба на Србија за политичка независност и воена неутралност - што може да се протолкува како смирувачка порака до Русија дека Србија ќе остане нејзина неврзана поддршка на Балканот.

За да не се остане на празни зборови, српскиот претседател најави усвојување на парламентарна декларација наредната година за „политичка независност и воена неутралност на Србија“. Таа иницијатива веќе доби хорска поддршка од коалиционите партнери на Вучиќ, но отвори многу прашања, во прв ред за тоа што би требало да значи таа политичка независност и од кого? Во секој случај ќе биде занимливо да се види како српските власти во идниот текст ќе ја формулираат прокламираната политичка независност.

„Политичка независност“- нов камен околу вратот?

„Ако целта на Белград е тоа да се протолкува како оддалечување од либералните вредности на Западот и приближување кон авторитарните вредности на Истокот, тогаш имаме сериозен проблем. Мислам дека сепак тоа не целта на Вучиќ, туку оти овде станува збор за дипломатска непромисленост и брзоплетост, за да се надоместат штетите предизвикани од шпионската афера“, оценува за ДВ, надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Државниот врв на Србија повторува дека ЕУ е стратешката определба на земјата, но Јакшиќ истакнува дека не разбира како една декларација во која се говори за политичка независност може да се спои со тоа?

Повеќе:

-Што се крие зад шпионската афера во Србија?

-Кој носи подароци на Балканот?

-Вашингтон ја предупредува Србија поради руското оружје

Пуштањето во оптек на „политичката независност“, според воено-политичкиот коментатор Александар Радиќ е поврзано со претстојните избори. „Ако немате некои големи успеси со кои можете да се пофалите пред граѓаните на Србија, тогаш добро звучи тоа дека Србија е поинаква од сите останати земји и оти сме самостојни во однос на сите останати. По бројните лоши вести кои пристигнаа од ЕУ, се чини дека Вучиќ го препозна моментот да ѝ понуди на нацијата слика за некаква алтернатива. Тоа до некаде е и порака до ЕУ: сторете нешто за забрзување на европскиот пат на Србија, или ќе бидеме принудени да бараме некој друг пат“, вели Радиќ.

„Воена неутралност“- што значи тоа во пракса?

Ситуацијата со „воената неутралност“ донекаде е уште покоплицирана. Србија уште во 2007 година донесе декларација по повод Косово, во која меѓу другото стои дека „парламентот на Република Србија донесува одлука за прогласување на воена неутралност на Република Србија во однос на постоечките воени сојузи до евентуалното распишување на референдум во кој би била донесена конечна одлука за тоа прашање“.

Зошто тогаш на Србија ѝ е потребна нова декларација на таа тема, кога таа веќе прогласена воена неутралност можеби не е формално прифатена, но сепак на некој начин е толерирана во меѓународната заедница, забележува Бошко Јакшиќ.

„Впечатокот е дека се прави сѐ за да се покаже дека воената неутралност не е само празна фраза“, вели пак Александар Радиќ. Тој го истакнува фактот дека Србија во поединечни документи веќе прилично јасно има нагласено што точно во праксата би требало да значи воената неутралност.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/M. Klimentyev

Русија - неискрен партнер?

Во обидот да протолкува што Србија сака да постигне со најавената декларација и каква порака сака да испрати со неа, Јакшиќ вели дека декларациите се токму она што самото име го кажува. Тоа е само обид за лавирање меѓу Истокот и Западот, особено по аферите Крушик и руски шпион. А сето тоа спроти средбата на Вучиќ со Путин, на која би требало да се поправат односите со Москва, а да не се расипат односите со Западот. 

Александар Радиќ, пак, додава дека несомнено аферата со рускиот шпион, без оглед на пропагандната машинерија која се обидува да го релативизира сето тоа, сепак ќе го намали авторитетот на руското политичко и воено влијание во Србија. „Тоа е неминовно, бидејќи трагите водат кон исток и создадена е слика за тоа дека можеби соработката со Русија не е толку искрена од руска страна. Барем не онолку искрена, колку што очекува поголем дел од српското јавно мислење“, заклучува Радиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми