1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Србија: Епидемија на грип, молк за жртвите

20 февруари 2019

Во Србија над 100.000 луѓе се разболеа од сезонски грип и тоа не е ништо необично. Но, големиот број починати и чудните случаи од Ниш наидуваат на ѕид од молчење на надлежните. Епидемиолозите очекуваат и втор бран грип.

Serbien | Grippewelle
Фотографија: J. Đukić-Pejić

Учениците во Србија неделава требаше да се вратат во училишните клупи, но тоа поради грипот, а по препорака на Министерството за здравство, е одложено за една недела, за да се спречи ширењето на грипот. Според податоците на Институтот за јавно здравје Батут, бројот на заболени во текот на оваа сезона се искачи на 105.000, но се зголеми и бројот на починати - засега 29 лица.

Министерот за здравство Златибор Лончар во изјава за медиумите вели дека „големо мнозинство пациенти кои починале имале 'здружени болести' - хронични болести, дијабетес, зголемен крвен притисок“ и дека „здравствениот систем се подготвил“ и дека „има доволно респиратори и доволно резерви од лекот тамифлу“. Министерот исто така вели дека епидемиолошката ситуација е „во согласност со движењето на болеста за овој период од годината“, како и дека „во текот на изминатите години се случувало од грип во сезона да починат од 250 до 300 луѓе“.

Повеќе: ЕУ: Од отпорни бактерии умираат 33.000 луѓе годишно

Сепак, се чини дека и епидемија од среден интензитет е многу опасна и тоа не само за хроничните болни. Оваа година, имено, освен хроничните болни, меѓу починатите од грип имаше и неколкумина целосно здрави, но и млади лица.

Српскиот претседател Александар Вучиќ со својата свита и орда камермани во обиколка на деца во екот на епидемијата на грипФотографија: TV N1

Случајот на третата жртва, девојка од Ниш која почина од последици од грип, и натаму е неразјаснет. Познато е дека неколку пати била во станицата за Брза помош поради висока температура, дека е испратена на Клиника за белодробни заболувања и дека потоа две недели била пациентка на Инфективната клиника, каде поради тешка клиничка слика била приклучена на апарати за дишење. Тешкото оштетување на белите дробови на крајот завршило со смрт.

Она што не е познато е како здрава девојка од 27 години починала од последици од грип. Исто како и здрав полицаец, исто така од Ниш, кој беше првиот смртен случај. Токму поради него здравствената инспекција сега ја испитува работата на Брзата помош и на нишкиот клинички центар.

Истовремено, Министерството за здравство не одговара на прашањата на новинарите за тоа што е утврдено во оваа прилика. По неколку електронски пораки, телефонски повици и СМС-пораки, редакцијата на ДВ остана без одговор.

Клиничкиот центар Ниш одговори на прашањата, но на свој начин. На прашањата колку луѓе моментално се на апарати за дишење, колку респиратори има Клиничкиот центар и поради што е вратен пациент од Лесковац кој пред три дена почина од грип, Клиничкиот центар Ниш одговара:

„Клиничкиот центар Ниш има законска обврска секој ден на Институтот за јавно здравје во Ниш да му испраќа целосен извештај за актуелната епидемиолошка ситуација на сите клиники, како и за преземените мерки во целата установа, што уредно и го прави. Процедурално, Институтот за јавно здравје во Ниш тие извештаи секојдневно му ги проследува на институтот 'Милан Јовановиќ Батут', кој е задолжен, по пресекот на состојбата, да ја известува јавноста за епидемиолошката ситуација“, се наведува во одговорот.

Епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ вели дека за разлика од 2009 и 2010 година, кога бројот на заболени бил многу поголем, сега на нишките клиники има доволно респиратори. Останува нејасно зошто тогаш пациентот од Лесковац не е примен на клиника.

Во Клиничкиот центар Ниш молчат за сомнителните случаиФотографија: J. Đukić-Pejić

Додека се чека надлежните да објават вистинска слика и резулати од инспекцијата која треба да утврди дали се направени пропусти, д-р Тиодоровиќ вели дека очекува нов, уште посилен бран на грип. Тој укажува и на разликата помеѓу двата термина - пријава на епидемија и прогласување епидемија. Тоа многумина честопати го мешаат, нагласува тој.

„Пријавата подразбира дека здравствениот систем се става во посебен статус, дека неговите капацитети сериозно се зајакнуваат. Вниманието на лекарите кон болеста и пациентите мора да биде зголемено, особено на педијатрите и на инфектолозите. Но и граѓаните треба да бидат подготвени да преземаат превентивни мерки поинтензивно од вообичаено. Значи, пријавата покажува дека се појавува зголемен број на заболени од грип. Прогласувањето епидемија подразбира вонредна состојба. Тоа значи дека мора да ги затворите училиштата, градинките, театрите, кината... секаде каде што луѓето се собираат, масовни собири, па дури и свечености - сѐ тоа мора да се одложи.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми