1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија ќе учествува во новите преговори за Косово во Виена?

8 февруари 2007

Согласност била дадена на разговорите во Белград. Дипломатска активност на косовските Албанци. Ахтисари денеска во ОН. Апел на Меркел до Србите.

Солана со Урсула Пласник
Солана со Урсула ПласникФотографија: AP

Предлогот на специјалниот пратеник на ОН за решавање на статусот на Косово Марти Ахтисари стигна и до светската организација, иако се’ уште не и до Советот за безбедност. Денеска Ахтисари го претставува предлогот пред Високиот политички совет за Косово, а ќе претседава генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун. Покрај Ахтисари, ќе присуствува и шефот на управата на ОН за Косово Јоахим Рикер.

Српските претставници се согласија активно да учествуваат во новите преговори за решавањето на статусот на Косово во Виена, кои би можеле да започнат неколку денови по првично закажаниот термин 13-ти февруари, изјави денеска претставникот на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, кој вчера заедно со претседавачот на Советот на Унијата Франк-Валтер Штајнмаер и со еврокомесарот Оли Рен беше на разговори со српското раководство во Белград. Солана изрази надеж дека српскиот претседател Борис Тадиќ денеска ќе стапи во контакт со Ахтисари за да го извести за подготвеноста за учество во интензивните консултации за Косово.

Од канцеларијата на специјалниот пратеник е соопштено дека се’ уште не стигнало официјално српско барање за неколкудневно одлагање на преговорите. Според информации од Белград, можно е Тадиќ да отпатува на 13-ти февруари во Виена и таму да побара одложување додека не се конституира Собранието на Србија. Паралелено се подготвува резолуција на Собранието која би содржела оцена за неприфатливост на планот на Ахтисари, а треба да биде разгледана и усвоена веќе на конститутивната седница.

Косовскиот премиер Агим Чеку в недела ќе патува во Пекинг. Тоа е дел од дипломатските активности на членовите на приштинскиот преговарачки тим за запознавање на меѓународните фактори со аргументите за независност на Косово. Членот тимот Хашим Тачи во разговор со заменик-премиерот Шимон Перес во Тел Авив побара подршка од Израел за процесот на Косово што води во независност.

Германскиот канцелар Ангела Меркел во меѓувреме апелира до сите луѓе во Србија да ги видат шансите што произлегуваат од приближувањето кон Европа. “Мислам дека во Србија има голема група луѓе кои се за европска перспектива. Сега е важно ЕУ умно јасно да покаже дека не ја затвора вратата, туку сака да ја држи отворена. Можам само да нагласам дека нема отстапување од европската перспектива за државите на Западен Балкан. Апелирам до сите луѓе во Србија да ги видат шансите што се содржани во приближувањето кон Европа” – рече Меркел.

САД поддржуваат брзо решение за прашањето за статусот на Косово, и им даваат голема подршка на напорите на Ахтисари, изјави државниот секретар Кондолиза Рајс во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом. Америка соработува со Русија и со другите европски земји за да се спроведе неговиот предлог. Инаку, во американскиот буџет за 2008-ма година за Косово е предвидена финансиска помош од 279 милиони долари, што е највисок износ досега, кога е во прашање покраината.

Министрите за надворешни работи на Австрија и на Шведска, Урсула Пласник и Карл Билт, ги повикаа лидерите на Србија и на Косово да дојдат на преговорите во Виена. Двете страни мораат да работат заедно за да се постигне за нив прифатливо решение, порачаа министрите.

Во Словачка се води спор дали министерот за надворешни работи Јан Кубиш добил од надлежниот парламентарен одбор мандат да го поздрави планот на Ахтисари на претстојниот состанок на ЕУ, или само за да се бара решение кое со консензус би било прифатено во ЕУ. Истовремено, радикалите, кои се партнери во владата, бараат словачкиот парламент да усвои посебна декларација за непроменливост на границите на Србија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми