1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија мора да ја прифати реалноста

Дојче Веле (З.Ј.)16 февруари 2009

И по една година од независноста на Косово, на проблемот уште не може да биде ставена точка, сметаат дипломатите кои беа вклучени во преговорите за статусот. Косовските политичари се задоволни од постигнатото.

Косовскиот премиер Хашим Тачи и претседателот Фатмир СејдиуФотографија: picture-alliance/ dpa

Поранешниот пратеник на ОН за Косово и автор на планот за надгледувана независност на поранешната српска покраина, Марти Ахтисари, неговиот заменик Алберт Роан и германскиот дипломат Волфганг Ишингер, велат дека денешната демократска власт во Србија мора да сфати дека губењето на Косово е реалност, која не може да ја промени и со која мора да се соочи. Во заедничкиот текст по повод првата годишнина од независноста на Косово, објавен во интернет на сајтот на меѓународното здружение на весниците „Проџект синдикејт“, авторите потсетуваат дека Косово го признаа повеќе од 50 земји, дека е главно избегнато меѓуетничкото насилство од кое се страхуваше, а не се случи ни масовен егзодус на Србите, што многумина го предвидуваа. Планот на Ахтисари полека се спроведува, на Косово се разместува голема мисија на ЕУ.

Иронија е дека косовските Срби, кои се само околу пет проценти од населението, по налог на српската влада одбиваат соработка со косовските власти и со мисијата на ЕУ, и со тоа го блокираат почетокот на примената на широките права за етничките заедници, предвидени со планот на Ахтисари, велат авторите на текстот. Тие признаваат дека Србија, со силна поддршка од Русија, на меѓународен план е активно ангажирана во блокирањето на пристапувањето на Косово кон ОН и други глобални или регионални организации, но не сваќаат што сака таа да постигне со тоа, оти враќање на Косово под српска управа, по се’ што се случи, е незамисливо. Неспособноста на ЕУ да усогласи заедничка политика, ја слабее нејзината улога на меѓународен план и станува најголема пречка за дејствување во самото Косово, оценуваат дипломатите. До промена на ставот кај граѓаните и владата на Србија може да доведе само единствен став на Унијата и сознанието дека е неможно пристапување на Србија кон ЕУ додека конфликтот не биде решен во целост. На Косово, пак, му е потребна јасна европска перспектива и помош, за да одговори на предизвиците со кои се соочува, порачуваат Ахтисари, Роан и Ишингер.

Дипломатот Марти Ахтисари е автор на планот за надгледувана независност на КосовоФотографија: AP

„Косово прогласи независност на начин, на кој го стори тоа и за 54 земји од светот тој беше доволен за да го признаат како држава. За сите други не“, вели Мирослав Лајчак, шеф на дипломатијата на Словачка, една од петте земји на ЕУ кои досега не го признаа независно Косово, во интервју за весникот „Сме“. Во Словачка владее широк консензус во политиката и општеството да не се признае Косово, вели Лајчак.

Честитки до косовските власти за годишнината

Американскиот претседател Барак Обама им упати честитка на косовските лидери по повод годишнината на независноста, во која нагласува: „Додека народот на Косово работи врз заедничката иднина, сакам да истакнам дека САД ќе продолжат да го поддржуваат мултиетничко, независно и демократско Косово во напорите да заземе заслужено место како полноправен член на меѓународната заедница“.

„Косово и неговите соседи на Западен Балкан споделуваат заеднички амбиции за европска иднина и Велика Британија е решена да соработува со сите во регионот за постигнување на оваа цел“, порачува во честитката британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Милибанд.

Државниот секретар во германското министерство за надворешни работи Гернот Ерлер, во разговор за Дојче Веле, вака ја оцени состојбата во Косово една година по прогласената независност: „Денес сме далеку од драматичната ситуација што ја имавме во почетокот, што имаше влијание и на други места, како на пример, во Кавказот. Во моментов се’ се концентрира врз добрата работа на големата европска мисија, која се’ повеќе расте и со која се надеваме дека таму ќе постигнеме севкупна стабилизација,“ вели Ерлер. Тој констатира дека има се’ уште спорни моменти, како на пример, околу планот во шест точки но тие се повеќе меѓу Србија и Косово. Ерлер смета дека сите тие може да се решат. “Оптимисти сме дека на крајот ќе се покаже дека немаше поразумна алтернатива за европската политика“, констатираше Ерлер во разговор за „Дојче Веле“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми