1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се чувствуваме измамени од Европа

Избор: Зоран Јордановски16 октомври 2015

„Србија се надеваше на награда за односот со бегалците, а сега се жали за наводно нови услови за прием во ЕУ“, пишуваат германски весници, а се осврнуваат и на односите меѓу ЕУ и Турција во светлина на бегалската драма.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Ние направивме што моравме да направиме“ - ги пренесува весникот „Ди велт“ зборовите на српскиот премиер Александар Вучиќ, па продолжува: „Зад тој ангажман, меѓутоа, стои и калкулација - Белград се надева дека со активната улога во бегалската криза ќе ги забзрза преговорите за пристапување кон ЕУ“. Но, работите се променија откако Брисел објави документ во кој е набројано што е досега постигнато на релација Белград - Приштина, и што уште треба да се постигне. „Односот меѓу Србија и Косово се’ уште е затегнат, а нормализацијата на врските е предуслов за пристапувањето на Србија кон ЕУ. Тоа го знаат и во Белград и сепак се бунтуваат поради новиот документ, зад кој претпоставуваат дека првенствено стои германската влада во Берлин. ’Не разбирам зошто нашите партнери не понижуваат со такви услови‘, вели Вучиќ. Германскиот амбасадор во Белград веќе ги отфрли како ’неосновани‘ таквите прекори. (...) Комисијата на ЕУ исто така демантира - во никој случај не станува збор за нови услови. (...)

Значи, во Србија не го сфатиле процесот на пристапување - или десно-националната влада го користи документот за внатрешно-политички да се профилира? За српскиот претседател Томислав Николиќ ситуацијата е јасна: ’Ние сме измамени од Европа. (...) Таа листа е нова офанзива против гордоста на српскиот народ‘. (...) И покрај тоа, 57 проценти од Србите се согласни дека нивната иднина е во Европа. Но, условите што треба да се исполнат за тоа, помалку им се допаѓаат“, пишува „Ди велт“.

„Многу врева во Белград“

Во текстот што го носи тој наслов, „Зиддојче цајтунг“ пишува дека „за Србија наскоро ќе почнат преговорите за пристапување кон ЕУ. Условот гласи конечно да го признае Косово како држава. Но, владата гласно се противи и дури зборува за нови избори“. Весникот ги пренесува оцените на српскиот претседател Николиќ дека „политиката на Брисел била ’брутална и бездушна‘. Тој и натаму сакал неговата земја да биде членка на ЕУ, но Србија ’никогаш нема да прифати‘ признавање на Косово. Не било фер пет земји на ЕУ - Шпанија, Грција, Романија, Кипар и Словачка - да имат право да не го признаат како независна држава регионот кој некогаш беше дел на Србија, а Србија, која не е член на ЕУ и НАТО, да биде принудувана на тоа. (...)

Од самиот почеток услов за преговори за пристапување беше дека ЕУ ќе бара од Србија решение на конфликтот со Косово. Но, сега настапува фазата во која од повеќе замаглената желба Србија ’да ги нормализира односите со Косово‘ станува конкретна задача и цел. (...)

Актуелниот изблик на незадоволство на Белград уследи по средбата на српскиот премиер со шефот на косовската влада во средата вечерта во Брисел. (...) За време на разговорот мора да станало збор и за идните обврски на Србија спрема Косово. Од средата Вучиќ зборува за ’нови барања од Брисел‘, кои биле неприфатливи. (...)

Во Белград сега кружат гласини за предвремени избори. Така може на Брисел да му се покаже дека има граници во вмешувањето во српската внатрешна политика, се вели од национал-конзервативни кругови. (...)

Српското население, според анкетите, помалку се грижи за прашањето дали е Косово самостојна држава или не, туку за високата невработеност и ниските пензии. (...) Големо мнозинство на населението гледа само една можност за долгорочно подобрување на животните услови: пристапување кон ЕУ. Тоа го знаат Вучиќ и Николиќ. Нивната сегашна врева се чини дека првенствено има за цел дома да покаже дека не дозволуваат да и биде диктирано од Брисел. Кој кара некого, изгледа посилен“, констатира на крајот „Зиддојче цајтунг“.

Србија примерна, но шиканирана од ЕУ

„Тагесшпигел“ објавува белешка за српскиот претседател Томислав Николиќ и неговата „голема лутина“ оти ЕУ, како што вели, „повторно на неговата земја и’ диктира нови услови за старт на преговорите за пистапување. (...) Ова не е прв пат. Оти, Николиќ, како речиси ниеден друг политичар во неговата земја, живее во минатото. Притоа човекот кој некогаш служеше како вицепремиер во времето на Слободан Милошевиќ, беше еден од првите националисти во Србија кои согледаа дека иднината на неговата земја е во ЕУ. И неговата партија, кон која припаѓа и премиерот Александар Вучиќ, го унапредува приближувањето кон ЕУ како ретко која поранешна влада во Белград“, забележува „Тагесшпигел“.

Ердоган не смее да добие незаслужена поддршка од ЕУ, пишуваат весницитеФотографија: Reuters/U. Bektas

Да не се прават нови грешки во односите на ЕУ со Турција

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ е за отстапки на ЕУ спрема Турција, но со едно ограничување: „Во Турција повторно со сета острина се распали конфликтот со Курдите; претседателот Ердоган, кој се стреми кон тотална власт, демонстрира авторитарно владеење - значи опомените, Турција, под впечатокот на бегалската криза, да не се прегрнува толку цврсто што притоа би биле згмечени и европските вредности, имаат реална основа. Но, кризата е со невидена сила, и ако е точно дека соработката со Анкара е предуслов барем за намалување на приливот на бегалци кон Европа, тогаш поради сопствен интерес мора да му се излезе во пресрет на Ердоган“. ЕУ може да размисли за повеќе работи, „само едно таа не смее да стори: да размислува за пократок пат кон членство во ЕУ“.

„Штутгартер цајтунг“ укажува: „Големата опасност е нови грешки да ги заменат старите. Едностраната концентрација врз внатрешно-политичките потфрлувања на Турција не смее да се претвори во спротивното. Војната против Курдите, прашањата на побунетата младина против системот на Ердоган и заплашувањето на новинари не смеат да бидат заборавени поради новото партнерство. Во односот со бегалците и со транзитната земја Турција треба да се постапува врз основа на европските вредности. Рандевуто со реалноста треба да го стави под прашање сопствениот терк на однесување, но не и сопствените принципи“, пишува „Штутгартер цајтунг“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми