1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Србија и Косово еден ден ќе имаат нормални соседски односи“

17 октомври 2011

Претседателката на Косово, Атифете Јахјага, во интервју за Дојче веле истакнува дека имплементацијата на планот на Ахтисари е решение без алтернатива и по европски терк за проблемот на северно Косово.

Претседателката на Косово, Атифете ЈахјагаФотографија: DW

Најновите случувања на северно Косово покажуваат дека конфликтот меѓу Косово и Србија не е завршен. Може ли да има решение или воопшто компромис меѓу двете страни за овој проблем кој стана ново жариште?

Претседателката на Косово, Атифете Јахјага смета дека решението е во имплементацијата на планот на Марти Ахтисари кој донел добри резултати во другите општини во земјата со српско население.  Тој план предвидува граѓаните од српска националност на северот на Косово да изберат сопствени летимни и легални претставници, и овозможува спроведување на уставот и законите на Косово:

„ За овој пат нема алтернатива бидејќи нема да има поделба на Косово, нема да има поделба на Србија, ниту пак размена на територии и преселби на население. За такво нешто нема, ниту пак некогаш ќе има некаков договор меѓу државите Косово и Србија. Тоа беше политика од минатиот век која не ја поддржувам. Таа политика никогаш не била ниту ќе биде дел од европските претстави“, истакнува Јахјага во интервју за редакцијата на албански јазик на  Дојче веле.

Јахјага веднаш по изборот за претседател на Косово во парламентот во Приштина на 7 април годинаваФотографија: picture alliance/dpa

Решавање на проблемите на патот кон ЕУ

Според Јахјага, внатрешната организација на Косово е прашање на суверентитетот на државниот субјект Косово и планот на Ахтисари предвидува  локална автономија која е доволна и сеопфатна, за да можат Србите, Бошњаците и останатите што живеат во Косово да ги уживаат нивните национални права.

За време на нејзиното претседателствување со Косово, Јахјага оствари и одржува бројни контакти со другите претседатели во регионот но и во светот. Многу земји од регионот сакаат да станат членки на ЕУ иако пред нив стојат уште многу нерешени проблеми. Според претседателката на Косово основна цел на нејзините бројни контакти е решавањето на тие проблеми:

„Одржувам контакти со многу претседатели и кога се сретнувам со нив ја пренесувам пораката на мирот и стабилноста , взаемното почитување во насока на остварување на целта не само на Косово туку и на целиот Западен Балкан, членството во ЕУ“.

Во јули косовската претседателка учествуваше на регионалниот самит во Охрид со претседателите на Македонија, Албанија и Црна Гора- Иванов, Топи и ВујановиќФотографија: MIA

Јахјага: „Независноста на Косово е неповратна“

Таа посочува дека со Србија се води рамноправен дијалог во Брисел кој донел резултати врз чија основа може да се работи натаму, резултати кои се европски. Јахјага е уверена дека ќе дојде денот кога Косово и Србија ќе имаат нормални односи како две соседни земји кои си го почитуваат суверенитетот и  територијалниот интегритет.

„Независноста на Република Косово е неповратна, зашто е одраз на слободно изразената волја на народот на Косово и имплицира моќна обврска на меѓународната заедница, дека на Балканот повеќе нема да има војни, хегемонија и угнетување“, вели Јахјага во интервју за албанската редакција на Дојче веле.

Автор: Мимоза Кељменди/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска   

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми