Србија ќе блокира прием на Косово во ОБСЕ и Советот на Европа
18 февруари 2008Реклама
По обраќањето до јавноста, претседателот Борис Тадиќ и премиерот Воислав Коштуница ќе активираат низа инструменти за поништување на решенијата на институциите на власта на Косoво. Тадиќ веќе побара од генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун поништување на решението на привремените косовски институции. Министерот за нaдворешни работи Вук Јеремиќ побара од акредитираните дипломати во Белград владите на нивните земји да не ја признаат независноста на Косово. На претставниците на дипломатскиот кор Јеремиќ им порача дека земјите што ќе го признаат Косово во иднина не можат да очекуваат исти односи со Србија. За Радио Белград Јеремиќ оцени дека се големи шансите Србија да се избори Косово да не добие членство во мултилатералните организации. Се’ додека Србија е членка на ОБСЕ и на Советот на Европа, Косово нема да стане член на тие организации, оти во нив решенија се донесуваат со консензус. Поради едностраното прогласување независност на Косово свикани биле вонредни средби и на Постојаниот совет на ОБСЕ, како и на Комитетот на министри на Советот на Европа, соопшти шефот на српската дипломатија. На домашен план најавена е седница на српскиот парламент на која тој ќе го поништи решението за независнот. Раководствата на политичките партии најавија дека во текот на неделава, најверојатно в четврток, во Белград ќе биде организиран голем протестен собир.
Реклама