Лош кризен менаџмент во поплавите?
29 мај 2014Обреновац моментно е град без жители. Низ него се движат само полицајци, војници и работници - чистачи, за да го подготват враќањето на граѓаните на малото гратче. Мора да се изврши дезинфекција, во некои делови нема електрична енергија и чиста вода за пиење, гласат официјалните извештаи. До пред една недела овде улиците и куќите беа целосно поплавени.
„Еден пријател ми рече дека нашите куќи делумно се уништени, а мебелот веќе не е употреблив“, вели Душан Мартинов од едно предградие на Обреновац во разговор за Дојче веле. Мартинов, како и илјадници негови сожители, се наоѓа во српската метропола Белград, оддалечена 30 километри, во привремено сместувалиште.
„Каде и како воопшто да се вратиме?“, прашува очајно тој.
Засегнатите граѓани од премиерот Александар Вучиќ добија утешни зборови и големи ветувања:
„Владата ќе ги обнови или изгради уништените куќи до крајот на септември. Ние веројатно ќе обезбедиме и електрични апарати“, изјави Вучиќ во селото Крупањ, каде дојде до масивно лизгање на земјиштето.
Од поплавите во Србија се уништени околу 3500 километри сообраќајници и 80 мостови, штетите, според владата во Белград, се проценуваат на над една милијарда евра. Како кандидатка за членка на ЕУ, Србија може да смета на финансиски средства од фондовите за солидарност на ЕУ. Овие средства можат да покријат можеби околу пет проценти од трошоците, пишуваат медиумите.
Што прави државата?
Многумина луѓе во Србија во меѓувреме сами се организираат и им помагаат на жртвите од поплавите. Масовно се собираат и транспортираат животни продукти во погодените подрачја, се нудат бесплатно слободни места преку Твитер, или полнат вреќи со песок, за случај да дојде нов бран поплави. Но, сочувството не може да биде замена за ефикасната акција на владата, смета српскиот блогер и експерт за односи со јавноста, Михаило Тешиќ.
„Луѓето реагираат и помагаат кога се под шок. Ако очајувањето потрае предолго, ова сочувство ќе се намали. Граѓаните имаат свои проблеми, мнозинството е вистински сиромашно. Ним дополнително ќе им го одвлече вниманието и тривијалната ТВ-забава“, анализира Тешиќ за Дојче веле.
Откако опасноста од поплавите престана, се множат обвинувања на сметка на владата во Белград и локалната власт. Опозициониот политичар Горан Јешиќ од Демократската партија е огорчен:
„Социјалните мрежи пренесуваа попрецизни информации отколку класичните медиуми. Но, најголемиот извор на погрешни информации и ширење паника беше владата“, тврди Јешиќ за Дојче веле. На пример, премиерот Александар Вучиќ во првите денови изјави дека не сака да наведува бројки на жртви, иако има повеќе загинати. Во тие денови многумина луѓе не знаеја каде се наоѓаат нивните најблиски и по оваа изјава паднаа во паника.
Леволибералниот интернет портал „Пешчаник“ пишува дека вонредната состојба во земјата беше воведена дури три дена по апокалиптичната временска прогноза. Ако тоа се случеше веднаш, би имало доволно време за градење брани и евакуација на населбите. Но, стотици од погодените преку социјалните мрежи пишуваат дека не биле ни предупредени оти реките можат да ги поплават градовите.
„Јас сум гневен, првенствено што толку многу деца беа доведени во опасност. Требаше да не‘ предупредат. Ниеден службеник не си ја изврши својата работа“, критикува една жителка на Обреновац.
Досега во Србија се регистрирани 40 загинати.
Самопромоција на политичарите
Политичарите ја користеа приликата катстрофата да ја инструментализираат за самопромоција, вели блогерот Тешиќ. Премиерот Вучиќ лично им врачуваше кебиња и шишиња вода на граѓаните, пред вклучени телевизиски камери. Тој и неговите министри се обидоа да се претстават како загрижени и ангажирани политичари, критикува Тешиќ:
„Тоа, всушност, беше вистински промашена реклама“.
Најразлутени се луѓето кои се самите погодени , како и оние кои се информираа преку Фејсбук и Твитер од прва рака.
„За жал, мнозинството Срби секојдневно седи долго пред телевизор. Студиите покажуваат дека ние сме во врвот во светот во овој однос. Медиумите наклонети кон власта агитираат за владата и известуваат некритички.“
Но, ниту небото на интернет не е целосно слободно: често се случува хакирање на страниците кои се критички кон владата, блоговите ненадејно исчезнуваат. Српскиот народен правобранител Саша Јанковиќ вели дека „се‘ почесто има сознанија дека одделни извештаи и критики се повлекувани од јавно достапните медиуми“.
Власта ја отфрла критиката за лош кризен менаџмент. Природна катастрофа не може да се спречи, велат многумина политичари. Српскиот претседател Томислав Николиќ ја шокираше јавноста со изјавата дека владата направила се‘ добро, но граѓаните не ја примале помошта и ги игнорирале повиците за евакуација.
„Граѓаните треба да извлечат поука од оваа ситуација“, рече Николиќ.
Во дебатата се вклучија и водечки личности од српската православна црква и десноекстремните партии. Тие се единствени во оценката дека поплавите се божја казна за планираната геј-парада во Белград.