1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Хрватска: вербални балистички ракети

Игор Ласиќ/сн18 јануари 2016

Во заднината на натпреварот во набавка на ракети со долг дострел на Западниот Балкан се наѕираат деликатните односи меѓу САД и Русија, велат за ДВ аналитичари од Хрватска и од Србија.

Фотографија: DW/I. Lasic

Хрватска и Србија влегоа во 2016 година во еден вид регионална трка во вооружување која се’ уште, иако се одвива само на зборови, предизвикува општа скепса. Но бидејќи двете земји најавуваат наскоро набавка на балистички ракети и слични покрупни воени опреми, не треба да изненадува големиот интерес на јавноста за оваа тема. Се’ започна есеноска, кога Хрватска одеднаш побара од Пентагон, САД од својот вишок да и’ донираат од мобилните ракетни лансери М270 МЛРС со дострел на проектилите од 300 до 350 километри. А најновите вести велат дека Србија тукушто добила цврсто ветување од Русија, со изјавата на нејзиниот вицепремиер Димитри Рогозин, дека во извесен аранжман и таа набрзо ќе располага со рускиот одбранбен систем С-300.

Целата расправа станува разумно сериозна кога ќе се земат предвид стратешките партнери во заднина како речиси митски антагонисти - Американците и Русите. Не е во целост познато, имено, зошто на Хрватска и на Србија денес им е потребна тешка воена техника, и во каков точно политички концепт. Но, добро е познат контекстот во кои двете велесили ги мерат своите сили преку грбот на помалите партнери, во што со иницијатива води посилната од нив - Америка. Хрватскиот политички коментатор Томислав Јакиќ вели дека оригиналните планови на НАТО со САД на чело, а во периодот кога Хрватска се подготуваше за влез во тој сојуз, многу веројатно не предвидувале вооружување на хрватските вооружени сили со балистички ракети.

Фотографија: DW/I. Lasic

Марш на Исток

„Познато е дека експертите од Атланскиот пакт тогаш зборуваа оти на Хрватска не и’ е потребно ни воено воздухопловство“, се потсетува Јакиќ, „бидејќи тоа не се вклопува во улогата која во своите планови и’ ја намениле на хрватската војска. Денес ситуацијата е значително променета, НАТО маршира кон Исток, а секоја нова членка е соодветна да биде дел од новата политика на конфронтација со Русија.“ Според него, на Хрватска балистички ракети сигурно не и’ се потребни освен ако нема намера да води офанзивна војна. А очекувано е Србија, која Јакиќ ја гледа како „единствена можна и разбирлива цел на тие ракети“, да одговори со засилување барем на обранбените капацитети, со поддршка на Москва.

„Така навистина сме на прагот на мини-трка во вооружување меѓу Хрватска и Србија, а во поширок контекст на американско-руска конфронтација. Тоа ќе штети на двете земји, но и на стабилноста на регионот. И затоа оние кои влегуваат во таа трка, посебно оние кои ја иницираат, би морале да бидат свесни за последиците“, вели Јакиќ.

Од друга страна, сепак не придаваат сите во Хрватска толку големо значење на ова меѓудржавно експериментирање: стручњакот за социологија на војска и војна Озрен Жунец, од Филозофскиот факултет во Загреб, смета дека размерите на овој случај се повеќе комични отколку потенцијално трагични. За да го обноват својот арсенал, „двете војски бараат помош таму каде што им е тоа политички соодветно“, вели Жунец. „Хрватска и’ угодува на Америка, како што знаеме, а Србија сака да остане во добри односи и со ЕУ и со Русија, што не е лесно да се балансира.“

Жунец смета дека треба да се согледаат можностите на кампањата во која сепак Хрватска, да речеме, не е во економска позиција преку вооружување економски да ја исцрпи Србија онака како што на времето Роналд Реган го изведе тоа со Советскиот Сојуз. Исто така е многу јасно, според размислувањето на нашиот соговорник, дека ниту Хрватска ниту Србија денес немаат ниту една политички, економска, морална или слична причина за заострување на односите, колку и изразот „балистички ракети“ во принцип да звучи вознемирувачки. „Се’ се сведува на мало надмудрување околу, да речеме, бегалците, а тоа е успешно надминато.Останува фактот дека овој предмет со вооружувањето до некаде го надувуваат медиумите, како и по некој политичар во лов на лесни поени“, заклучува Жунец.

Фотографија: DW/I. Lasic

Балканска психолошка војна

Во јавниот пристап кон овој проблем не се разминуваат само медиумските или академските коментатори, туку и припадниците на ист државен врв. Добра илустрација за тоа е реакцијата на генералот Љубиша Диковиќ, началник на Генералштабот на Војската на Србија, кој за разлика од главните политичари во својата држава констатираше дека во конкретното вооружување на двете земји не гледа ништо спорно, ниту заканувачко и загрижувачко.

Љубодраг Стојадиновиќ, воен аналитичар на белградскиот весник Политика, смета дека политичките елити на двете соседни земји лицитираат со реакциите во своите национални јавности: „Затоа трката наликува на фарса, бидејќи се испукуваат вербални ракети, додека можностите за вооружен судир во овој момент се навистина незначителни. Ова е значи едноставно варијанта на балканска психолошка војна.“

„Методот е јасен - најнапред се испукува она што сѐ уште го нема“, продолжува Стојадиновиќ, „како што нема ни концепт, како одбранбен, така и офанзивен, за овдешно регионално користење на споменатите оружја. Останува прашањето на интересите на големите сили, кои се прекршуваат преку овој случај, а кое во секој случај треба да биде земено предвид, иако и Хрватска и Србија притоа со леснотија си придаваат себеси големо значење“.

Аналитичарот порачува дека на сите би им било подобро да се концентрираат на реалните проблеми и можности, наведувајќи го притоа примерот на војската на Србија: „Некои едноставно технички и организациски предизвици кои стојат пред неа се далеку поургентни и ќе мине многу време додека таа воопшто биде во состојба на сериозен начин да прифати систем каков што е С-300“, додава Стојадиновиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми