1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Секој сака свој патријарх

Драгослав Дедовиќ
18 февруари 2021

Без разлика чие име ќе се најде во една од трите коверти кои ќе ги извлече архимандритот Јован, врз името на новиот српски патријарх ќе се вкрстат интересите на световната власт и големите очекувања на милиони верници.

West Balkan Länder - Serbien - Dom des Heiligen Sava
Фотографија: Imago/allOver

Најстариот, архимандритот Јован во криптата на храмот на Свети Сава на Врачар само формално ќе го избере ковертот. Ни тој нема да знае чие име се крие. Неговата растреперена рака- така се надеваат и верниците и добронамерните набљудувачи- ќе биде теледиригирана од волјата на Создателот. На тоа ќе му претходи гласањето на 43 архиереји, највисоки претставници на црковната власт како владици, епископи и митрополити, кое почнува на 18 февруари.
Пред било кое име да заврши во ковертот, кандидатите- а условите ги исполнуваат дури 34 од нив- мораат да добијат барем половина од мнозинството гласови. Тоа значи: во случај сите сите црковни великодостојници кои имаат право на глас да гласаат, кандидатот мора да собере најмалку 22 гласа за да има шанси да се искачи на тронот на Свети Сава.
Меѓу тројцата одлучува- во зависност од перспективата- случајноста или Светиот дух. Оваа „апостолска жрепка“ е воведена во 1967 година, кога патријархот Герман, веројатно во намера да го намали влијанието на социјалистичката власт, одлучи во црковниот Устав да внесе нов начин на избор. Дотогаш патријархот беше биран со мнозинство гласови.

Предизборната кампања на Вучиќ

Знаеме дека претседателот на Србија Александар Вучиќ кон крајот на минатата година јавно се состануваше со двајца епископи. Тие активности можат да се сфатат како вклучување на световната власт во црковната предизборна кампања.
Бидејќи има свои медиум и свој парламент, Вучиќ посака и свој патријарх. Една од клучните фигури во „проектот патријарх“ е министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ кој, како член на Одборот за завршување на храмот, наводно таму имал и канцеларија.
Блискоста на државата и храмот на Свети Сава на Врачар подвлечена е, секако, и со 43 милиони евра- тие пари на даночните обврзници во последните неколку години беа вложени во црквата.
Како и секогаш кога подарува туѓи пари, Вучиќ бара лична благодарност. Минимумот со кој ќе се задоволи е однос на восхит кон сопствената христијанска скромност и државничка мудрост, однос кој го негуваше покојниот патријарх Иринеј.

Главни кандидати

Медиумите нагаѓаат за кандидатите кои имаат најмногу изгледи за успех. Покрај епископот бачки Иринеј, во игра се и епископот будимљанско-никшиќки Јоаникиј, бањалучкиот епископ Јефрем, митрополитот дабро-босански Хризостом и митрополитот загребско-љубљански Порфириј. Доколку се суди според медиумската експонираност и вештини, тогаш двајца кандидати кои, по се изгледа и се симпатични на власта, се истовремено и изразито медиумски писмени: Иринеј е и шеф на прес-службата на СПЦ, а Порфириј беше член на Регулаторното тело за електронски медиуми. 
Сметките би можел да им ги помрси телевизичниот и директен Григориј кој во неодамнешното интервју за ДВ покажа дека не се плаши да каже што мисли:
„Доколку како епископ на Српската православна црква би се плашел слободно да го кажам она што го мислам, како тогаш народот кој ми е доверен ќе смогне храброст да го подигне својот глас против невистините?“
Поради таквиот став, Григориј, кој инаку е владика во Германија, го навлече бесот на прорежимските таблоиди во Србија- очигледно дека власта во него гледа скандалозно независна појава, човек кој досега не дозволи да биде исплашен, ниту поткупен.
Што се однесува до самите верници- а тие во случајов не се прашуваат- епископот Јоаникиј е најпопуларен.
Но, тоа не мора ништо да значи. Двајцата последни патријарси не беа третирани како сериозни кандидати пред изборот. Тоа се особено се однесуваше на патријархот Павле во 1990. Тој доби поддршка како трет кандидат, дури по деветтиот круг на гласање, а другите двајца обезбедија поддршка уште во првиот круг.

Кој ќе го замени патријархот Иринеј?Фотографија: Marko Djurica/REUTERS

Денот потоа

Денот по изборите ќе биде ден за отрезнување. Без оглед дали пастирот на сите православни Срби ќе стане некој близок на актуелната власт или некој кој, како своевремено патријархот Павле, ќе излезе од сенка, стратешките прашања кои се пред СПЦ ќе останат исти. Односот кон косовското прашање, во политички поглед, е воедно и прашање за односот меѓу световната и црковната власт. Кој компромис во преговорите со Приштина може црквата да го прифати, а да не ја загрози сопствената темелна поставка: дека Косово за Србите е некој вид Ерусалим?
Дополнително, СПЦ е единствената институција со седиште во Србија која официјално има директен прекуграничен пристап во соседството. Така е во Босна и Херцеговина каде СПЦ од многу причини не може да се фокусира само на Република Српска како белградската политика и мора да најде начин да опстане и таму каде што Србите се политички беззначајно малцинство.
Уште поизразена е таквата позиција во Хрватска- секое разгоропадување на Белград во повремените сочни кавги со Загреб не се поклопува со долгорочните интереси на српското православие во Хрватска- да пронајде начин да живее со историските трауми и да ги присобере десеткуваните верници околу некоја достојна перспектива.
Во Црна Гора СПЦ има две можности- да остане политички актер, што би било лошо за земјата или да понуди нешто ново- трпение во помирувањето на длабоко поделеното општество.
Македонската православна црква и половина век по отцепувањето не е автокефална. Начинот на размислување на мнозинството во СПЦ за тој проблем е веројатно сличен на оној кој го наведе епископот Иринеј во едно интервју:
„И тоа подрачје е посеано со оставштините на немањиќи, речиси исто како и Косово и Метохија“. Значи, долг е патот до воспоставување на црковни добрососедски односи.
Доколку на списокот со проблеми се додаде и прашањето за канонизацијата на Алојзие Степинац, одложено на неодредено време, неостварената посета на Папата на Србија и големото заостанување во екуменското делување, застанувањето на српската црква на страна на руската во спорот со Вселенската патријаршија, тогаш новиот патријарх презема тешко бреме. Во сопствениот двор го чекаат случаите на сексуално насилство врз деца, арогантното однесување на некои свештени лица, корупцијата, недостатокот на визија за СПЦ во 21 век...
Еден човек, како и да се вика, нема да може сам.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми