Србија - нов посредник во укрaинската криза?
1 јануари 2015Скромноста никогаш не била карактеристика на политичката класа во Србија. И овојпат, откако се дозна дека земјата од 1. јануари 2015 го презема ротирачкото претседателство со Организацијата за европска безбедност и соработка, се појавија амбициозни планови. Во Белград тоа беше сфатено како уникатна шанса да се организира свечена конференција по повод 40-годишнината од Хелсиншкиот завршен документ и на таков начин да се полира изгребаниот надворешнополитички имиџ на земјата. Истовремено, присутна е надеж на ваква конференција претседателите на САД и Русија, Барак Обама и Владимир Путин, да се приближат чекор понапред кон решение на украинската криза.
„Искрен медијатор“
Надежите се темелат на посебната ситуација во која моментно се наоѓа Србија. Од една страна Белград е кандидат за пристап кон ЕУ и официјално застапува јасен проевропски курс. Од друга страна, раководството на балканската земја се труди да ги продлабочи традиционално тесните врски со Русија. Така, Србија не се приклучи кон ЕУ-санкциите против Москва и неодамна при посетата на Путин во Белград организираше помпезна воена парада и заеднички вежби со руската армија. Оваа двојна позиција може да биде предност за Србија во украинската криза.
„Србија ги исполнува условите да биде искрен медијатор во оваа криза“, вели Ламберто Заниер, генерален секретар на ОБСЕ. Неутрален посредник добива поплаки од лево и од десно, но само така може да се биде продуктивен, вели Заниер во разговор за Дојче веле.
Србија е предодредена за улогата на посредник, смета и Драган Симеуновиќ од белградскиот Факултет за политички науки.
„Земјата не само што негува добри врски со двете конфликтни страни, туку преку крвавиот распад на Југославија и отцепувањето на поранешната српска покраина, располага и со искуства слични на оваа ситуација во која актуелно се наоѓа Украина“, вели тој. Србија, навистина, не е земја која ќе носи одлуки, но може да даде важен придонес кон мирот, оцени Симеуновиќ во интервју за Дојче веле.
„Животот, историјата и приказните не‘ учат на тоа дека понекогаш и малите може да направат нешто за големите“.
Херкуловска задача
Но, веќе одамна не веруваат сите во приказни. „Одлучувачките еропски сили, како Германија или Франција, се во директен дијалог со Москва и не им треба посредник“, смета Душан Рељиќ, раководител на бриселската канцеларија на фондацијата Наука и политика.
„Малите држави, како Србија, кои притоа и самите се борат со тешки внатрешни и надворешнополитички превирања (да го споменеме Косово) и економски тешкотии, не можат многу да придонесат во регулирањето на глобалните проблеми, иако по ротација го имаат претседавачкото место во ОБСЕ“, истакнува Рељиќ за Дојче веле.
Наоѓањето дипломатско решение претставува предизвик при кој досега не постигнале многу ни многу поголеми „играчи“ од Србија. Зашто, ни Москва, ниту Киев не ги напуштаат своите позиции во поглед на суштинското прашање - статусот на Крим и завојуваните области во Луганск и Доњецк.
„Засега Москва и Киев се се‘уште непопустливи“, вели српскиот политиколог Сименуновиќ. „Двете страни се сметаат во право и се убедени во своја дефинитивна победа. Тоа се лоши предуслови за наоѓање решение“.
ОБСЕ без алтернатива
Иако ОБСЕ досега не можеше да примени решавачки акценти, Душан Рељиќ верува - за дијалог меѓу САД, Европа и Русија нема попогодна платформа. „Западот допушти ОБСЕ долго време да биде запуштена како некој вид дипломатска муабетчилница. Не се веруваше дека Русија, и покрај сериозните ’турбуленции’, како НАТО-интервенцијата против Србија во 1999 година или руската интервенција против Грузија во 2008 година, е способна да ја откаже темелно воспоставената согласност со Западот по Студената војна“, вели Рељиќ. Но, се чини дека сега ОБСЕ претставува голема надеж за враќање кон нормалноста.
Притоа, сите страни се колнат во дипломатско решение. Но, јазот меѓу реториката и делата јасно го чувствува и ОБСЕ. Организацијата од пред една година официјално ја ужива поддршката на Украина, Русија, ЕУ и САД, но на терен во источна Украина борбите продолжуваат. Повеќепати прогласеното примирје се покажува како привид.
„Не можеме со сила да издејствуваме мир“, смета Заниер. „ОБСЕ може да посредува, но за деескалација мора да придонесат клучните играчи“. Можеби тоа ќе се случи со помош на Србија.