1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Злото кое убива и по војната

8 мај 2018

Пред 19 години авионите на НАТО врз Ниш фрлија стотици касетни бомби. Загинаа 15 луѓе. Многу касетни бомби до денес претставуваат закана. Но, властите во Србија заборавија на нив.

Streubomben Serbien
Споменик на жртвите во НишФотографија: DW/J. Djukic Pejic

Нишлијката Гита Јовиќ на почетокот на мај 1999 година тргнала на работа како и секој друг ден. Бил петок и ден кога последен пат била стоматолошка сестра. „Тоа беше мрачен ден“, раскажува Гита (59) за ДВ. „Се слушаа авиони, некоја врева. Мислев дека ќе одат некаде. Наеднаш, во десната нога почувствував силна болка. Тој момент не ми беше ништо јасно, а потоа сфатив дека нѐ бомбардираат. Гледам жена која како да плива во воздух и сфаќам дека нѐ погаѓаат шрапнели.“

„Викав помош, се обидував да ползам. Тој момент не ни знаев дека сум повредена. А потоа ја кренав ногавицата - гледам само коски. Тогаш сфатив дека од ногата нема ништо. И натаму паѓаа некакви грутки, тие касетни бомби. Една падна пред мене. Една колешка конечно слушнала како викам. Потоа ми раскажуваше дека не ме препознала зашто сум била црна како ќумур“, вели оваа жена.

Бомбардирањето на Ниш на три локации траеше десет минути. Погодени се места каде што е најголемиот пазар во градот, зградата на Универзитетот, нишкиот кеј и тврдината, градската болница - места каде има многу луѓе. Загинаа петнаесетмина.

„Утредента, кога се разбудив, не знаев колку ќе мораат да ме сечат. Ѕирнав под чаршавот. Гледам завиткан остаток наместо десна нога.  Левата полна со фиксатори. Тогаш ми објаснија - другата нога висела на кожата, тие се обидувале да ја спасат за да не останам во вид на труп. Луда среќа, телото не ја отфрлило ногата“, додава Гита.

Вели дека и денес има многу проблеми поради многуте шрапнели во телото, тешко ѝ е да ја користи протезата затоа што ја стега. Ниту на штаки не може да оди долго, па нив ги користи само дома. Дури претходните неколку години почнала да излегува од својот стан, зашто седумте скалила во зградата во која живее биле непремостлива пречка.

Гита ЈовиќФотографија: DW/J. Djukic Pejic

„Страшно го осудувам НАТО. И никогаш не сум го сакала тогашниот претседател Милошевиќ, неговата политика, но тоа војување - што ќе ни е тоа? Ако треба да напаѓаат некого, нека го напаѓаат него, зошто нас, недолжни луѓе? Ние го правевме она што го правевме и секој друг ден, одевме на работа, живеевме како знаеме и умееме“, вели оваа жена.

Бомбата број 107

Гита Јовиќ е една од повредените недолжни нишлии. Обична граѓанка на која касетната бомба ѝ го променила физичкиот опис, ѝ го отежнала животот и нејзе и на семејството. Меѓутоа, тоа му се случило на искусен деминер во Војската на Југославија.

Слаѓан Вучковиќ, воздухопловно-технички заставник прва класа, веќе 19 години е во инвалидска пензија, иако има само 51 година. Вучковиќ е ранет малку порано, на 25 април.

„Тој ден на Копаоник деминирав 106 бомби. Остана уште една, последната и потоа ни беше наредено повлекување. Слушам експлозија. Легнувам на земја. Станувам, гледам - немам десна рака, лие крв“, раскажува Вучковиќ за ДВ. „Се сеќавам дека станав и трчав, екипата беше на 150 метри од мене. Низ зуењето во главата го слушам нивното навивање 'Тоа Вучко!'. Затоа што сум станал. По таква експлозија никој не станува.“

По операцијата бил начисто: ампутирана му е десната подлактица, левата дланка, скинати му се мускулите и лигаментите на десната нога, повредена му е левата страна на лицето и оглувел на левото уво. Подоцна чул дека санитетското возило кое го превезувало до болница имало сообраќајна несреќа и дека се „тумбале“ и паднале во ендек, а до најблиската болница го превезло полициско возило. Тој ден преживеал двапати.

Слаѓан ВучковиќФотографија: DW/J. Djukic Pejic

Имало денови кога како Гита живеел повлечено. Дури во 2007 година во него нешто се прекршило и тоа кога добил повик за учество на Конференцијата на земјите загрозени од касетна муниција, која се одржувала во Белград, а тогаш настанала и иницијативата да се покрене Конвенција за забрана на касетна муниција. Слаѓан Вучковиќ тогаш донесол одлука своето време да го посвети на тоа Србија, но и останатите земји, да се исчистат од преостанатата касетна муниција и таа веќе никогаш да не се употребува.

„Зашто, таа не е одбранбено средство. Таа е дизајнирана така да може и многу години откако е фрлена да убие, и тоа невини луѓе. Ги има различни, зависно од производителот, но сите се во боја - портокалова, жолта, виолетова, за да предизвикаат љубопитство кај луѓето, посебно децата“, вели Вучковиќ. „Намерно се направени да не експлодираат при удар на земја, за да бидат пречка во борбените дејства, значи минско поле, и за да страдаат невини луѓе. Статистиките покажуваат дека од касетни бомби страдаат цивили, повеќе од 90%, а од тоа повеќе од 80% се деца. Па вие видете какво е тоа зло!“

Повеќе: Касетните бомби и официјално забранети

„Касетната бомба е контејнер во којшто се наоѓаат до 800 бомбички. Секоја од тие бомби покрива површина голема отприлика колку фудбалско игралиште, а никогаш не фрлаат една. Отприлика секоја од нив има 2.000 мали шрапнелчиња кои се со тежина до еден грам и развиваат неверојатна брзина од околу 2.000 метри во секунда, секој од нив. Што значи тоа? При удар на секој мал шранпнел со голема брзина во телото, на секој отпор од која било коска тој добива крива линија на движење и апсолутно го разорува целиот организам“, објаснува поранешниот деминер.

Американски касетни бомби се фрлаат за време на воена вежна во ноември 2011 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Србија ги заборави касетните бомби

Во рамки на „Handicap International“ од Белгија, Слаѓан Вучковиќ станал поборник на забрана на касетните бомби и од таа 2007 година се бори и Србија да ја потпише конвенцијата за касетна муниција. Ни денес не му е јасно зошто оваа Конвенција ја имаат потпишано 120 земји во светот, ја имаат ратификувано 103, а Србија како земја жртва тоа сѐ уште го нема сторено.

„Србија и Романија се единствени во регионот кои немаат потпишано, а Србија и натаму е покриена со неексплодирани касетни бомби. Многу земјоделци не можат да го обработуваат земјиштето, не се знае колку бомби има во Дунав и Сава како пловни патишта, тие им прават проблем и на шумарите. Се смета дека во Србија и натаму има три милиони квадратни метри контамнирани со касетна муниција“, вели Вучковиќ за ДВ.

Повеќе: Војна и по војната

Србија одамна не се занимава со овој проблем, а со потпишувањето на Конвенцијата би моралоа да се исчисти цела територија и да се престане со складирање на остатоците од претходните војни. „Зошто ги чува ако тие не се  употребуваат на своја територија за одбрана, туку исклучително на туѓа?“, се прашува тој гласно.

На тоа прашање нема одгвоор. Само венци кои политичарите секој мај ги полагаат во Ниш, како што во други денови ги полагаат на други места.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми