Србија, Црна Гора и БиХ во “Партнерство за мир”
15 декември 2006Генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер и претседателите на трите земји беа согласни: потпишувањето на документите претставува историски настан за Балканот. Решението за прием на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во програмата “Партнерство за мир” беше донесено на самитот на НАТО пред две недели во Рига. Шефер образложи зошто: “Сметам дека е важно да биде сторено се’, за да се дојде до долгорочна стабилност на Балканот. Шефовите на држави или на влади заклучија дека важен елелемнт за тоа е ’Партнерството за мир‘. Со тоа ни за малку не стана поневажна соработката со Хашкиот трибунал, ако смеам така да кажам”.
НАТО, под притисок на САД, ги потисна сомневањата дека Србија и Босна и Херцеговина сега нема доволно да соработуваат со трибуналот за воени злосторства, чиј главен обвинител Карла дел Понте искажа вчудовидување во случајот со приемот на Србија. ЕУ одбива почеток на преговори со таа земја за склучување Договгор за стабилизација и асоцијација, оти не го апси и израчува генерал Ратко Младиќ, обвинет за воени злосторства.
Претседателот на Србија Борис Тадиќ рече: “Пред неколку месеци се чинеше целосно невозможно Србија да дојде во НАТО. Но, понекогаш можат да се постигнат цели кои до пред неколку месеци беа неостварливи. Мораме и натаму да се обидуваме. Што и да реши ЕУ, останува наша обврска целосно да соработуваме со меѓународниот трибунал”. Тоа што НАТО и’ пријде на Србија би требало да и’ овозможи на земјата да заземе пофлексибилен став во косовското прашање.
Црна Гора е самостојна држава од пред само седум месеци и приемот во “Партнерство за мир” претставува признание за досегашните реформи во војската и општеството, рече претседателот Филип Вујановиќ: “Членството претставува натамошен поттик за нашите економски реформи. Тие треба да им донесат повисок животен стандард на нашите граѓани и да создадат подобри услови за инвеститорите”.
Црна Гора и Босна и Херцеговина, за разлика од Србија, веќе преговараат и со ЕУ за склучување Договор за стабилизација и асоцијација. 11 години по Дејтонскиот договор и крајот на војната, Босна и Херцеговина е на пат кон нормализација, рече претседателот на претседателството Небојша Радмановиќ: “Во Босна и Херцеговина нема етнички конфликти – потврда за тоа е и приемот во ’Партнерство за мир‘. Мислам дека кога целосно ќе бидеме во НАТО, ќе можеме да ја затвориме таа историја”.
Критериумите за прием во “Партнерство за мир” се раководат главно од стратегиските интереси на НАТО и не толку од остварувањето демократија и правна држава кај земјите-кандидати.