1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија пред нов испит за злосторствата

Немања Рујевиќ/Б. Георгиевски25 април 2014

Нема тела, што значи дека нема ниту злосторство, ниту пак злосторници. Ископувањето на масовната гробница кај Рудница повторно ја става Србија на испит. Дали ќе биде разоткриена машинеријата на масовните убиства?

Фотографија: picture-alliance/dpa

Стратешко повлекување, така во режимскиот вокабулар се нарекуваше заминувањето на српската војска и полиција од Косово во 1999. година. Еден војник за Дојче веле раскажува дека офицерите на неговата војска, повлекувајќи се стратешки, во камионите ги понеле и украдените вредности од напуштените албански куќи: ткаени килими, бела техника и сето останато на што можело нешто да се заработи. Покрај воените профитери, имало и луѓе со поделикатни задачи, имено во доцната пролет и летото 1999. година, да ги ископуваат телата на убиените Албанци и да ги превезуваат на територијата на Србија. Доказите за бруталните злосторства биле криени во камиони-ладилници, закопувани на различни локации или палени во високи печки. И денес, 15 години подоцна, остатоците на цивилните жртви и злосторствата извираат на површина.

Селото Рудница кај Рашка не е нов топоним во известувањето за воените злосторства. Таму уште во 2007. година започнале истрагите, но на, намерно или случајно, погрешно место. Кога конечно на состаноците на работните групи на Белград и на Приштина во Брисел беше договорено каде да се копа, археолозите и форензичарите повторно стигнаа во Рудница. Велат, не морале да копаат многу длабоко за да ги пронајдат првите коски. Досега се пронајдени остатоци на пет или шест лица, а за две со ДНК анализа е утврдено дека се остатоци на албански момчиња од селото Резал. Никој не знае уште колку тела можат да бидат пронајдени, но се смета со повеќе стотици лешеви. Како што изјави за Радио Слободна Европа главниот археолог Андреј Старовиќ, истовремено се собираат и докази: траги од камионски гуми, механизацијата која ги копала гробниците, како и гардероба, чаури од огнено оружје... Истрагата би можела да потрае и два месеци.

Масовна гробница во БатајницаФотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

Прикривање на државната одговорност

„Се работи за масовни злосторства кои дефинитивно се организирани и бараат логистика, луѓе и техника. Тука секогаш се избегнува клучното прашање- дали е тоа државно злосторство и во која мерка системот учествувал во него?“, вели новинарката Милица Јовановиќ.

Повлекување на српската војска од КосовоФотографија: Joel Robine/AFP/Getty Images

„Тоа тука вообичаено се решава така што неколку извршители ќе се изведат пред суд, а потоа целата работа ќе се заташка. Стратегијата на Белград е секогаш по малку да се извлекува, и на тој начин никогаш да не се постави прашањето за државното злосторство“, вели Јовановиќ за ДВ. Сомневањата во организираноста на злосторствата станаа непристојни најдоцна по откривањето на 980 тела на полициското стрелиште во Батајница. Подоцна, на полигонот во Петрово село беа откриени 77 тела, во езерото Перучац- 48, а од камионот ладилник кој исплива од Дунав се криеја уште 80 тела. Сѐ уште не е позната судбината на околу 1.500 албански жртви. Се претпоставува дека стотици тела биле запалени во високите печки во Бор.

Затворање на поглавјето за воените злосторства

„Ќе довезев празен камион од Бор во логор полн со војска, полиција и разни други паравоени единици, а полицаецот ќе седнеше во него и ќе го одвезеше. Потоа ќе го вратеше полн и запечатен, а на патниот налог пишуваше само: Доверливо!“, ја пренесе магазинот Време уште во 2001 година приказната на возачот на еден од камионите, кој во меѓувреме, со променет идентитет живее во држава од ЕУ.

„Секогаш возев од Косово кон Бор ноќе. Камионот им го предавав на полицајците на влезот во топилницата за бакар во комплексот на Рударскиот базен Бор. Чекав на портата да ми вратат празен камион. Набрзо сфатив дека возам лешеви, не беше потребен голем ум за тоа“, изјави возачот.

Масовна гробница во Петрово селоФотографија: Getty Images

„Првото поглавје кое треба да се затвори во односите меѓу двете општества и држави е токму прашањето за исчезнатите лица“, вели за ДВ, Иљир Деда, директор на Косовскиот институт за истражување и развој на политики. „Видовме дека ни Трибуналот во Хаг, а не верувам дека ни новоформираниот специјален суд за ОВК ќе води кон затворање на поглавјата за војната и воените злосторства“, вели Деда.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми