1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија искрен посредник во Украина

Немања Рујевиќ / ЕМФ22 декември 2014

„Србија има искуство со регионални конфликти и последици. Земјата мораше да научи некои гoрки лекции кои сега може да ги примени во пoиканов контекст“, вели за Дојче веле генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.

Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Србија на 1 јануари го презема претседавањето со ОБСЕ. Чести се критиките поради тесните врски на Белград и Москва, но некои, како германскиот пратеник Дитмар Нитан, тврдат дека токму поради тоа Србија може да биде мост меѓу Русија и Западот. Како тоа ќе биде искористено во ОБСЕ?

Ламберто Заниер: Се согласувам дека е од помош ако имате добри односи со сите. Видовме како Швајцарија, како неутрална земја, во текот на своето прво претседавање се позиционираше меѓу двете страни и се обиде да посредува во наоѓањето решение. Тоа секако не е лесно, зашто тогаш добивате жалби и од десно и од лево. Но така се создава простор за некаков придонес. Мој впечаток е дека Србија е еднакво погодна, многу е ангажирана на европскиот пат, а притоа има традиционално силни врски со Москва. Тоа се позитивни елементи врз основа на кои Белград може да игра улога на искрен посредник. Се разбира, Србија и самата има искуство со регионални конфликти и со нивните последици. Земјата мораше да научи некои горки лекции кои сега може да ги примени во поинаков контекст.

Колку е важно кој претседава со организацијата? Што Србија може да направи или да промени од таа позиција?

ОБСЕ е консензуална организација - кога се одлучува мора сите да се согласат. Понекогаш тоа е ограничување и фрустрација што ја носи претседавањето. Но таа позиција ја носи и важната улога на политичкото водство во организацијата. Тоа е добра прилика, особено во ситуации на голема поларизација како што е актуелната, да се дејствува како медијатор од доверба и да се решаваат проблемите кои се на маса.

Да се вратиме на Украина, со која Белград ќе мора и најмногу да се занимава. На последниот министерски состанок Вашата организација повторно доби неподелена поддршка, сите се залагаат за мирно решение. Меѓутоа, и натаму се пука. Зошто?

Веќе видовме подобрување на теренот. Имаше бројни прекршувања на договорениот прекин на огнот последните месеци, но во последните неколку денови ситуацијата е подобрена, што ни влева надеж. За ОБСЕ клучна останува примената на политичкиот процес кој почна во Минск, како и улогата на тројната Контакт група. Во прв план е запирање на борбите, но и повлекување на оружјето, размена на затвореници и слично. Имаме луѓе на лице место кои соработуваат со двете страни и ја следат примената на договорот. Ефикасен прекин на огнот би отворил простор на натамошен ангажман.

Сепак, вие начелно добивте поддршка уште пред осум месеци и тоа од Украина, Русија, САД и ЕУ. Зошто мировниот ангажман оттогаш беше јалов?

Ние не можеме насила да наметнеме мир, туку само да создаваме услови. ОБСЕ е ангажирана на два начина: политички и на терен, каде имаме мандат да набљудуваме и известуваме. Но немаме никаква директна контрола над употребата на оружје. Клучните играчи имаат влијание и ќе мора да го завршат својот дел од работата. ОБСЕ може да посредува, но главните субјекти ќе мора да придонесат за деескалација.

Вашата претходна работа беше претставување на ОН на Косово. Таму имаме некаков вид замрзнат конфликт без конечно решение. Соочени ли се делови на Украина со истото сценарио?

На почетокот на замрзнат конфликт никој не може да каже дали тој ќе остане замрзнат или не. Но има елементи кои укажуваат дека проблемот би можел да остане на маса подолго време. Тоа е загрижувачки.

Освен размената на оган, во ек е и војна со санкции. Како тоа влијае врз мировните напори?

Санкциите имаат во секој случај влијание, како што влијание имаат и сите процеси поврзани со кризата со која се занимаваме во моментов. Санкциите ги зголемуваат поделбите кои ги имаме во рамки на ОБСЕ. Некои држави членки воведоа санкции, затоа што тврдат дека Русија - членка која е објект на санкциите - ги прекршила основните принципи.

Дали би се согласиле дека решение на украинската криза е тешко замисливо додека санкциите се на сила?

Санкциите не се дел од политиката на ОБСЕ и за нив не се расправа во рамки на организацијата. Со тоа прашање ќе мора да се занимаваат државите кои воведоа такви мерки.

Италијанскиот дипломат Ламберто Заниер стана генерален секретар на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) во 2011 година. Од 2008 до 2011 година тој беше специјален претставник на ОН на Косово. Од 2002 до 2006 година беше директор на Центарот за превенција на конфликти на ОБСЕ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми