Србија политички понестабилна по изборите
5 мај 2016На повтореното гласање на 15 избирачки места во Србија разрешена е практично единствената дилема околу влегувањето на коалицијата ДСС Двери во Српскиот парламент, бидејќи и тие го преминаа цензусот од пет проценти. Иако и порано беше јасно дека таа е убедлив победник на изборите, Српската напредна партија (СНС) по повторените избори им се обрати на гласачите и истакна дека на 15-те избирачки места постигнала подобри резултати отколку на 24. април. Вкупно 7 политички партии и коалиции влегоа во новиот состав на српскиот парламент во кој СНС и покрај убедливата победа ќе има помал број пратеници.
Опозицијата и натаму слаба
Со оглед дека врз изборниот процес падна голема сенка на нерегуларност поради цела низа неправилности и сомнителни одлуки на Републичката изборна комисија (РИК) новинарот на неделниот време, Филип Шварм за ДВ оценува дека опозицијата сигурно уште некое време ќе ја експлоатира темата за нерегуларност на изборите: „Тоа сега практично е единствената платформа која ја има опозицијата. А како што натаму ќе се одвива политичкиот живот, целата таа приказна ќе биде заменета со некоја друга“.
Секако дека во новиот парламент опозицискиот отпор ќе биде нешто поголем, смета Шварм, но и предупредува дека не би требало да се има преголеми очекувања. „Сепак е тоа мала и слаба опозиција, а тука мораме да ги сметаме и Радикалите на Воислав Шешељ, кои најверојатно од сето ќе прават циркус. Значи ќе имаме побурен парламент , но мислам дка тој ќе донесува одлуки онака како што му одговара на премиерот Александар Вучиќ“, вели Шварм.
Потешка работа за Вучиќ
Социологот Јово Бакиќ проценува дека Вучиќ сега ќе има нешто потешка работа од порано. Опозицијата е прилично разнолика и може да се обедини само доколку Вучиќ направи некоја глупост, на што тој е наклонет, како што можеше да се види и сега по изборите. Посебна приказна е тоа што меѓу опозиционерите има многу уценети луѓе, кои ако дојде до некоја критична ситуација ќе гласаат онака како што му одговара на авторитарниот режим на Вучиќ, вели Бакиќ.
Филип Шварм пак смета дека некои опозициски партии секако дека ќе ѝ доскокнат во помош на СНС. „Очекувам дел од опозицијата на некој начин да ѝ се доближи на СНС, или да чека повик да влезе во власта, а оти потврдиот дел од опозицијата да го сочинуваат ДСС Двери и Демократската партија (ДС), која сега би требало да биде далеку поактивна во парламентот“, вели Шварм.
Уште полошо за критичарите на власта
Иако имаше многу сомнителни работи во врска со изборите, идниот парламент ќе биде легитимен, вели Бакиќ „проблем е што кај авторитарните режими, а ние говориме за таков режим на Вучиќ, стабилноста може да биде нарушена пред сѐ со некој хир на власта. Тоа веќе сме го виделе и порано. Значи, доволно е нешто да му дувне во главата на сѐмоќниот владетел и како последица да се има политичка нестабилност“. Филип Шварм забележува дека Србија веќе четири години живее во ситуација на необјавена вонредна состојба во која има медиумски државни удари и таблоидизација на политиката. Парламентот нема да влијае премногу врз тоа , а што се однесува до критичарите може да се очекува дека власта кон нив ќе се однесува по надмено и пакосно отколку порано.
Во секој случај, смета пак социологот Бачиќ, че постои поголем степен на нестабилност во Србија. Бидејжи клучната и јавно прокламирана цел на овие избори беше зголемувањето на стабилноста а се случи токму спротивното „Србија сега е политички понестабилна отколку пред изборите“