Србија прогласи вонредна состојба по поплавите
15 мај 2014Српскиот премиер Александар Вучиќ побара од луѓето во поплавените региони да не ги напуштаат домовите и да чекаат помош. Во многу делови од земјата во помошта и евакуацијата е вклучена и војската.
Во последните 24 часа наврнале до 120 литри дожд на квадратен метар, а обилни врнежи се очекуваат и натаму. Пет лица починаа поради поплавите.
Вонредната состојба поради поплави и временски непогоди, прво прогласена во пет градови и 13 општини во Србија, е проширена на целата територија. Најпогодени се градовите Ваљево, Шабац, Лозница, Чачак и Зајечар и општините Осечина, Коцељева, Лајковац, Уб, Љиг, Горни Милановац, Мали Зворник, Пожега, Владимирци, Кошериќ и Обреновац. Најкритична е ситуацијата на територија на Колубарскиот, Мачванскиот и Моравскиот округ, каде има зголемување на водостојот и излевање на реките Колубара, Јадра, Тамнава, Деспотовица, Чемерница и Баричка Река. Секторот за вонредни ситуации на Србија ги ангажира сите расположливи сили за заштита и спасување. За спасување, евакуација и згрижување на загрозените моментално се ангажирани сите тимови за спасување и работа на вода на Секторот за вонредни ситуации, 498 припадници на протипожарните и спасувачки единици, 100 припадници на полицијата и 100 возила, 43 пумпи и 23 чамци, се наведува во соопштението. Во областите зафатени од поплави во прекин е сообраќајот на голем број патни правци.
Владата на РС прогласи вонредна состојба поради поплавите
И големи делови од соседната БиХ се наоѓаат под вода. Премиерката на Република Српска Жељка Цвијановиќ денеска изјави дека состојбата во РС поради поплавите е алармантна и дека најтешко е погоден Добој, каде што се блокирани сите патишта.
На паузата на првата вонредна седница на владата на РС во Бањалука, која ќе трае сe‘ додека има потреба за тоа, Цвијановиќ рекла дека голем број луѓе се загрозени и дека нема позитивни прогнози и врнежите од дожд ќе продолжат и утре. Поради тоа се очекуваат поголеми проблеми, со оглед на тоа што поради врнежите не може да се врши санација на веќе предизвиканите штети.
„Сите служби се во комуникација и координација, а вчера е реактивиран нашиот штаб за следење на состојбата, кој беше активиран пред две недели кога наиде првиот бран на поплави“, рекла Цвијановиќ, јавува агенцијата ОНАСА.
Таа додала дека припадници на Специјалната единица на полицијата утринава се испратени со чамци во загрозените места и дека се активирани нуркачки клубови. Според Цвијановиќ, ова се досега незапаметени врнежи од дожд - за 24 часа паднале 72 литри по метар квадратен.
Најзагрозени подрачја се Модрича, Шамац, Пелагиќево, Жабар, Јања, Бијелина, Дубица, Градишка и Србац, а на местата каде што има потреба се праќаат вода за пиење и храна.
„И вооружените сили на Босна и Херцеговина ни се на располагање, очекуваме дека тие ќе може да летаат над оние простори каде што тоа не е можно за нашиот хеликоптерски сервис, со оглед на ветрот“ рекла Цвијановиќ и додала дека наставата на неколку подрачја е прекината.