1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Избори без (добри) причини

Ивица Петровиќ
30 октомври 2017

Калкулациите околу термин за нови избори во Србија не престануваат. Редовните локални избори во Белград следат напролет, но работите околу изборите во Србија одамна не се ни регуларни ни редовни.

Belgrad Serbien Wahlen
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Toskic

Се множат знаците дека сегашната власт планира некои нови избори во декември годинава, останува само непознатица - кои. Се споменуваа белградски избори за 24. декември, но и шпекулации за одржување паралелно со нив и вонредни парламентарни избори, дури и самиот српски претседател Александар Вучиќ изјави дека во врвот на Српската напредна партија (СНП) се размислува околу нив.

Трка со време

Проблем за власта би било ускладувањето на тајмингот на евентуалните избори во декември со законските прописи. Но,  почитувањето на законите во Србија е релативна работа,  ако власта реши да спроведе избори, тие ќе бидат одржани, со помош на закон или противзаконски.

Околу вонредни парламентарни избори би се случило она што веќе сме го имале повеќепати, вели за Дојче веле Бојан Клачар, извршен директор на Центарот за слободни избори и демократија, ЦЕСИД. Една можност е оставка на премиерот или загрозување на парламентарното мнозинство. Во врска со белградските избори работите се покомплицирани, истакнува тој: „За тоа би требало да се пронајде некоја правна математика, за изборите да се прогласат за избори во редовен термин, без оглед што би биле во декември. Во двата случаи не станува збор за објективни причини, туку за политичка волја на владејачката коалиција.“

Реални причини за вонредни парламентарни избори не постојат, но некои причини можат да се пронајдат во сегашниот состав на Собранието на Србија. Власта, не поднесувајќи никаква критика, во парламентот гледа неподносливо место во кое има премногу опозиција.  Досегашните бројни циклуси вонредни избори меѓу другото беа и обид што поголем број опозициоски партии и групации да се остават под цензусот. Таквиот однос кон опозицијата кулминираше со неодамнешната изјава на претседателот на Парламентот Маја Гојковиќ, „дека веќе не може да ја слуша опозицијата“. Тоа е заднината поради која се поттикнува панаѓурско однесување во парламентот, кое би можело погодно да биде искористено за ставање на товар на опозицијата и наведување како причина за вонредни парламентарни избори.

Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cukic

Инженеринг на опозицијата

Јасмина Лукач, уредник на политичката рубрика на весникот „Данас“, за Дојче веле истакнува дека мотив за вонредни парламентарни избори би можела да биде слабата позиција на СНП во Белград. „Спојување на локални со парламентарни избори би значело подобра мотивација на нивните бирачи, подигнување на нивото на нивната кампања, што крајно би донесло повеќе гласови и во Белград“. Во врска со слабеење на опозицијата, Лукач оценува дека може да се употреби термин „инженеринг на опозицијата“. „Оваа власт многу внимава на тоа кој ќе ѝ биде противник, тоа е една од нејзините техники на владеење, можеби се надева во новиот состав на парламентот да се најдат партии кои условно речено ќе бидат подобри противници - во смисол да не претендираат на избирачите на СНС, главно десно определени. Односно, Српската напредна партија можеби порадо во Парламентот како опозиција, без оглед на сѐ, би го видела Саша Јанковиќ“.

За Бојан Клачар вонредни парламентарни избори не се реалност, но не верува дека на нив ќе се чека до редовниот термин во 2020. година. Но, за нив се зборува сега за да се сочека реакција од конкурентите и да се држи тензија меѓу гласачите и функционерите, со испраќање порака: промени се можни во секој момент.

СНП и натаму фаворит

Без оглед на огромниот оптимизам кај опозицијата во поглед на белградските избори, анкетите на јавното мислење покажуваат дека и во Белград поединечно најсилна партија е СНП. Истражувањето на Новата српска политичка мисла покажува дека СНП има 33,8 %, Саша Јанковиќ - Вук Јеремиќ - Драган Ѓилас 27,7 % и Александар Шапиќ - 16,1 %. Разликата не е толку голема како на републичко ниво, но победата на позицијата не изгледа толку сигурно. Опозицијата типува на Белград како свое традиционално упориште, вели Клачар, но Белград не е само урбаниот дел, а има и многу гласачи со клиентелистичко однесување.

Фантомски гласачи

Според Јасмина Лукач, Белград е полесен за кампања и силна интернет- кампања може многу да влијае на крајниот исход. Постојат и бројни предупредувања за спремноста на власта да употреби и помалку легални методи во борбата да ги одржи своите позиции. Многу прашина крена тврдењето на опозицијата дека власта пријавува сѐ поголем број луѓе од внатрешноста на белградски адреси, за да го зголеми бројот на свои гласачи. Новинарите не успеале да ги докажат овие тврдења, зашто официјалните податоци, сервирани од луѓе од власта, на пример министерот за внатрешни работи, инаку шеф на изборниот штаб на СНП за Белград, Небојша Стефановиќ, зборуваат поинаку.

Бојан Клачар истакнува дека ваквите тврдења ќе можат да се проверат „дури кога ќе можеме да ги видиме избирачките списоци, односно кога ќе почне кампањата. Но, и евентуалните промени мора да се посматраат во некој подолг временски период. Во секој случај, соочени сме со лоши пораки, кои од еднастрана предизвикуваат загриженост кај граѓаните, а од другастрана ја намалуваат довербата во изборниот процес“, предупредува Клачар.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми