1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Црна Гора: Чувствителни теми и „борба на овнови“

Радомир Крачковиќ
30 ноември 2020

Подгорица го протера српскиот амбасадор, а Белград ја повлече одлуката за протерување на црногорскиот. Аналитичари: Ова е логична кулминација на лошите односи, но можеше да се избегне со малку дипломатска прагматичност.

Westbalkan-Konferenz Gruppenbild Vucic und Djukanovic 28.08.2014 Berlin
Фотографија: Reuters

 Дипломатската војна меѓу Црна Гора и Србија која со прекини трае од почетокот на годинава, веројатно кулминираше пред два дена кога Подгорица го протера српскиот амбасадор Владимир Божовиќ, на што Србија возврати и му го откажа гостопримството на амбасадорот на Црна Гора во Белград, Тарзан Милошевиќ. Србија во меѓувреме ја повлече одлуката за протерување на Милошевиќ и тоа на барање на претседателот Александар Вучиќ кој смета дека со ваквиот чин ќе се влијае на подобрување на односите со Црна Гора.

„Не треба да се однесуваме како два овна што се ‘рваат со рогови", лаконски заклучи Вучиќ.

Политичарите од просрпските партии во Подгорица коментираат дека протерувањето на Божовиќ е уште еден „зариен нож во грб на братска Србија“. Сепак, ја поддржуваат одлуката на Вучиќ. Сигналот од Белград го поздрави и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и ја повика Црна Гора да ја повлече одлуката за протерување на српскиот амбасадор.

Аналитичарот Борис Раониќ вели дека се надевал оти уште одамна ќе завршат дипломатските спорови меѓу Србија и Црна Гора, но тие траат во континуитет. Уште во 2008 година Србија ја протера црногорската амбасадорка поради признавање на независноста на Косово. Црна Гора тогаш не одговори со иста мера.

„Премногу подеми и падови има во нашите меѓудржавни односи. Извесно е дека тие мора да бидат подобри бидејќи не може да напредуваме ако не воспоставиме добри односи со соседите,“ вели Раониќ за ДВ.

Дипломатот коментирал чуствителен историски настан

Божовиќ и претходно годинава повеќепати беше повикан на разговор во црногорското Министерство за надворешни работи поради препукувањето на двете држави околу литиите на Српската православна црква во Црна Гора и палењето на црногорското знаме пред амбасадата во Белград.

Повеќе на темата:

Преголема Црна Гора или премала Србија?

Моја Европа: Неопходно е спротиставување на корумпираните балкански елити

Црна Гора: Идентитет, вера, политика, пари

Неодамна повторно беше во центарот на внимание кога сакаше да положи венец на спомен плочата во Будва посеветена на „српските ослободители“ во градот од 1918 година, која за официјална Подгорица е историски фалсификат, иако досега ја нема отстрането, а официјални претставници со поранешниот српски амбасадор положувале цвеќе. Овојпат полагањето венец го спречија граѓани со црногорски обележја.

Амбасадорот на Србија Владимир Божовиќ стана „персона нон грата“ во ПодгорицаФотографија: Government of Montenegro

Повод за протерувањето е изјавата на Божовиќ за Подгоричкото собранието, за настанот од 1918 година кој е чуствителен и контроверезен за Црна Гора, кога земјата ја изгубила независноста и е припоена кон Србија.

Ова е историска рана за многу Црногорци, Србите во Црна Гора го слават порачувајќи дека нивните предци тогаш само ја исполните вековната желба за обединување на двете држави. И изјавата на Божовиќ била во тој контекст – „дека Подгоричкото собрание било слободен израз на народната волја."

И српската премиерка Ана Брнабиќ порача дека Србија се согласува со изјавата на Божовиќ и дека тоа никако не може да биде причина тој да се протера од Црна Гора, додавајќи дека и официјални црногорски лица Србија ја прогласуваат за окупатор во Првата светска војна.

Од друга страна, заменик претседателот на спрската опозициска Партија на слободата и правдата, Борко Стефановиќ смета дека државниот врв на Србија со повлекување на својата одлука за протерување на црногорскиот амбасадор, признава дека црногорската власт на заминување била во право со одлуката за протерување на Божовиќ кој пак го нарече – партиски војник.

Поранешниот министер за надворешни работи на Црна Гора, за ДВ вели дека Божовиќ се мешал во внатрешните прашања на Црна Гора, но дека неговото протерување сепак можело да се избегне.

„Дипломатите треба да избегнуваат јавно мешање во внатрешно-политички односи и да работат на градење меѓусебна доверба. Но, сепак мислам дека ќе беше посоодветно да се повика Божовиќ на разговор и да се предупреди да не го прави тоа повеќе, укажувајќи му и на можноста дека може да му биде откажано гостопримството. Такво предупредување исто така можеше да биде испратено и до Министерството за надворешни работи на Србија од кое би се очекувала соодветна реакција бидејќи протерувањето е една од крајните мерки, откако сите други ќе се исцрпат,“ вели Луковац.

Раониќ потсетува дека Божовиќ повеќепати е предупредуван, но сепак му е чуден тајмингот за ваквата одлука бидејќи е донесена од техничката влада чиј мандат истекува за неколку дена.

„Ова е изнуден потег бидејќи е непримерно еден дипломат да се занимава со историски факти во државата во која ја извршува својата функција. Тоа ниту е пракса, ниту е негова работа,“ смета Раониќ. Тој исто така предупредува дека е ова логична ексалација на лошите односи на двете држави во претходниот период, но и на нивните дипломатски грешки. „Тие не поставија за амбасадори дипломати од кариера кои се попрагматични и се фокусираат на својата работа, а тоа е унапредување на меѓусебните односи, а не коментирање на историјата,“ додава Раониќ.

Протерувањето истовремено значи и дека Божовиќ најверојатно повеќе нема да може да се врати во Црна Гора како српски амбасадор. „На амбасадор кому еднаш му е откажано гостопримство нема пракса повторно да биде прифатен од државата која еднаш го прогласила за непожелен. Дури и ако биде повторно предложен тешко дека може да добие агреман од претседателот на земјата,“ вели Луковац. За тоа во случајов одлучува претседателот Мило Ѓукановиќ.

Следи затоплување на односите?

Повлекувањето на одлуката за протерување на црногорскиот амбасадор во Белград е поврзано со очекувањето дека со формалното доаѓање на новата власт во Црна Гора, чиј главен дел се просрпските партии, ќе доведе до подобрување на односите меѓу двете земји. И Луковац очекува дека новата влада во Црна Гора ќе настојува што побрзо да се надмине кризата во односите со Србија.

„Се надевам дека нашите соседни и пријателски земји од оваа криза ќе извлечат добри поуки, за да не се повтори ваква пракса на мешање во внатрешните односи,“ вели Луковац.

„Сепак ќе биде потребно да се вложи доста напор и време за да се оттргнат распространетите сомнежи дека политичките и државни органи на Србија имаат нескриени намери со помош на внатрешнополитички фактори и клеронационалистички сили, да извршат длабоки промени во Црна Гора за да ја припојат кон таканаречениот ‘српски свет’,“ смета Луковац.

„Очекувам подобри односи, не само поради тоа што тоа го најави и мандатарот на новата црногорска влада Здравко Кривокапиќ, туку и заради тоа што нов министер за надворешни работи на Црна Гора ќе биде дипломат од кариера и професионалец,“ вели Раониќ за Ѓорѓе Радуловиќ кој треба да стане шеф на дипломатијата.

„Би било добро за него, по посетата на клучните европски метрополи, да го посети и Белград и да се договори на кој начин повторно ќе се воспостават дипломатските односи меѓу двете земји. На крајот, мислам дека едноставно животот ќе не натера да ги подобриме овие односи,“ заклучува Раониќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми