1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Албанија тешко се разбираат

Б. Георгиевски12 ноември 2014

И по 68 години молк, Србија и Албанија и натаму не се разбираат, известуваат медиумите на германски јазик по посетата на Еди Рама на Белград. Друга тема: враќањето на Шешељ - удар за реформскиот премиер Вучиќ?

Фотографија: picture-alliance/dpa/Armando Babani

„Србите и Албанците некогаш беа на иста страна, на Косово Поле, против турските освојувачи. Но, оттогаш минаа векови. Денес Косово е минско поле во односите меѓу Белград и Тирана“, пишува порталот на Бајерише рундфунк. Авторката наведува дека повикот на Рама до Србија да ја прифати независноста на Косово бил „провокација“, и дека Вучиќ „очекувано експлодирал и возвратил на огнот“.

„Откако се расчисти чадот, двајцата рекоа дека Албанија и Србија ќе соработуваат. На пример, во пишувањето барања до Брисел, бидејќи и Тирана и Белград сакаат пари од ЕУ за изградба на железници и автопат кој ќе оди преку Косово. Добро е што постои ЕУ. Србија и Албанија сакаат да и’ се приклучат што побрзо. Но ќе мораат да почекаат и најпрво да ги завршат домашните задачи: да ги нормализираат односите, да ги признаат малцинствата, да го заживеат стопанството и да изградат цивилно општество. Затоа овие две земји мораат и натаму да разговараат, иако и по 68 години молк и натаму не се разбираат“.

Виенскиот весник „Пресе“ во коментарот на таа тема пишува:

„Албанското малцинство во Србија му приреди воодушевен дочек на гостинот од далечната матица, кој беше дочекан како месија. Илјадници навалија на улиците на Прешево кога пристигнуваше лимузината на Еди Рама. Со аплауз и албански знамиња, жителите го славеа својот идол. Бидејќи Рама само ден претходно на својот колега Александар Вучиќ во Белград недипломатски јасно му порача: Србија треба да ја признае неповратната реалност на независноста на Косово“. „Пресе“ наведува дека српскиот булеварски печат бил огорчен поради изјавите на Рама, а дека со посетата по изгледа единствено е задоволен Брисел, кој и ги принуди на зближување двете земји од европската чекална.

Шешељ - човек на минатото

„Берлинер цајтунг“ ги анализира последиците од враќањето на Воислав Шешељ во Белград. „Воислав Шешељ е човек од минатото. Повеќе од една деценија во Хаг траеше процесот поради неговите наводни злосторства во југословенската војна. Сега се враќа во Белград, што ја вознемирува тамошната влада“, пишува весникот. „Шешељ, некогаш страв и трепет како шеф на паравојска во војните во екс-Југославија, а подоцна и ултранационалистички водач на Радикалната партија, во февруари 2003 (кога доброволно се предаде) имаше кај своите приврзеници имиџ на народен херој и борец за слобода. Кога минатата недела Хашкиот трибунал одлучи да го пушти на слобода, дури ни поранешните партиски пријатели не го сакаа неговото враќање, бидејќи тие тврдат дека се преобратиле. Најважните функционери на радикалите во 2008. му го свртеа грбот на Шешељ и ја формираа Напредната партија. Денес тие владеат и веруваат дека се на патот на реформи кон Европската Унија, што сепак не ги поколеба минатиот месец да одржат воена парада за Владимир Путин, која се граничеше со славење на култ на личноста“, пишува „Берлинер цајтунг“.

Воислав ШешељФотографија: picture-alliance/dpa/V. Kuypers

„И покрај тие контроверзи, враќањето на Шешељ е доста непријатно. Од владините кругови во Белград дури може да се слушне дека ослободувањето на Шешељ е завера на Западот чија цел е да се дестабилизира реформскиот премиер Александар Вучиќ. Навистина, многумина во Белград веруваат дека враќањето на Шешељ може да им вдахне нов живот на неговите радикали, кои во меѓувреме потонаа во безначајност“, заклучува берлинскиот весник.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми